07.10.2015

KMT 29.09.2015, 65 км 3100 Д+

Krali Marko Trails – Прилеп, Македонија,

Сабота 29.09.2015 година, 65 км 3100 Д+

 

По изминати 10-тина дена, без крутост и болка во мускулите, со сумирани впечатоци и неколку заклучоци од слученото, како старт на нов циклус на тренинзи чисто заради себе, а можеби и за дај боже некој добра трка. Покрај сите обврски наоѓам време за она што некако е бележење на спомените, луѓето и настаните, евалуација на сопствената моќ или немоќ, на сопствениот трип, грешките и правилните одлуки.

Беше петок попладне, после работа, некако набрзина се спремав, не знам зошто никаде не брзав, а сепак нешто ми висеше на нерва. Филип постариот син остана со моите во Тетово, Кирил помалиот син требаше да дојде со мене и Сандра. Требаше да ја земеме Сандра од работа и да фатиме пат за Прилеп. Тако (Такоски Александар) постираше дека сум бил многу„наапан“ за трката. Можеби, а може и не, едноставно бев среќен што дојде и тој момент во годината, нашата единствена и најсакана Крали Марко беше утре. Ах, да и ривалството со (Јоцо) Јовица Јованчев. J Пиво беше у прашање, пиво дава тој што прв ќе заврши.

Изминатиот период го поминав во лесни и не многу долги тренинзи најдолгиот некаде околу 34 км. Тренирав како по правило не колку сакав, туку колку можев, ама давав се од себе да биде што повеќе. Некако и домашните овој период прифатија да ме остават да ми се даде можност да трчам.

Последните недела дена планирав да направам нешто како анализа, pre-race overview на македонските тркачи кои ќе трчаат на трката со нивна слика и карактеристики, ама не ми се даде време. Вака ги анализирав:

Првата генерација: Трајче Панковски, Зоки Димов, Петар Герасимов, Марин Стојановски, Јовица Стојановски Тајфун луѓето кои не воведоа во ултра светот, во ултра спортот, не инфицираа, луѓето од кои се по нешто научивме. Голем дел од нив се во организација на трката, некои и не се, некои се тркаат но повеќе за себе отколку натпреварувачки, а некои ни тоа, ни тоа, ама според мене се вредни за споменување.

Втора генерација:

Жикица Иваноски (Жико) - сеуште во секоја смисла е број еден во овој спорт кај нас. Можеби една класа погоре од сите нас другите, иако тоа една класа по вина на Јоцо можеби веќе се претвори во пола класа. Жико покажа сила и издржливост на трансферзалата, слабо му одеше на Шарпланински, заедно финишираа со Јоцо на Персенк. Можеби немаше толку трки како други години, но мислам дека беше во добра форма. Некој неодамна праша Жико паднал у формата или Јоцо е многу силен. Мојот одговор беше Јоцо е многу силен. Ги следев и тестирав и двајцата, а не треба многу за да се забележи како стојат работите.

Јовица Јованчев (Јоцо) - се мачеше човекот неколку години, одеше по трки, газеше, неможеше да постигне форма. Некако лани почна многу сериозно да тренира за УТМБ. Се смени човекот, конституцијата му се смени, мислам дека го качи сопственото ниво, сопствената форма за неколку нивоа, му се приближи на Жико, и тоа сериозно. Почна да претставува сериозен фаворит за секоја трка. Ми се бендиса колку труд вложи и како го направи тоа. На смеа, на мајтап, колку за фора отворивме ривалство, тоа требаше да не повлече подобро и појако да тренираме. Како минуваше време се повеќе бев сигурен дека јас не тренирам доволно дека го губам чекорот, но си ги знаевме добро и добрите и слабите страни.

За мене – човече не знам што да кажам. Го сакам трчањето, ама го ставам на последно, после се друго. Никако да фатам ритам на тренинзи како сакам. Сеуште се мачам со успоните, иако многу напреднав, мислам дека тоа не е доволно. Забелешката на Жика и Јоцо од Шарпланински беше на место, „јак е овој Војводава, види го како ги јаде нагоре успоните, а се прае дека не може, Не бе не може, нема дужина и доживува тешки кризи после 40 км“. Најдолг тренинг не ми преминува 30 км, и тоа еднаш на 3-4 недели. Знаев дека шанса немам по угорнини, спас ќе барам на рамно и спуст. Делот с.Крстец-Прилепско Езеро, и спустот од Трескавец надолу. Лани и годинава слабо идам по трки, на Трансферзалата бев најслабата карика, на Шарпланински што знам, имаше момент кога се мачев, останавме со Жико назад позади Јовица, успеавме да ги стигнеме Филип Туманоски и Александар Киркоски, завршив пред Жико. Ама прашање е: „Жико не се замараше, не сакаше да запне, не можеше или имав среќа“.

Александар Таковски (Тако) – На него мора да се рачуна. Тоа е првиот меѓу нас што спука 100 милји – 168 км. Сака комодитет, во ранецот носи се и сешто, си трча трпеливо како желката во трката на желката и зајакот, ама финишира, и тоа добро, ако кризираш позади е да те фати. Кога не му оди знае да рече стоп и да не се мачи. Не оди често на трки, особено не на кратките, оди само на долги и не многу често. Не знам у каква форма е и колку тренира, ама ни ја зеде славата на Кораб на 8 Септември. Како по традиција и оваа година го качил врвот два пати тој ден и сите збореа за него. Ние јадните (Ја, Ѓоре и Игор) џабе ја распукавмо планината од една на друга страна. Тако беше ѕвездата од Кораб. J Додека го пишувам извештајов веројатно е на пат за VFUT (Virgin Forest Ultra Trail) во Грција, Друже ти посакувам лесни нозе, чисто небо и догодина да дојдем со тебе, за заедно да ја покоримо Грција.

Ѓоре Ѓорѓиевски – го сака трчањето, сака да оди на планина, добар на успони, може и подобар од мене, знае да трча на рамни делови, не оди често на трки, и како да нема волја да се натпреварува. Како секогаш да доаѓа само заради себе, заради свој ќејф, за да се дружи со сите, мислам дека може повеќе, ама не е доволно упорен и истраен.

Трета Генерација:

Мики Стефанов – лани ме намачи баш на Крали Марко, го решив на спустот од Трескавец надолу, и сеуште ми го памти тоа. На Шарпланински ни дишеше во врат, после тоа распали еден триатлон, и заедно со Карас финишираа на високо 6-7 место на Орехово Ултра. Момакот е добар тркач, според мене ја има вистинска конституција за ваков вид на трки, може да биде сериозна закана.

Игор Д. Јованоски Карас – не му ја знаев формата, добро се движеше на Истра, се жалеше на Шарпланински, покажа сила на Орехово, и искрено ме изненади, особено што финишираше заедно со Мики Стефанов. Исто како Мики што би се рекло има идеална конституција за ваков вид на тркач, и стварно не знам што би можел да очекувам.

Игор Пирковски (Пирко) – кога го гледам Пирко ме потсеќа на Јоцо од пред некоја година, се мачи, се вложува, тренира, ги ниже трките една по една, можеби се уште не е фаворит, ама добар е. Намали многу на килажа, и континуирано ја подобрува формата. Можеби треба да се обрне внимание и на него.

Игор Јосифов – Леле ама ме изненади ликов. Прв пут го видов на ноќниот полумаратон во парк кај Кирајџиеви, а после цел ден со мене и Ѓоре, качуваше накај Кораб. Убав back to back тренинг, го издржа, не се пожали. Добар новитет во спортов, откритие, можда да му се погоди, да се мотивира, а ако е олку издржлив да запне и да има добар пласман.

Дејан Тодевски (Дејан)– искрено ми беше некако у сенка на Александар Кирковски, знаев дека брзо качува се покажа на некоја од вертикалите на Церипашина и Мидл Рок ако добро се сеќавам. Ама мислам дека сеуште не може со тој ритам да држи трка подолга од 30 км.

Стефан Милошески – издржлив и силен момак, али трча појќе од срце, отколку разумно, не ја распоредува силата, нема доволно искуство, мислам дека не се припрема соодветно, и дека нема да може до крај со таа сила.

Требаше да ги има во анализата Александар Кирковски и Филип Туманоски, но бидејќи трчаа на 30 км, нема да ги има под казна. 🙂 Требаше да го има и Крле, ама тој пак воопшто не трчаше, па го нема, сепак огромно ФАЛА, за супата и лепчето на св.Ѓорѓи. 🙂

1Да не ставам пред сечиј профил слика секој сам може да се најде на оваа слика

 

Петок вечер 19-20 часот пристигаме во Прилеп, подигаме броеви, кафе-мафе, дружење со сите, паста или лиснато парти во барот, нешто малку музика, Кирил пееше twinkle, twinkle. Негде накај 21-22 правец хотел утре денот ќе е долг. Припремам опремата за утре и сфаќам дека брзајќи да се спакувам за пат, сум останал без шишиња, сум ги заборавил дома. Ме фаќа нервоза, почнувам да терам све по список, Кирил не заспива беснее тоа прави уште поголема нервоза. Ми текна дека било кое и било какво пластично шише од 0,5 л може да земам и да го ставам во џебот од ранецот. Ја пратив Сандра долу на бензиската од хотелот да земе две води, ми донесе една вода и едно шише изотоник. Ја искарав, нервозно заради шишето изотоник ја отерав у .... Но после се покажа дека тоа е подобро, повеќе лежи, по пасент е што се вика, на џебот од ранецот.

Некако се заспа накај 23 часот. Во 05:30 на нозе, еден туш, последна проверка на опрема и средување. Иако опремата беше спремна од вечерта, сепак пола од истата не можев да ја најдем. Се карав, пцуев, ама појќе сам со себе отколку со други, стана и Сандра, се обиде да помогне, помогна ми најде по нешто што ми фалеше, ама беше жртвен јарец па цела нервоза на неа. Конечно негде кај 6:10 спремен, отидов на доручек, кафе, омлет, вода, мераци, не превише, умерено, да не се чуствувам ниту гладен, ниту прејаден.

Контакт на моб. со Димитар Поповски (не го анализирав, никогаш немав трчано со него знаев дека трча, но не знаев ништо за него, знам дека не фати лимит на Шарпланински и го заврши Орехово, но тоа беше се што знаев), договор падна заедно да одиме на старт. Се симнувам долу пред хотел, таму случајно или намерно Трајче со кола, не зема и не вози до старт.

На старт стандард, слики, смеа, секој у свој филм, сите под адреналин. Се чека 8:00, мало одлагање, и може да се крене. Старт на Крали Марко 2015 година, тркачите на 30 км и на 65 км стартуваат заедно.

2Гужва пред гол

 

Гужва на старт после се одвојуваат две групи, напред далеку од видик Марјан Бонев, Александар Кирковски, Филип Туманоски и не знам уште кој друг од 30 км. Повлекоа брзо. Назад втора група, Жика, Јоцо, Дејан, Костантин Атанасов (Коста), Ја, Карас, Марија Митева, Росица Костова - Росица (30 км), и Љупчо Рафески - Рафе (30 км). Водството го земаа и се менуваа напред Дејан и Жико, одвреме на време Росица, Рафе, Коста и Марија. Жико почесто земаше челна позиција, мислам дека како и секогаш повеќе за да ги води странците да не ја утнат патеката отколку што сака за себе толку рано да форсира. Не излагав напред, ако некогаш на порамните делови или на некоја кратка надолнина ми појдеа нозете, се чував, успорував. Темпото го наметнаа и повлекоа тркачите од 30 км, ми одговараше, групата беше голема и да седиш на опашка се додека се влечеш со таа група супер. Башка освен Јоцо, фаворитите за победа на ова трка повеќе или помалку беа тука во оваа група, немаше потреба да се форсира. Угорнина беше кон Трескавец, прва за дента. Росица на едно место се стркала, под застанавме неколкумина, брзо се дигна се беше во ред. Одрана и беше кожата под лактот на едната рака. Набрзо после тоа забрза се одлепи од групата и си замина повеќе не ја видовме. Останавме само 65-ки, ме чудеше како Карас се движи, почна да импресионира. Јоцо сеуште го немаше.

Во меѓувреме групата се распадна, напред со одвоија Жико, Коста, Марија, од некаде позади нас дојде и Златин Роев со уште еден. Па тие пет направија водечка група која беше на макс. една-две минути пред нас, а позади бевме Јас, Јоцо, Карас, Дејан и Стефан. Сеуште се движев на опашка, не дека имав проблем со успонот, намерно, се штедев, проверував како се движат работите. Преминавме на асфалт, Јоцо и Стефан не поминаа, Дејан почна да заостанува, а Карас се некако околу мене на метро-две.

Прва контролна Трескавец, водечката група на излегување, ние на влегување. Од Трескавец надолу спуст по карпи, повторно прегрупирање. Напред Жико со Златин и уште еден тркач мислам дека беше наш Македонец, позади Коста и Марија, во грб Јоцо, Карас и Ја. На спустот Јоцо не пропушти мене и Карас, фер, побрзо и полесно се движевме па ни даде предност. Тој не многу, ама заостана. Ја и Карас ги фативме Коста и Марија, споивме група, Коста ја водеше, и повторно на истото место како лани, на спустот надолу ја промаши патеката и не однесе во погрешна насока. Брзо летајќи, лизгајќи по карпите во една линија четворицата ја бараме патеката, ја најдовме и се враќаме на вистинската патека. Во овој дел негде заостана и Стефан. Карас на едно место се плесна на карпите се загрижив. Кога го видов дека стана, и како се смее викајќи „ја здрвив пеницилинка брат“ се измасмеав и продолживме надолу. Кога го гледав како спушта се појќе му се восхитував. Јако, ете друштво за надолу.

Заврши спустот, се одвоивме ја, Коста и Карас, а Марија заостана. Најдолу имаше освежителна се спобрка Карас дали треба или не де се регистрира чипот. Не требаше, штом ја поминавме освежителната морав на мочање па скршнав се одвоив, а тие ми побегнаа. Следеше претежно рамен дел со благи и трчливи успони и благи спустови, тукуречи рамно, па низ боровата шума да Прилепско езеро. Карас и Коста заминаа. Напред беше Жико со другите двајца, ја сам, а негде позади Марија. Ме стигна фатив чекор со неа, мислим дека и на неа и одговараше, добар ритам држевмо, се изненадив што цело време трчаше видно задишана, мислев дека премногу форсира и дека ќе дојде момент нагоре накај Козјак кога како лани ќе издиши. Може можев и побрзо, ама во овој момент не сакав. Одев умерено, темпото беше доволно брзо, не ме задишуваше, нели треба да ти е лагодно за да издржиш до крај. Наслушнував како дише Марија, трчаше во повисока зона, што се вика на работ, ја следев анализирав мислев дека нема потреба од такво темпо сега толку рано, нели треба да се преживи Козјак.

Некој поток, некоја рекичка, прескок на едно место подзастанав за да почекам на Марија, сепак ние сме домаќини, тие гости, ја машко, џентлмен, таа женско, дама. Но тие разлики во овој спорт, каде сите се во кал до гуша, смрдливи, испотени се очигледно небитни, и никој не ги цени. Освен што на неколку пати завртевме збор за да го потврдиме правецот на движење, немаше многу муабет. Стигнавме до контролна кај Езерото, се освеживме вода, кока кола некој четврт банана и повторно заедно на пат.

3Убавицата и Ѕверот

 

Се отвори макадам накај Плетвар, сега веќе Марија го водеше темпото ја само пратев. Сеуште се чудев, цело време беше некако задишана, дури и превише за некој мој, наш стандард се чинеше дека темпото и е сосема прилагодено, дека се трка. Почнав да се мислам да не трчам премногу комфорно, да не треба да појачам. Некаде во овој дел почуствував за прв пат тежина во нозете па зедов еден магнезиум. Непосредно пред Плетвар ги фативме, Жико, Коста, Карас, Златин, другиот момак, Македонецот го немаше се откажал. Овие четворица се споиле во една група. Марија продолжи со исто темпо, ги стигна Жико и Коста, формираа група од тројца и се одвоија. Ја и Карас се залепивмо во една група, а Златин почна да заостанува. Со Карас разменивме по некој збор кој како се осеќа, ме крепеше само да издржимо со ова темпо по Козјак нагоре. Нема да има проблем му реков. После некое време на рамниот макадам му се одвоив, се мислев дали да појачам да ги стигнем тројцата напред, ама се премислив, се решив да не форсирам. Повторно дилема дали темпото ми е превише комфорно, да не сум превише опуштен.

Контролна точка Плетвар, таму веќе се Жико, Коста и Марија, само што дојдов заминаа, дополнив вода, испив малку кока кола, вода, четврт банана, чоколадо во рака и заминав и ја. Ги гледав пред мене, ама не успеав да фатим приклучок тројца беа побрзо и полесно се движеа. Повторно избрав да не се трошим и форсирам, успонот ми беше слаба страна, а овој успон требаше да се преживее, да се одмара на него и да се пуни организмот со енергија. Набрзо ме стигна Карас, леле човече како одеше, одамна немам видено таков лесен стил на качување, со рацете позади на грб ме потсеќаше на дедо ми, кој за мене беше крал на планините. После некое време ме стигна и Јоцо. Ме поздрави, ми вика гледаш какви деца сум истренирал, фати го и држи го Карас нагоре. Карас веќе се имаше одвоено поприлично, немав намера да форсирам да го бркам по Козјак, на Козјак одмарам. Каква лудост, кој би поверувал дека ја на успон нема да се мачам и ќе одмарам, ќе се релаксирам и нема да бркам никого. Штом се излезе од вегетацијата, ниската шума, на голината, по камењата ме стигна Златин. Го прашав: „Како е? Трудно ли е? Ми вика, а доста е трудно. Има ли уште многу нагоре, на контролна рекоа дека успонот е 5 км. Му викам не сум сигурен дали е 5 или 7 км, ама сигурен сум дека делот каде што ќе биде уште потрудно допрва доаѓа. Ми се изначуди и се разочара. Го загуби чекорот. Очекував на оваа нагорнина да ме фати и Мики, ама него го немаше.

Се отвори голина пред врвот, ги гледам пред мене Јоцо и Карас, Карас тешко оди се мачи. Јоцо веќе почнал да спушта. Позади мене нема никој на видик. Карас качи, ама седна и тешко се издиша на врвот. Набрзо после него качив и ја. Застанав колку еден поглед да фатам за спомен. Си реков кој не ме фати до сега, од сега натаму ич, и спуст надолу. Не одев многу брзо, а сакав, не знам зошто, на неколку пати ја свиткав левата нога можеби тоа беше. Ми влезе страв. Сртот заврши, и патеката почнува да се симнува во долот. Симнувам без да внимавам на маркација, а се околу покриено со магла. Наеднаш ми текна дека нешто сум промашил, оф колку бев доле, почнав да се враќам сигурно изгубив 3-4 мин., ама тоа е што е. Ја најдов последната маркација од неа лево надолу маркација, до маркација лентите очи ти вадат, ама ја успеав да промашим. По завршување на трката и Карас ми кажа дека се изгубил во овој дел, и се симнал многу надолу. Кутриот дури и викал на помош да му помогнам, ама едноставно ниту сум го слушнал, ниту сум го видел. По промашувањето спустот ми се отвори, вртоломно надолу форсирав, сметав дека ќе уловам некој од групата напред. Искрено не ловев никого конкретно, ја напаѓав групата. На Крстец ми кажаа дека имале предност од околу 15 мин. си реков не е тоа многу, се надоместува. Саатот ми покажува дека од старт до Козјак сум бил за 4 часа и 5 мин. од Козјак до Крстец сум се симнал за некаде околу 26 мин., што не е прецизна бројка затоа што малку подоцна го вклучив за да го брои спустот. Според официјалната статистика треба да сум го спуштил Козјак-Крстец за 28 мин.

Од Крстец натаму терав свое темпо, посебно на делот по макадамот до св.Ѓорѓи и од св.Ѓорѓи до Прилепско Езеро. Мислев дека идам брзо, ама не сум одел, мислев дека сум форсирал, ама не сум, во овој дел воопшто ниту еднаш не се почуствував дека сум заморен или дека сум задишан. Што ќе рече повторно сум бил во некоја комфорна зона, не сум се тркал сум оставил телото да не се мачи, да не се трка, да ужива. На успонот на Крстец пред да се префрлиш на макадам не чекаше Периќ, ме сликаше, ме охрабри, ми рече „Ови су на 10 мин.пред тебе“. Ако преска беа на 15 мин., сега се на 10 мин. тоа значи на успон сум надоместил 5 мин., не ми беше за верно, ама реков ајде може некој се префорсирал па сега пати. Малку подолу се појави Марко Николиќ, „ајде друже, ајде Шарпланинац, ови су на 8 минута од тебе“. Охо си викам готови са, ги јадев и не давав сила. Си мислев чувај се, блиску се ќе ги стигнеш. Ама да не било така. Официјална статистика вика дека на овој дел место да надоместим ја сум изгубил цели 8 мин. од групата. Превише ли бев лежерен, превише ли бев опуштен. Фер е да си признаем дека не се тркав, не гањав како што знаем. Немав маркирано место на подиум, ниту човек што го бркам. Немав дадено се од себе, тука е мојот пропуст, мојот неуспех. Не сум изгубил на успонот, сум изгубил таму каде што требаше да се нападне, а не сум нападнал. Уште полошо сум дозволил да ми се направи разлика. Ама тоа тогаш не го знаев. Сега по завршување на трката кога ќе размислим, согледам резултатите и анализирам ситуацијата, може да заклучим: Убавицата се претвори во „Жена Змај“ што би рекол Марко Николиќ, беше задишана, ама се тркаше. Марија не уживаше, гинеше, затоа беше прва жена и втора меѓу сите со 3 мин. послабо време од Жико. Александар Ѕверот не се тркаше, уживаше, не гинеше, се претвори во театар –„тореадорот“од сликата на Бојана Бораниева, не ми доликуваше, сигурно би ми било испод чест да го споредуваат со мене, подобро да стаеше некој балетан, али у секој случај Фала. Бев лагоден, не бев задишан, затоа изгубив, затоа не стигнав на подиум, затоа сум 4-ти.

На св.Ѓорѓи се окрепив со супата, малку грозје. Таму беа Кирил и Сандра, ме чекаа, се поздравивме.

 

4

5Моите најмили, најсилната подршка

 

Продолжив накај езеро. Супата и грозјето ме подигнаа, ми го повишија нивото на енергија. Времето се стемни, се наоблачи, се местеше да врне. Стигнав на езеро, малку пред контролна како повторно да ги сетив тешки нозете, на контролна ми понудија магнезиум, со задоволство го испив. Патеката одеше Трескавец нагоре, па Трескавец надолу. Сега веќе бев освежен, чуствував енергија низ цело тело, не дека претходно ми се појави некоја криза, ама храната и се останато ме подигна. Почна да врне, вадам шушкавец и правам план. До Трескавец со сета сила нагоре. Сила имам, нема зошто да ја чувам, не смее да ми се оддалечат многу, на цел успон да им дозволам да се одлепат максимум 1-2 мин, ми бегаат 10-15 мин. и 1-2 мин. тоа се вкупно 16-17 мин. Сега врне, дождот ми е сојузник, се молев да врне уште повеќе. Што повеќе, што појако, тоа подобро. Тие се напред нема да спуштаат силно ќе внимаваат да не се лизнат, а ја мора да ризикувам и да летам, ако треба и наглавечки. Мислим дека Трескавец нагоре го прелетав, никогаш толку лесно не сум се чуствувал на успон, дури одредени делови и ги трчав.

Горе на Трескавец Марин ми вика па Коста и Јоцо ти бегаа 17-18 мин., уф викам, не наврна доволно, сега и престана, може и ќе можем да намалим едно 10 мин. ама 17-18 тешко. Вреди ли да се ризикува. Ти си знаеш ми вика Марин, земам во рака нешто колку е така, можда четврт банана и летнав. Па ова е најубавиот спуст, ова е делот од трката што најмногу го сакам, вреди да се ризикува, да се проба што се може. Летнав, и летав и летав, ама не можам да видам човек пред мене. Карпи, камена, се сопинаш, се лизгаш, виткаш нозе, се изгребав, ама тоа сега више и не е битно. Дојде сајлата легнат на грб со раце на сајла лизга и не оди доволно брзо и безбедно. Се завртив обратно и така не оди. Ја прерипав скокнав помеѓу двете карпи во грмот. Скокав преку гранки, грмушки, успеав, доволно е брзо. Продолжувам надолу. Но нема човек пред мене, се давам, ама изгледа доцна е. Сам сум крив требаше порано, ама не бидна. Тоа е тоа повторно 4-ти. Судбина, или нерешителност. Кога веќе нема подиум, ај да пробам време околу 8 часа. Го гледам влезот на градот, шталите на влезот. Нема уште многу часовникот отчука 8 часа, се гледам на целта. На целта аплаузи, честитки. Им одвратив со поклон и фала.

 

6Поклонот за публика, волонтери и подржувачи на вакви настани

 

Време 8 часа и 5 минути. Спустот од Трскавец според мојот саат кој повторно подоцна го пуштив 40 мин., според официјална статистика 43 мин., најбрзо симнување на Трескавец на трката. Проценката на место сум надоместил само 10 мин. на групата пред мене. Иста патека, иста должина, иста висинска, подобар од минатата година за цел еден саат. Траката ја поминав без ниту една нелагодност или криза.

Но, дали е тоа доволно? Дали го дадов максимумот? Дали можев подобро? Мислам дека не беше доволно, предоцна беше. Ја изгубив трката таму каде што требаше да ја добијам. Не го дадов максимумот, уживав во лагодна зона. Можев и подобро. Но не ја изгубив трката против некој друг, туку против сам себе, можев, а не направив подобро. Зошто? Па поради дилемата. Да се трча како Марија или да се трча како Александар, како цела ултра Македонија. Имам чувство дека порано трчав повеќе како Марија, бев на работ, форсирав, гањав, се давав 110 %, затоа и покрај послабата форма имав подобри резултати, кризирав и умирав, но жив се враќав многу посилен од претходно. Сега пак имам чувство дека прифатив друг стил, кој мислам дека го држи цела ултра заедница во Македонија. Комфорен стил на трка, без многу трошење, лагодно да се истрча до крај, без падови и успони, без кризи. Мислам дека токму овој стил не му дава ни на Јовица, ниту на Жика, ниту на другите да се уште подобри отколку што се, може и за време под 7 часа на оваа трка. Чуствувам дека ни треба агресија, ни треба малку соперништво, ама не како тоа меѓу мене и Јовица, туку вистинско соперништво, што ќе не турка до крајните граници на нашите можности. Имам чувство дека треба да станеме малку повеќе тркачи, да ризикуваме малку повеќе, затоа што секогаш можеме малку повеќе. Ако не создадеме такво нешто, ќе се развиваме уште некое време, а после ќе почнеме да стагнираме. Ако Бог даде, а се нафатат луѓе да му помогнат и да преземат дел од товарот на Трајче, па се донесе одлука да има трка и догодина мислам дека време е да се гине за време под 7 часа. Сите околу нас тоа го заслужуваат.

 

 

07.10.2015 година                                                                                                                             Александар Симјаноски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram