14.02.2014

Трчање околу Скопје (Skopje Horizontal Run) – 26.1.2014

Во еден неврзан разговор, повеќе на шега, Кире Наунчевски од клубот Делта – а поттикнат од името на Вертикал километар трката на Церипашина (Ceripasina Vertical Kilometar) – предложи да организираме трка по рамен терен во Скопје (Skopje Horizontal). Бидејќи за слична патека веќе размислувавме со Јовица Јованчев и планиравме да си направиме тренинг, не ни беше потребно многу да ја договориме и да ја реализираме целата работа. Претходниот викенд ние тројцата главните „виновници“: Јовица, Кире и јас, ја истрчавме целата патека и заклучивме дека е сосема во ред. Добро е што се прави речиси цел круг околу Скопје, а имаме многу малку контакт со сообраќај. Пуштивме информација на Фејсбук-групата за трчање и пријатно се изненадивме кога многу луѓе се пријавија да ќе учествуваат.

Утрото беше прилично свежо, со температура под нулата. Но сепак кај мостот „Близнак“ во 9 часот се собраа околу 20 девојки и момци и едно куче. Со оглед на временските услови ова беше повеќе од одличен одзив. Некој сега ја почнуваше новата сезона, некои си трчаат цела зима и ова им беше добра можност да се испробаат на нешто подолга патека. Оние на кои им беа многу 30 km можеа кога сакаат да си застанат и да се вратат назад. Апсолутна слобода.


На стартот кај мостот „Близнак“

За околу половина час го минавме центарот на градот со задолжително влегување во цивилизација поради ископините што се прават по кејот веќе подолго време. Кај „Жабар“ ни се приклучија Софија и Тања и така продолживме кон крајот на кејот, мостот „Обединети Нации“, каде што ни се придружи Андријана. Оттаму продолживме до вториот мост и потоа минувајќи неколку улички, тргнавме по патот кој води кон с. Горно Нерези. Тука започна не баш хоризонталниот дел од патеката, станува збор за блага угорнина одлична за тренинг.


Почетокот на искачувањето кон Горно Нерези


Студени облаци над Водно

Кај манастирот „Св. Пантелејмон“ направивме мала пауза за да се напијат луѓето вода. Не можевме да правиме поголема пауза бидејќи беше ладно и секое подолго стоење можеше да предизвика значително изладување па и промрзнување на некој прст. Затоа полека продолживме со трчање кон Средно Водно по прекрасната патека. Покрај нас имаше малку снекче и замрзнати вирчиња. Околу 11.30 часот стигнавме на Средно Водно. И тука малку се одморивме, па по патеката тргнавме кон Марково Крувче и оттаму стрмно се спуштивме до населбата Кисела Вода.


Кон Марково Крувче


Спуштање од Марково Крувче – делот каде што се пробива новиот пат


Уште малку и пак во цивилизација

На некои од учесниците овој дел што го минавме низ шумскиот терен, а особено стрмното спуштање им беше ново искуство и се надевам дека во иднина повеќе ќе се охрабруваат да трчаат по нерамни терени во природа.

Патеката потоа одеше по тротоарот на булеварот па до мостот „Близнак“, со што кругот се затвори. Убаво трчање и дружење кое се надевам дека некогаш пак ќе си го повториме. Честитки до сите позитивни луѓе кои учествуваа на првата Трка по рамен терен во Скопје (Skopje Horizontal Run).

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк:

https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/SkopjeHorizontalRun

Текст: Трајче Панковски
Фотографии: Александар Смилков, Здравко Дејановиќ, Трајче Панковски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram