28.05.2014

Планинска трка на Витоша (Salomon Vitosha Trail)

Не требаше долго за да одговориме позитивно на поканата од нашите бугарски пријатели за учество на второто издание од нивната Планинска трка на Витоша (Salomon Vitosha Trail).


Пауза кај Жидилово пред граница

Откако се преброивме, по некоја случајност или не, математиката покажа 9 трчачки расположени тестостерони: Трајче Панковски, Жикица Ивановски, Јовица Јованчев, Мики Стефанов, Никола Павлов, Филип Тумановски, Ѓоре Ѓорѓиевски, Борче Милосковски и јасМарјан Бонев.

Планинската трка на Витоша (Salomon Vitosha Trail) e кружна трка која се случува на планината Витоша во Софија, Бугарија. Трката изобилуваше со технички детали, снег, мини-мочуришта и лизгави камења – елементи кои бараат голема фокусираност и „прилагодување на брзината според условите на патот“. Се случи изминатава сабота, на 24 мај. Истата се нудеше во 3 пакувања: 27 km со 1.300 m висинско искачување (D+), па 12 km со D+ 600 m и рекреативен формат од 5 km со D+ 100 m. За првите 2 трки искачувањето беше по иста патека до највисокиот врв на планината – Црн Врв 2.290 мнв, а потоа по различни патеки се спуштаа до финишот кој всушност претставува и старт на трката (планинарскиот дом „Алеко“).


Атмосферата во првите 30 минути од регистрацијата за трката

Патешествието го започнавме еден ден пред трката, во петок, околу 16.30 часот кога тргнавме кон Бугарија, со намера да преспиеме во „хижа Алеко“ и да се аклиматизираме на 1.800 мнв. Па така по долго асфалтно и кратко клацкање по карактеристичната бугарска коцка, стигнавме нешто пред полноќ, домарите си легнале, ама нормално учтиво телефонски ги разбудивме за да ни отворат. Потоа следуваше разгледување на профилот на патеките, краток муабет, изведување секој на своите ритуали и кома во кревет.


Загревање пред трката

Следното утро станавме сите според тоа на кој колку време му треба за подготовки пред трка и се собравме заедно во 8.30 часот за регистрација во дворот на планинарскиот дом. Стартот на долгата трка се случи во 9.45 часот додека на средната во 10.30 часот.

Организацијата беше одлична, маркацијата беше квалитетна (со минимални нејаснотии), имаше неколку контролни пунктови со вода и храна, времето се мереше со чипови на рака и контролни чип-чекери, За фаворитите имаше и ГПС-уред за следење во текот на целата трка со видеоприказ на мапа на голем екран поставен во пунктот каде што се пречекуваа тркачите кои ја завршуваа трката.


Старт на трката на 27 км

Долгата трка ја завршија 96, додека средната трка ја завршија 90 натпреварувачи. Помеѓу тркачите беше и најпознатиот бугарски тркач Кирил Николов, со прекар Дизела, кој моментално е и најдобар во ориентација во планина. Николов исто така го сруши сопствениот рекорд на долгата патека и постави нов од 2 часа 24 мин. и 40 сек.


Старт на 12 км

Одлично се претставивме и ние. Јас ја истрчав трката за 1 час 11 мин. и 16 сек. – доволно за 3. место во севкупен пласман и 2. место во мојата категорија, а Жикица Ивановски одлично ја „извозе“ долгата патека со време под 3 часа т.е. 2 часа 58 мин. и 48 сек. што е одлично 13. место во севкупен пласман и 12. место во својата категорија.

Сепак, најважно е дека сите од нас ја завршија трката неповредени и во предвидените временски ограничувања.

Убави спомени си понесовме од оваа трка-патешествие, најдовме простор да ја презентираме и нашата трка – „По стапките на Крали Марко“, а Бугарите повторно се претставија како вистински домаќини – ќе им одиме пак!

Резултати тука


Приказ на теренот


Жико на Црн Врв


Ѓоре на Црн Врв


Јоцо на Црн Врв


Марјан на „подиум“ на трката на 12км

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram