19.10.2016

КМТ 2016- Мојот прв DNF

Krali Marko Trails,
24-25 Септември, 2016 година, Прилеп, Македонија
90 км, 4200 Д+

Цела година без ниту една ултра трка. Првата 90-ка во Македонија, историска. На Истра 100, Истра, Хрватска бев пријавен не појдов. Имав по некоја болка во тетивите, ништо страшно, ништо пресудно, рокови ме газеа, а магистерскиот труд не беше готов. Рано е во сезона, ќе има уште трки. Битно е да го завршам ова, одамна ми се влече. Се изнатрчав на Скопски маратон, прво полумаратон со Хеки (Хекуран Зеќири), па 7-8 км со Жико (Жикица Иваноски), иако не трчав редовно тој ден се чуствував одлично. Магистрирав во Јуни/Јули.

1pcСлика бр.1 – На магистрирањето

По магистрирањето почнав активно да се спремам за Персенк, Асеновград, Бугарија. Дури и одморот го темпирав од поодамна, и како никогаш до сега се беше испланирано, Геракини, Грција (6 ноќи), Пампорово, Бугарија (4 ноќи), а после тоа Асеновград, (3 ноќи) трка. Темпирав, планирав, ама не испланирав, се си мислев дека Sarplaninski Sky Race е на 02.08.2016 година, тоа да ти било на 13.08.2016 година, откако се уплатив сега нема промена на терминот за одмор. Шарпланинскиот оваа година поради одморот ќе мора да се пропушти. Во меѓувреме Summits of Our Life’s 🙂 🙂 🙂 , ах таа Шар Планини и нејзините врвови. Дамнешна желба ми беше да се тргне од дома од влезната врата на дворот и да се трча до некој врв и назад. 10.07.2016 година, со Жико, Тетово-Шапка-Титов врв-назад, 43,5 км 2490 Д+ за 6 часа и 19 мин. Помалку од два часа, некаде околу 1ч и 57 мин. ни требаше да качиме Тетово-Шапка, уште толку 1ч и 54 мин. за Шапка-Титов Врв. За спуштање, 1 ч и 11 мин спуштање Титов Врв – Шапка и отприлика 1ч и 14 мин. за Шапка – Тетово. Уф какво чуство во една недела, две животни цели се постигнати, магистрирам, па трчам од дома до врв и назад. Мислев дека летам, дека сум непобедив.

image-0-02-01-546385e675fc4cd6ff31fa43ac52a77fe44bde0bf8d696737f423f477d64c6d3-vСлика бр.2 – На старт
Плоштад Тетово
image-0-02-01-0a542555f3ce1409c81b0f50eafad0fdf842cfe71eb6447ef01967a3e071e3d0-vСлика бр.3 – Во подножје на Титов Врв – позади нас

image-0-02-01-494157f70526177df216dfc4c6a511e3982e3cc3d84e120e78cbfe57c8480537-v
Слика бр.4 – На Титов Врв

image-0-02-01-17648a1dd52a170138ad9e1d01469ef7e6bdb00907559aada3b54858ab25298c-vСлика Бр.5 – Назад на Плоштад

Еве на линкот подолу може да се прочита што напиша Жико за подвигот:
http://astrajon.blogspot.mk/2016/07/10062016.html?spref=fb
Се јавува Карас (Игор Јованоски) вика ајде да лупаме малата магистрала. Ок, ајде предизвикот прифатен, ама не за долго. Роденденот на Кирил (помалиот син) паѓа баш тие денови, се најавија гости, па мора да се мисли како излез од ситуација. Не можам да речам не, откако реков да, дополнително потребна е должина за Персенк. Па викам ајде вака ќе направиме ја ќе ја идам омилената рута на Јоцо (Јовица Јованчев) с.Старо Село – врв Љуботен – Пирибег и назад, до ручек ќе сум дома, на вас тројца (Жикица Иваноски, Игор Јованоски и Игор Јосифов) секако ќе ви треба логистика и некој да ја вози колата, ете ја ќе сум тука спремен за таа работа. Ноќ, кој знае кое време беше, тие тројца ме земаат од дома. Ноќеваме на игралиште у с.Старо Село, сабаје порано пред петли на нога.

20160722_223552Слика бр.6 – Вечерата пред подвигот

20160722_215406Слика бр.7 - Кампот

Доручек и потоа правец кон Љуботен, на врв сме нешто приближно за исто време како лани, отприлика за 2 часа, следува спуст кон Козја стена, па патчето кон врв Пирибег, промашивме неколку изворчиња, па едвај најдовме еден за да се наполни вода. По правило наполнив се вода се што имав, а потоа следеше едно долго мачно искачување до врвот. На врвот моите резерви на вода отприлика колку едно шише им ги давам на нив тројца се поздравувам и бегам назад кон Љуботен. Решив да идам по срт накај врвот Ливадица, оттаму ми изгледа полесно, но ми текна дека немам вода и почнав да спуштам надолу кон патеката под Ливадица, се плашев да не спуштам премногу па спуштав внимателно. По извесно време некако стигнав до еден извор, грга ладна вода, се натоварив наполнив двете шишиња, па повторно пат под нога. Како по правило се случи најлошото, ја промашив патеката и неосетно се спуштив тукуречи до бачилата, кога видов веќе беше доцна. Одев по изохипса и по малку нагоре кон Љуботен кој веќе се гледаше. Топло беше и губев на моменти сила, но ме тешеше помислата дека за разлика од моите другари, ја барем по пат наидов на едно чудо извори со ладна вода. Иако се ближев до Љуботен, сепак многу бев ниско и далеку од сипарот, па морав и многу да качувам. Решив да идам малку повеќе вертикално отколку дијагонално за да качам што повеќе нагоре, по незнам колку време, откако веќе почнав да губам сила, енергија и волја, ОПА!!! ЕТЕ ја, налетав на патеката. Се израдував како мало дете, си реков конечно ќе можам да потрчам и да ги олабавам нозете пред сипарот. Радоста на траеше долго, затоа што почнаа да се собираат облаци. Поитав, ама сипарот нагоре не дава да се оди брзо, се мачев, се лизгав, се борев, го качив. Иако стануваше се потемно и облаците се поматни, се радував зошто Љуботен беше качен, го ресетирам саатот и за 22 мин. сум долу на Домот. Мала пауза и после 35/36 мин. сум во село. Оваа авантура ми ги подгреа надежите дека сум добро подготвен дека може да издржам како долги качувања, така и поостри и пократки. Сите надежи за успешна трка беа насочени кон Персенк.

На линкот подолу може да се прочита што напиша Игор-Карас за подвигот:
http://karas4training.com/mk/news/mala-sharplaninska-transverzala-golemo-planinsko-iskustvo , имам негде и некоја фотографија плус, ама ќе треба да ги најдам пред да ги објавам. 🙂

Тренинзите продолжија кога почесто, кога понечесто, кога-како се има време. Следи одмор па трчање поред море, трчање во вода, пливање итн. Претпоследен ден од одморот веќе мислиме на пакување на торбите, кога бам, Филип паѓа на игралиште, раката му е скршена. Го земам од земја, со извртена десна рака, го кревам и на доктор (Метаморфози, Полигиро, Солун). Го држам во рака цело време, а тој не ме попушта, нашиот пријател Витко од Ниш, Србија вози и кутриот помага колку може само детето да е во ред. Во болница во Солун, ноќта, се претвора во ноќна мора на секој родител. Докторот ми вика „се сомневаме на скината артерија, операцијата е високо ризична, можеби ќе треба да ве носиме со хеликоптер за Атина“, Ја му викам чекај седни таму карши, да седнам ја овде, кажи сега, што ми рече и почнувам да се тресам. Ми повторува, и ми вика немој да се грижиш се е средено консултираме кардио-васкуларни хирурзи за деца од три клиники, и во Атина се е спремно. Ме остава некое време сам у соба со Филип, ја крв немам, се ми се врти низ глава, се молим за детето, а почнуваат веќе и солзи на очи да ми течат.

20160810_185839Слика бр.8 – Убавиот дел од одморот

nesrekjaСлика бр.9 – Несреќа и очај

По извесно време операцијата почна, се сеќавам само на милоста на една од сестрите која ми даде ладен сендвич и сок. Кутрата, ја прашав каде може да си купам храна, таа тажно ми одговори за жал во околината нема отворена кантина и/или ресторан. А потоа се појави со сендвичот и сокот. 03:20 по два часа операција, докторите се појавија над мене поспан, ми викаат: „Со Филип се е во ред, имал среќа, нема оштетени крвни садови, но ќе мора да останете овде неколку дена“. Треба, треба, што се мора не е тешко. Збогум Персенк, сепак Филип е побитен од тебе. Криво ми е што добро испланираното на крај заврши вака, криво ми е за Персенк, ама побитно ми е детето да биде добро, да биде се во ред со него, трки ќе има уште. Мојот немирен дух не ми дава цел ден да седам мирен во болницата, неколку околни ридови ги гледам како ми се смешкаат, арно ама болницата е затворен круг. Па веќе вториот ден почнав да размислувам: затворен круг, асфалт, скали, некаде околу 1,2/1,3 км должина, топ за трчање. Ако трчам ќе мислат сум полудел, некој може и ќе ми пререче: „еј што мислиш ти, не си на улица, у болница си“. Си викам што наместо трчање? Аха, Да ми текна! Брзо одење. На секоја ултра има делови кои се пешачат, ќе тренирам пешачење, брзо одење. И така и би. Припремите за КМТ, почна со брзо одење околу болницата ПапаГеоргиу во Солун. Тренинг динамика еднаш до два пати на ден по 1 час.

n1Слика бр.10 – Лошото помина

n2Слика бр.11 – Порака за охрабрување  „Се ќе биде во ред“

По немилите настани во Грција, следеше убаво пешачење со Трајко (Трајче Панковски) и Јоцо, с.Одри-Пирибег-Љуботен-с.Старо Село, вадење на маркацијата од Скај рејсот, еднодневно уживање добра припрема за Крали Марко.

20160821_075301Слика бр.12 – Некаде над с.Одри

20160821_091730Слика бр.13 – Таму негде накај облаците

Ноќниот полумаратон во Парк истрчан за 1:30, две минути послабо од мојот личен рекорд, ова веќе ми укажува дека сум во добра форма, можеби не најдобра, но сепак е добра форма.

fb_img_1473579091753     fb_img_1473578920136Слика бр.14 и 15 – Ноќниот

Помина се што помина се приближи датумот на Крали Марко, резервација на хотел и цело семејство фаќа пат за Прилеп, сите се ложат, а децата посебно. Ќејф им е што и тие ќе трчаат, ќе бидат дел од нешто. Некако сум самоуверен, последните денови повеќе одмарам во цела недела сум трчал едвај два пати.

Петок вечер во очи на трката на зборното место кај што треба да биде сместено седиштето на трката сите вклучително и децата уживаат во подготовките за утрешниот ден. Малку се пргави, палави и ни прават неприлики, но добро е, сепак се деца и со нив се е повесело.

20160923_203856
20160923_204455Слика бр.16 и 17 – Припреми пред КМТ

Легнуваме рано, за да се наспиеме, утре не чека долг ден. Малку шетање обиколка на пријателите добро хидрирање и се разбира бурек и јогурт за доручек, а стек и ќебапи за ручек. Што да кажам не сум по сите правила за спортска исхрана, непоправлив хедонист. Единствен кој може да ме сфати е Кире Димоски J , си разменивме некоја порака на шега за јадењето колку за добра атмосфера и опуштеност.

20160924_095926Слика бр.18 – Бурек и јогурт

20160924_153645
Слика бр. 19 – Стек и ќебапи

Денот долг не минува како што наближува 23 часот, се повеќе почнува се околу мене да ме нервира. Жената, децата, времето, луѓето се. Некако дојде 20 часот мала брканица до стартно-целната рамнина и назад до Општината, се со цел да се фати нешто од техничкиот состанок. Таму децата горе доле мирни, за првпат го гледам Бурим Бафтири замина човекот во Осло, Норвешка каде е веќе 3 години, доаѓа прв пат после толку време и токму на трката. Некогаш одлично трениравме и одевме по трки заедно, но туѓината го раздели тимот, тандемот од Тетово. Ни беше мило што се гледамо и што после толку време пак ќе трчамо некоја трка заедно.  21 часот паста парти, можност да се запознаат другите, да се видам со кого не сум се видел. Накај 21:30 во хотел во соба, Сандра и децата си заминаа ме оставија сам за да можам да поспијам, да дремнам. Арно ама, не дава пустото прска адреналин не можам око да склопам. Ја спремив опремата, се облеков, и доле на кафе, набрзина го пијам кафето ја барам Сандра да дојде да ме земе и да ме носи на старт. Додека чекам забележувам дека е надвор е ладничко. Во кола Кирил веќе спие, а Филип сеуште буден, но и тој е при крај со силите. На пат кон Варош (старт-цел) на трката неумесно проговарам, какво е ладно има да изгинемо вечер сите до еден како глувци. Од тогаш расположението кај Филип се смени, почна да плаче, да ме гушка, не ми дава да излезам од кола ме влече и цело време повторува „Тато немој да идеш, ќе изгинеш, ќе се убиеш, ќе се искршиш“. Се обидувам да му објаснам дека тоа е, и било само фраза, дека овде никој не гине, не се крши дека многу трки сум поминал и од секоја сум се вратил жив и здрав. Но детето не по пушта, не дава, не ми дава од кола да излезам, рипа на мене, ме гушка, ме моли, плаче вика на глас, „тато немој ќе се испокршиш, тато ја знам ти ќе се тркаш да победиш и ќе се испокршиш“ иди па му објасни сега. Му објаснувам дека нема ништо да ми биде, дека се е во ред, дека овде не е важно да ги победиш другите, туку себе, најбитно е да стигнеш на цел, секој што ќе стигне на цел е победник, дека тато не трча да победи итн. Не бива, после 10-тина мин. попушта и ми вика добро иди ама „те молим немој да трчаш да победиш, трчај да се вратиш, а да не се искршиш“. Му викам ок, ти ветуем дека така ќе биде.

14445070_1191975040825003_7977738492316839650_o
dddss1Слика бр.20 и 21 – пред стартот

Стартот се ближи адреналинот расте, 23 часот и трката почна. Бев многу самоуверен и уште од старт излегов напред, што се вика го презедов челото на трката. Уште на старт некако уклучи-исклучи ми оди тешко со лампата, ама сеуште е рано за да сфатам зошто. Тргнав напред се одвоив сам некое време па се завртев да погледнам каде се Жико, Мики некој од нашиве. Не ми се идеше сам, се свртев, видов не можев да ги најдам не сакав да застанам да ги чекам, си реков ајде ќе фатат ритам и негде нагоре накај Трескавец ќе се најдеме по пат.

14500760_1191985787490595_5473247619745265718_oСлика бр.22 - Стартот

Продолжив напред, ме поминаа двајца Бугари, подоцна разбрав дека се работи за Ивајло Атанасов (победникот, прво пласираниот) и Александар Спасов (второ пласираниот). Се обидов да идам со нив, но темпото ми беше брзо, тие ме одминаа и си заминаа, а јас не можев да ги пратам. А сакав да ги пратам, и не заради друго, некако ми се гледаше повесело, посветло во нивно друштво. Кога си заминаа почнав да се препнувам често и многу, и некако се стекнав со впечаток дека додека бев со нив помалку се препнував. Сеуште не можев да сфатам дека проблем ми е лампата, дека не свети како треба, дека нешто се мачи, иако тешко ја пратам патеката и често се препнувам, си викам немарност, трема ќе мине. По извесно време рамна патека, благи многу кратки успони и многу кратки спустови следеше еден малку по јак, по долг спуст, по некоја карпа тоа е може да се каже првиот вистински спуст на трката, го знам не од оваа година, секоја година е тука и му се радувам, конечно можеби ќе можам да ги пристигнам двајцата пред мене, а и ќе побегнам на некое од светлата позади мене. Се спуштам, ама очите нешто не ми гледаат се чудам што е, кога некаде пред крај на спустот, промашувам со левата нога, се лизгам и се тркалам по карпата надолу, еден колук напред, па тркалање, неколку метри подолу успевам да се исправам и да продолжам да трчам. Чуствувам како ме печат нозете, чуствував како тече крв, знаев дека се одрани колената, лактот, и не знам што уште друго, но не сакав да застанам да видам колку сум убиен. Позади мене светло си помислив, се надевам не ме виде и нема многу да се смее. Ме помина, си замина, сигурен сум дека тоа беше уште еден од тркачите од Бугарија, но не сум сигурен кој, иако мислам дека се работеше за Александар Светославов. Си помислив штом после таквиот пад не ме праша како сум, дали сум добро, сигурно и не ме видел како паѓам. Прво на што помислив е дека можеби токму падот, дека токму повредите ќе ме оневозможат да идам до крај и да ја завршам трката. Потоа си помислив како можев да бидам толку идиот и да не ги проверам батериите на челната, зошто не си ставив нови, без воопшто да ги проверувам тие што беа внатре во челната. И на крај се сетив на Филип како не ме пушта и плаче по мене. Си викам, ако ова беше тоа кршење, еве се искршив сега треба да се тркам, а во позадина на мојата свест ме мачи еден глас на сомнеж дека токму падот може да ме оневозможи да идам до крај.

Следува долго качување кон Трескавец, имаше време да се размислува. Колената печат, десното почна и да боли, се надевам дека е само поради модринката, набиено е од ударот во карпата и се молев да не е внатрешниот дел од чашката ’рскавицата како што беше тоа на Истра во 2014 година. Некако се исправам над сите мисли и одам понатаму, се качувам, тоа е оној успон, патека која минува низ карпите што се наоѓаат на делот пред да се излезе на асфалтот кај Трескавец. Пред мене едвај ги гледам челните лампи на првите тројца, зад мене се гледаат повеќе лампи како идат нагоре во мој правец и се движат побрзо од мене. Застанувам за момент ми дојде премногу топло, го соблекувам и ставам во ранец шушкавецот. Некако во тој момент ме пристигнува уште еден тркач од Бугарија, Златин Роев. Одам нагоре, но лампата слаба и само се препнувам, лизгам, виткам лево-десно, се обидувам да стабилизирам некако да си најдам правец, да ја олабавам што се вика ситуацијата, ама не оди, на неколку места му давам предност да ме помине, Златин одбива, не сака. Се чудам, зошто? После трка на пиво пиење, ми кажа дека му одговарал мојот ритам нагоре, зошто и тој бил слаб на успон, кутриот живеел поред море, а таму нема високи планини. Идам напред, тој позади мене го качивме некако тој тревнат и карпест дел, излегуваме на асфалт, си викам на себе си конечно ќе можам малку да живнам, нема повеќе препнување, паѓање виткање нозе, зглобови. Се мислам да сменам батерии на челната на Трескавец. Некако нагоре накај Трескавец, се создаде ривалство меѓу мене и Златин се бркавме што се вика по асфалтот ќе ме помине, па ќе го поминам и додека ние двајца се јадеме, поминуваат Жико и Мики, дисциплинирано во еден ритам напред Жико позади него Мики. Конечно некој од нашите, боже колку ми е мило што ги гледам. Решив да фатам ритам со нив, да не се двојам од нив барем до Плетвар. Тие напред ја по нив, на контролна по нешто земаат во рака, земам и ја и тројцата фаќаме надолу патот. Не знам како, но заборавив на слабата челна лампа, а требаше да мислам и да ги сменам батериите, ајде си викам долу на езеро, таму е наредна таму ќе средиме со батериите и одам понатаму.

14480735_1191976764158164_8757076960399691100_oСлика бр.23 – Нагоре кон Трескавец

Жико, Мики, Јас, позади нас Златин. Жико водеше додека не излеговме од манастирот и на вистинскиот пат по карпите надолу, реков ајде малку ќе преземам напред, но погрешна одлука со слабото светло, ги однесов во погрешен правец, после тоа се повлеков назад на трет во линијата и се обидував да ги избегнам ударите кои ги добивав. Златин некако во овој дел беше побрз, па се одвои и си замина далеку од нас, останавме само ние тројца. Ги следев, колку толку покрај двете нивни лампи имав повеќе светлина, но мачно беше следењето, едноставно неможев да куртулам од честите препнувања, малку, малку па оп ќе се сопнам, пак малку, малку па ќе се изгребам, па ќе западнам, па ќе свиткам нога и се така се врти како во круг. Застанувам еднаш или два пати да врзам врвка и да мочам, а потоа иако е надолу и спуст, не можам да го извлечам максимумот и да ги стигнам Жико и Мики. Кога и да пуштам чекор бам нешто, некој камен, гранка, самата патека е против мене, едноставно не ми дава пат, не ми дава чекор. Успевам да ги стигнам со тешки маки, малку ќе ми олесни, но не за долго. Влегуваме во шумата пред езерото, трчаме во убав ритам, кај нив се е во ред, лабави се што се вика, а мене се ме мачи, мислам дека таму во шумичката ја фатив и се сопнав, ама баш на секоја гранка, корен, што и да е што беше испречено на патот. Знам дека еднаш и Жико добро се сопна, не го видов моментот, но откако се испружив колку сум долг на истиот корен, го слушнав како му се обраќа на Мики: И ти ли? А овој му возвраќа не ја, Александар. Се мислев дека мора да се реши случајот, мора да се сменат батериите и во моментот само на тоа мислам. Од Плетвар нагоре кога ќе се тргне на Козјак двајцата повеќе од сигурно ќе ми побегнат ако сум со добра челна за надолу до Крстец ќе ги уловам и пак ќе идам со нив. Сега на езеро и ако заостанам до Плетвар макадам е, ќе можам да ги пристигнам, да им се приближам. На езеро застануваме тие земаат по нешто, ја вадам ранецот земам нови батерии, ги ставам во челна, челната не свети. Оф си викам мора погрешно да сум ги ставил ги превртувам, пак ништо, пак челната не свети. Ги превртувам, за случај да не се погрешно ставени пак не свети. Пак ги превртувам, пак не свети, пу си викам ја’зк, ми иде да викам од нервоза. Пред трката нови неотпакувани ги врзав со ластик, па во најлонска кеса, и ги ставив во ранец. Претурам по ранец, знам дека ставив уште три други, секогаш идам со две резерви на батерии, неможам да ги најдам. Барам батерии од волонтерите никој нема. Ме стигнаа Марија и Костантин, ме поминаа си заминаа, веќе почна да ме фаќа нервоза изгубив многу време. Ги враќам старите батерии слаби или јаки барем со нив лампата свети, и си заминувам. Макадам е лесно ќе е, на Плетвар ќе барам чаре. Ги стигам Марија и Костантин фаќам чекор со нив, чувствувам дека ритамот ми е брз, ама не сакам да заостанам, држам колку можам, и повторно и на ова рамно ја ќе најдам некоја дупка некој камен што ми ја јаде душата и нозете. Негде пред каменоломот веќе не можев да го држам нивниот ритам, малку забавив, а тие си заминаа. Го знам патот, ама во темното ја утнав работата, се завртев малку во круг околу каменоломот, го најдов патот се е како треба. Почнува да ми студи, се тресам, некако како да губам од телесната температура, трчам ама машината како да не сака да постигне работна температура. Почна и студот да ме мачи.

Стигнувам на контролната точка, а таму познато насмеано лице, пријателот Сашко Петрески-Цапе. Прво што му викам дај те бре батерии, имате ли, имам ми вика и ми дава. Среќен од тоа што го слушам, му викам фала ми ја спаси трката. Ми ги подава батериите кога ќе ги видам, што ќе видам, малку се подебели, АА, челната ми работи на ААА. Пу си викам у себе да ти ебем среќата. Барам низ ранец знам дека имаше уште една тројка негде во ранецот, не можам да најдам. Цапе ми вика еве ти ја мојата челна не е нешто посебно, но ќе ти служи како дополнување. Фала, топ. Ова ти е како капка вода во пустина. Облакам шушкавец и заминувам не ми се стои многу ми е ладно, патам.

14481847_10209293987058073_5707559884526489083_o   14481877_10209293982137950_914231649062383552_o
Слика 24 и 25 - Во потрага по батерии

Некако по угорнината успевам да се загревам, идам и понатаму само со мојата челна лампа, не ја користам таа на Цапе. Си викам подобро да не ги трошам двете наеднаш, за нагоре темпото, и онака е по споро, не ми треба многу светлина. За надолу кога ќе се симнувам од Козјак ќе идам побрзо, таму ќе ми треба повеќе светло, таму ќе ги користам ако треба двете, а после тоа лесно веројатно ќе дојде ден. Препнувањата, тркалањето не запираат, се чуствувам како боксерска вреќа која со саати е изложена на тешки удари. Згора на тоа никако не можам да и најдам соодветно место на лампата на Цапе, ми паѓа на земја ја подигам, се обидувам да импровизирам како да ја носам, конечно нешто ми успева. Но повторно ми е ладно, се тресам, губам сила, губам енергија. Немам сила, се тетеравам. Јадев, пиев вода, електролити, се правев како треба, по правила што се вика. Не бев дехидриран, сигурно, бидејќи застанував неколку пати за мочање, немав недостиг на храна затоа што сегде на секоја контролна земав по нешто. Стварно се чуствував ужасно, како да ме прегазил валјак, како да сум сомелен од машина за мелење месо. Едвај идам нога пред нога, страв ми е да застанам да не ми биде полошо, некако се тетеравам и се обидувам да правам чекор по чекор и само нагоре, негде на порамни делови правам обиди да трчам, не оди. Немоќта уште повеќе ми ги врзува нозете, паѓам, станувам се сопнувам се удирам, виткам нозе. Мислам дека повеќе нема ниту еден сантиметар од колена надолу што не ми е убиен или удрен барем два пати. Болката во коленото се враќа, а се појавува и болка во л евиот кук. Почнувам да размислувам за откажување, Крстец таму да стигнам па оттаму со кола у хотел, ова не ми било пишано. Веќе не знам, а и не бројам кој се ме помина. Некаде на средина од успонот знам дека ме помина нашата Мери Мирческа, одеше мошне енергично, свежо, си го нагази Козјак нагоре. Ме помина во еден дел каде се одвоив многу кон десно надвор од патеката, мислам дека се уплаши да летна преку литицата, ми викна дека не треба да идам толку десно дека треба да идам во нејзин правец. Се сечавам дека, тивко и одговорив дека го знам патот, и продолжив да се влечам, немав повеќе сила ни да мислам. На делот кај што се камењата нешто како сипар, на два пати добро се лизнав, мислам дека таму ја изгребав левата дланка, а можеби и не беше таму, можеби и ова беше крв од првиот пад на почетокот. Мислам дека ме поминаа уште двајца, престанав да бројам, а сега веќе и рамните делови ми се проблем. Некаде пред крај пред самиот врв, ме стигаат нови тројца (Борче Милошковски, Игор Јосифов и Марјан Чаушевски). Борче води помладите по него, ме прашуваат како сум, им одговарам дека не сум ич добро. Ми нудат помош им викам уживајте трчајте си ја вашата трка, за мене оваа трка е завршена на Крстец ќе пресечам, ќе си ги скратам маките. Јосифов ме куражи, ми ја знае силата, му е криво, мисли дека ова ми е само моментална слабост, некое е демонче што би рекол Димитар Поповски. Не друже ова повеќе од сигурно е DNF, не е криза, ова е слом, да бев робот сите системи ќе ми пиштеа на црвено, не е ова демонче, тоа демонче го знам, милион пати сум го поразил. Си заминаа и тие тројца, некако доаѓам на идеја да се обидам да фатам чекор со нив за надолу ќе ми е полесно до Крстец, гледам тие не се брзаат нешто повеќе. Успевам да ги стигнам на врв Јосифов ми помага околу перфораторот и ми вика, ај со нас не до Крстец до св.Ѓорѓи, таму е топло има храна, ќе се опоравиш. Му викам, Не друже, ја идам само до Крстец. Фала друже ми значи, и ми значеше што ме бодреше и што ми даваше поддршка. На угорнината кон Козјак почнав повторно да чувстувувам болка во левиот кук, знаев дека е од компензацијата за десното колено, но сега више е сеедно. Крстец и крај на маките. Надолу идам со нив тројца, боли левиот кук, боли десното колено, не е некоја болка што не може да се издржи, но сила нема. Нозете не мрдаат се препинаат, се врзале, а врв на тоа две убави свиткување на скочните зглобови. Борче води, Јосифов, ја па, Марјан. Како во бунило му се обраќам на Марјан му разговарам означувајќи го со Ивица мислејќи дека е Ивица Јовановиќ од Куманово. Одвреме, навреме му помагам на Борче со некоја сугестија за правецот колку да се осети дека сум жив и дел од групата, ја знам патеката трчана ми е неколку години по ред, само помагам. Ми беше фино во нивно друштво надолу не одеа многу брзо, едно време ми побегнаа, но ги стигнав. Се мачев. Ми се појави сликата на Филип на испраќање и зборовите немој да се тркаш да победиш, тркај се да се вратиш без да се скршиш. Па ја се кршим и тоа цела вечер, сега ни двете челни лампи не помагаат.

Стигнавме на Крстец. Некој од волонтерите ни кажува дека Златин Роев се откажал, дека си го повредил коленото, спие во една од колибите тука у Крстец поред контролната. Викнале кола по него, ама им кажеле дека колата ќе дојде за еден саат. Мојата математика у мојата глава вика дека овде ако се откажам, ќе чекам на ладно и тоа најмалку еден саат, а можеби и повеќе. За исто толку време колку споро и да се движам ќе стигнам на св.Ѓорѓи, таму ќе биде топло, ќе има храна и на такво место полесно ќе може да се чека не еден, туку и два и три часа. Јосифов инсистира да идам со нив до св.Ѓорѓи, Ок викам ајде идам со вас до таму. Додека тие се досредуваат на контролната, ја веќе тргнувам, спор сум во немоќ, ќе ме стигнат. Сега веќе ниту двете ламби заедно не обезбедуваа доволен зрак светлина за моето движење. Ме стигнаа. Борче како вистински лидер ја води групата, на последната угорнина пред макадамот се оддалечија, некое време подзастанаа за да ме почекаат, им викнав дека нема чекање, дека треба да си идат да трчаат, да си ја трчаат својата трка, не треба на мене да внимаваат. Ме видоа разгневен и лут, ме послушаа си заминаа. По макадамот мака мачев да ги стигнам, ама не одеше ми се оддалечија многу, неможев повеќе ниту да ги видам светлата од нивните челни лампи. Се обидував да трчам по патот надолу но телото не даваше трчав, ама како без душа, едно поголемо препнување, лошо ми го искриви, ми го цвика десното колено. Веќе имав донесено одлука за откажување, и одамна ми се мотаа црни мисли во глава дека ако продолжам да трчам ќе ми се случи нешто полошо, некоја поголема трагедија, некое поголемо зло ќе ме најде. Еве ова со коленото е уште едно од многуте предупредувања, уште еден знак, сигнал. Едноставно планината тој ден не ми се дава, не ми се отвара, не ме прима, ми се противи и редно е да речам дека е крај на лудилото. Почнав да се молим само да ми се дозволи да стигнам до св.Ѓорѓи, а по пат злото да  не ме фати.

Конечно св.Ѓорѓи, таму на контролна Мартина Милева, Laine Rozenberga (девојката е дојдена од Латвија, нешто околу некој магистерски труд кој го спрема се определила да биде дел од организација на Крали Марко), двете познати фаци. Освен нив две и две докторки и/или медицински сестри на Црвен Крст, едната случајно дознав дека се вика Сандра (фб профил Сандра Игњатовска). Веќе е ден, гледам топла супа, насмени познати и непознати лица кои се тука да Ни помогнат, кои мрзнат цела вечер и цел ден за нас, и кои го даваат својот максимум токму за нас тркачите, се радувам и ми е многу мило. Јосифов веќе го спремил теренот, им кажал дека сум паднал, ги замолил да интервенираат и да не ми дадат да се откажам. Тие кутрите, летаат околу мене, двете докторки веднаш се фатија да ја средат работата околу колената, ме прашуваат, што ми е, што чуствувам, дали имам некоја друга болка и мачнина, зошто сакам да се откажам. Немам одговор, им викам знам дека ова не е повреда заради која некој треба да се откаже, но таков е денот, да не речам ноќта, едноставно DNF. Мартина ми дава топла супа, ја земам и ја прашувам каде е топлото, ме носи во една просторија на конакот на црквата, поред една печка, се олеснувам од опремата, топло ми е, комфорно ми е, почна да се суши потта од облеката, супата ме освежува, земам уште една, па сутлијач. Сандра се обидува, претпоставував заради молбата на Јосифов да ме разубеди, да ми помогне да продолжам, нуди апчиња, преврски, ми кажува дека повредата не изгледа толку страшно, но не оди, апчиња не пијам и ги одбивам, санацијата на раната е во ред, гледа дека сум тврдоглав и дека си имам донесено цврста одлука. Чисто заради муабетот, и викам се што ми кажуваш држи вода, сум бил и полошо, па сум завршувал трки, но денеска е поинаку, не знам како, не знам зошто, денеска е поинаку, едноставно DNF. На Мартина пак мислам дека уште првпат кога ме виде и стана јасно, знае да препознае затоа што и таа трча дека одамна сум ја минал црвената линија. Знае дека најдобра одлука е да се откажам и затоа не ми додева многу, ме остава да се средам самиот. Во меѓувреме тројката со која дојдов до тука си замина, дојде друга група тркачи, па уште една, па уште една, луѓе доаѓаа и одеа, минутите одминуваа, а јас останував, тешко беше да се стане, одлуката беше одамна донесена св.Ѓорѓи и толку. Во меѓувреме доаѓа Јоцо, тој е мојот превоз за Прилеп, за во хотел.

Доаѓа Бурим, ме гледа како скршен седам во просторијата, просто не му се верува, му нудам супа, ја прифаќа, ми вика што бараш ти овде, на шега му викам: Па .. по втор пат сум, го завртев кругот. Ми враќа аман бе толку брзо, да бе му викам, прашува а Бугарите, му викам позади. Сфати дека се мајтапам, се насмеа, му кажувам дека ја останувам овде, не му беше мило што сум донел таква одлука. Не ми беше верно ниту на мене, ниту на 99 % од луѓето што ме знаат или што ги прочитале моите извештаи од други трки, ама тоа е тоа едноставно и тоа мора да се случи некогаш. Ми се жали на нешто, мислам дека беше на грч во мускулите, се мисли за откажување, не го ни дослушав до крај, го прекинав, му ги прекинав црните мисли. Му викам доста се жалиш, стани и трчај, нема откажување за тебе. Добар си, добро изгледаш, свеж си, сонцето сега ќе изгрее, ќе те згрее, ќе ти даде сила, енергија, ден е, полесно ќе биде, овој дел што следи е полесен бегај од овде и тоа одма. Се Мислам во себе како да го избркам додека не го фатило зараза и мрза од комфорот. Се насмеа, се поздрави и замина. Ја останувам, зборовите кои му ги реков на Бурим, како и мене да ми направија филм во глава, ама не оди. Излегувам по Јоцо, се ми се чинеше дека намерно го одолговлекува одењето, како да чека да се премислам и да ја фатам патеката, знае дека тешко се откажуваме од трка, па ми дава можност за да се премислам. Почнав да му викам да одиме побрзо, за да си ги скратам маките. Ги завршува работите на контролната што може побрзо и одиме. Мене ме тресе студот, но во кола е топло, па брзо минува.

Јоцо ме остава во хотел, помалку е разочаран, разочаран сум и ја самиот, се чувствувам бедно, имам чувство на одговорност дека сум се изневерил и сам себе, а и другите кои веруваа во мене, ама тоа е тоа, некако мора да се продолжи понатаму. Отварам вратата од хотелската соба, Филип е станат и си игра со Сандра (жена ми), Кирил сеуште спие, се изненадија, се чудат посебно Сандра. Гледа дека ми е тешко, дека сум разочаран, сфаќа у каква состојба сум, ги гледа нозете крвави испотепани, ме задева за да ме расположи, слушај го син ти ми вика, ти кажа да не идеш. Филип пак ми се радува, ме гушка. Ја распакувам опремата, кога од еден од џебовите превиткани во едно од кесињата електролити излегува вториот пар батерии, пцуем, ги ставам во челната, свети и тоа како. Е сега разочарувањето ми стана поголемо.

Следува ден исполнет со доживувања со децата, се тркаат и тие, ја истрчаа нивната детска трка од 1 км. Филип трчаше под менторство на неговиот стар пријател Марјан Бонев, кој на големо задоволство прифати да го придружува, а Кирил беше со мене. Среќен сум што барем тие двајца си ја истрчаа својата трка, Среќен што сите други си ја истрчаа својата трка.

14566486_1196973606991813_7374035226429704790_o  decatrk2
Слика бр.26 и бр.27- Старт и цел на детската трка

Сепак остана во мене да тлее разочарувањето, остана да тлее сомнеж дали ја донесов вистинската одлука, многумина дента ми го поставија прашањето: Зошто се откажа? Појма немав зошто, не го знаев и сеуште не го знам одговорот на тоа прашање. Челната лампа, батериите, безброј удари по нозете кои ги примив, физичка немоќ и болка, психичка слабост, недоволна подготвеност, демончето на Димитар, се тоа било и порано и сум го надминувал, овој пат стварно не знам, не знам што бидна. Немам и не барам изговори, ја барам причината за да не се повтори, но не можам да ја најдам. Ми останува да заклучам Едноставно слаб ден, Едноставно DNF.

Овој извештај и така е многу долг, и би станал уште подолг доколку продолжам да пишувам. Овој КМТ и овој DNF нема никогаш да го преболам. А за по КМТ подобро да се чуствувам се погрижија Бурим Бафтири и Игор Јовановски-Карас. Ми понудија два екстра проекти во двата наредни викенди после КМТ. Првата недела по КМТ, тројцата заедно: Вејце-Црн Врв-Кобилица-Бродец-Плоштад Тетово 33,62 км, 2010 м Д+ и 2600 Д-, за 6 часа и 07 мин. Идејата беше на Хеки, но тој поради повреда не дојде со нас. 🙂

20161002_062403
Слика бр.28- Старт на с.Вејце

20161002_070908 Слика бр.29- Накај Црн Врв

20161002_083812 Слика бр.30 – Црн Врв падна

cvrtv Слика бр.31 - Кобилица не чека

20161002_094355-1 20161002_094322-2
Слика бр.32 и бр.33 – Падна и Кобилица, ама дечките не се за сликање

20161002_123930Слика бр. 34- На финиш у Тетово

Види им осмех, сега сликањето им лежи, и тоа на двајцата, сепак мисијата е завршена.
Епопејата продолжува на уште една страна во слики. 🙂

Втората недела по КМТ, ја и Бурим, Шапка-Тито Врв за 1 ч и 46 мин. Тито Врв – Шапка 1 ч и 09 мин, вкупно во двата правци 2 часа и 55 мин. за 21 км должина и 1290 Д+.

20161009_063127Слика бр.35 – Старт на Шапка

20161009_080207 Слика бр.36– Во близина на снегот

20161009_082018  20161009_082029
Слика бр.37 и бр.38 - На Титов Врв

20161009_092933
Слика бр.39 – Насмеани лица - финиш на Шапка.

БЛАГОДАРАМ на сите што ми го исполнувате животот со вакви лудории, посебно на КМТ STAFF 2016.

Претерав, ама ова е последно, ставам точка за КРАЈ.

Автор: Александар Симјановски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram