13.02.2014

Нашата мисија

 

Мисија на Здружението ТРЕКС е да го промовира и развива здравиот и активен живот во природа, пред се планинското трчање, планинарењето, алпинизмот и други спортови и активности. Промоција на Македонија во светот како одлична дестинација за активен туризам.

Визија ни е да станеме силна организација со голем број свесни членови и помагатели со кои заеднички ќе работиме на развојот на активниот живот во природа и ќе влијаеме на правците на развој како на овие спортски гранки така и на развојот на алтернативниот - планински туризам и ќе придонесуваме за подобар развој на руралните средини, со посебен акцент на зачувување на чистата природната околина.

 

  • Основањето на ова Здружение е резултат на желбата на група спортисти да ги промовираат спортовите во планина како што се: планинското трчање, планинарењето, алпинизмот, експедициите на високи планини, турно скијањето, планинскиот велосипедизам како и други форми на активност во планина. Овие спортови се малку познати кај нас и луѓето кои се занимаваат со нив не добиваат речиси никаква поддршка ниту од медиумите ниту од релевантните институции кои се занимаваат со спорт.
  • Сите овие активности се одвиваат во природа, на планини, и занимавањето со вакви активности, макар и рекреативно, многу придонесува за здравјето, издржливоста и доброто расположение на секој учесник. Желбата ни е што повеќе луѓе да се вклучат во овие активности и да се зголемува критичната маса на позитивни луѓе во нашата држава. Секој што ќе почне да тренира со нас ќе види дека со упорна работа сѐ е можно – секоја поставена цел може да се оствари. А ние ќе бидеме тука да им помогнеме со совети и со водство.
  • Дел од основачите се спортисти-аматери, но нивните резултати полека но сигурно сериозно го надминуваат „аматерството“. Сакаме да создадеме услови нашите спортисти да можеме да ги испратиме да учествуваат во големи потфати – било да се тоа светски познати планински трки, или освојување на некои интересни качувачки проекти на Алпите или во другите планински области. Целта е да покажеме дека имаме луѓе кои се способни за навистина големи потфати. Луѓе кои се нормални, кои не се прават многу важни, не се лутат и не се караат со секого, имаат семејства, се грижат за своите блиски, за целата заедница, за природата.
  • Нашата цел ќе биде во активностите да се вклучат што повеќе млади лица, а особено деца. Градењето на здравите навики за живот и активност во природа може да биде нешто што ќе им помогне на младите полесно да се соочуваат и да се справуваат со сите предизвици во животот, особено со стресот. Исто така би ги вклучувале, или би правеле специјални акции и за луѓе со одреден тип проблеми – проблеми со алкохол, со дрога, со депресија бидејќи природата и активностите во неа се одлична терапија.
    Дружењето како социјален елемент е можеби несфатлив за некои спортисти што се занимаваат со врвен спорт, но за нас тоа е еден од темелите за нашето функционирање. Да се другарува преку активности во планина, да не се побегне од некој кој е побавен и му треба помош или поддршка, да се подаде рака кога е потребно, да се поразговара со човек кога му е тешко, тоа се хуманите елементи кои на планина се уште поизразени бидејќи понекогаш планината може да биде и сурова и тогаш доаѓаат до израз најдлабоките финеси на човечката душа и природа, а тоа е одлична можност да се запознаеме и себеси и другите.
  • Алпинизмот како форма на спортска активност бара големо техничко знаење, постојан тренинг и голема посветеност. Но тоа е спорт каде што се потребни и средства за да се постигне напредок и да се постигнат повисоки резултати. Сакаме да им помогнеме на младите и надежни спортисти да успеат во своите амбиции и да се организираат успешни акции кај нас и во странство со цел да се прослават успесите на македонските алпинисти. Секако, тука ќе бидат драгоцени искуството и советите на искусните алпинисти од постарата генерација.
  • Имаме желба – во догледно време – да се изгради добар тим од македонски планинари и алпинисти – луѓе со одлична кондиција и со одлична техничка подготвеност – за да може тој тим да оди на атрактивни локации во светот и самостојно да врши експедициски акции или искачувања на врвови во алпски стил. За тоа се потребни работа, посветеност, зрелост, организација, финансии и доколку се работи во тој правец сонот ќе може да се оствари.
  • За нас самите, но и за натпреварувачите од соседните земји и од целиот свет, ќе организираме планински трки и други слични настани. На тој начин ќе ја промовираме Македонија како одлична дестинација за планински и спортски туризам. Можности има многу, само треба добро да се организираме. Нашите натпреварувачи континуирано ќе работат на подобрување на своите способности и на физичката подготвеност, но особено е битно што паралелно со тоа ќе се гради една многу важна група волонтери кои ќе учествуваат во организацијата и изведбата на акциите и без кои реализацијата на поголеми настани е невозможна. Исто така ќе се работи на градење на свеста на останатите граѓани за тоа што значат овие трки, да знаат да излезат на улица или покрај патеката кога е настанот и да ги поздрават и бодрат натпреварувачите, да не ги кинат и уништуваат маркациите.
  • Ќе се обидеме да анимираме што повеќе области во Македонија преку организирање заеднички тренинзи во разни градови односно планински области, ќе се обидеме да заинтересираме што повеќе луѓе – и млади и повозрасни – за овој спорт. Кога станува збор за овој спорт староста не значи хендикеп, просечната возраст на натпреварувачите на најголемите светски трки е околу 45 години, а имало случаи кога победниците на најголемите светски трки биле на возраст од 60 години. Учеството во вакви активности влијае на подобрувањето на здравјето и квалитетот на животот кај луѓето. Понекогаш ќе организираме и повеќедневни кампови во кои ќе има и предавања и тренинзи.
  • Ќе се изработат летоци, плакати, брошури и друг печатен материјал за промоција на нашите проекти и активности. На нашата веб-страна како и на други погодни страни ќе се објавуваат фотографии и видеоматеријали за нашите активности, како и специјални промотивни видеа. Ќе организираме и Видео фестивал за планинско трчање. Присуството на социјалните мрежи, постојаното давање корисни информации за постоечките членови, како и за потенцијалните нови членови кои би дошле на нашите акции е од голема важност за успешното реализирање на плановите.
  • Во секоја област, за да се успее, потребна е постојана едукација, истражување, усвојување на најсовремени светски сознанија за подобрување на квалитетот на спортовите во планина – технологии, опрема, исхрана, начини на тренирање и многу други работи. Членовите на Здружението преку личен пример и како програмска определба ќе се трудат да бидат што подобро информирани за сето ова и да го вклучат во своите редовни активности.
  • Ќе се трудиме нашите членови да учествуваат во активностите на други сродни клубови и здруженија преку учество на разни улични трки, маратони, ултрамаратони, алпинистички табори и др. Исто така ќе им помагаме и во организацијата на нивните трки и настани како волонтери со цел да се унапредува спортот кај нас. Соработката е клучот за успехот и сите здруженија од невладиниот сектор треба што повеќе да соработуваат, а особено оние што се занимаваат со сродна проблематика.
  • Развивање спортска соработка со поединци и друштва од нашата земја, од Балканот, од Европа и од целиот свет. Нашето Здружение ќе се стреми да оствари позитивна клима за разбирање и соработка помеѓу сите учесници во случувањата на планина, независно за кој спорт се работи. Притоа националната, верската или каква било друга припадност на луѓето не смее да претставува пречка да се биде на планина, да се биде позитивен и активен. Ние и досега имаме стекнато многу пријатели од Балканот и од Европа, па и пошироко, со кои редовно комуницираме и остваруваме контакти. Таквата позитивна енергија е нешто што ги прави учесниците во овие спортови препознатливи – сите се среќни, насмеани, спремни за помош и соработка.
    Соработка на меѓународен план со слични здруженија и организации на светско ниво. Ќе се обидеме прво да се зачлениме, па во заемната комуникацијата со нив ќе дојдеме до нови сознанија, идеи, видици, а и тие од нас можеби ќе добијат некој нов импулс. Познатите светски трки каде што ќе учествуваат нашите тимови ќе бидат искористени и за воспоставување контакти со организаторите, делење промотивен материјал за нашите трки и други активности, обезбедување други корисни типови соработка со организаторите и големите светски спортски брендови кои се спонзори на ваквите настани.
  • Нашата активност главно се одвива во природа и тоа многу често во делови од природата каде што ретко одат другите луѓе. Наша постојана грижа ќе биде да ја сочуваме чистотата на природата и со ништо од нашата активност да не придонесеме за нејзино загадување или дегенерација. Ние сме дел од природата и како свесни битија мораме да ја прифатиме одговорноста да се грижиме за нашата природна околина. Личната свест на секој од членовите на Здружението постојано ќе ја потенцираме и зголемуваме, за да бидеме позитивен пример со своите дела и за останатите. Ќе иницираме проекти и ќе застанеме зад секоја иницијатива за заштита на природните убавини на нашата татковина бидејќи друга немаме.
  • Ќе предлагаме и ќе учествуваме во проекти за популаризација на спортовите на планина и за развој на руралните области преку соработка со локалната самоуправа, со домашни и со странски организации и здруженија. Развојот на планинскиот туризам има голем потенцијал. Притоа ќе се залагаме и за проекти од меѓудржавен карактер бидејќи голем дел од нашите планини ги дели некоја граница ќе се залагаме за одредени активности да се добијат дозволи за преминување на територијата на соседната земја – во рамките на целиот планински масив, бидејќи вака практично гледаме само една половина од планината. Притоа ќе се трудиме сето тоа да биде во соработка со слични здруженија и организации од соодветната соседна земја.

 

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram