08.08.2017

Јахорина, Пале и Сараево, Босна и Херцеговина

29 Јули, 2017 година, Ултра маратон 104 км, 4100 Д+

Неколку дена се обидувам да размислам и да сфатам каде ми беше грешката, што е тоа што ме пресече. И ете, после недела дена со прибрани впечатоци, после краткиот одмор на Црно Горско приморје, се обидувам да сумирам.

Како за секоја трка, така и за ова стандардни припреми. Преку недела, насабајле, пред работа по некој километар, обично 8-12 км, минимум три дена во неделата, а викенди по можност подолга дистанца мин.20 км. После Фрушка Гора самоуверено, со поголема амбиција, повторно да се видам себеси помеѓу првите три, беше нешто како мотив да тренирам почесто. Знам дека можам и дека имам сила за трка под 15 часа, можеби нешто околу 14 часа. Реално остварливо, ако се земе предвид дека трката на Истра е за 6-7 км подолга од оваа, а ја имам поминато за 15 ч и 15 мин, дека Крали Марко беше 65 км, а го имам поминато за 8 часа. Овој пат имав еден заеднички викенд тренинг со Игор Јованоски, два пати Љуботен, еднаш Плоча, еден викенд го лупав Љуботен-Пирибег-назад сам. Имаше уште еден два викенди со 30-40 км. Што ќе рече ништо посебно без некоја програма, без преголема сериозност, но во континиутет и се разбира малку повеќе отколку за Фрушка Гора.

Патот беше испланиран, сместувањето со помош на директорката на трката, и благодарение на Сандра беше најдено и договорено, остануваше само да се тргне. Една група составена од Љубиша Андреиќ (пријавен на Ултра – 104 км), Поповски Горан (пријавен на Ултра – 104 км), Тодоровски Мирослав (на Миди 35 Км) и Тодоровски Димитар (на Миди 35 Км), Стефанов Мики (логистика во обид со точак да го извози патот за назад за накај дома), и директно од Франкфурт Марјан Бонев (на Миди 35 Км), беше дојдена на Јахорина уште во четвртокот на 27 Јули, 2017 година. Втора екипа ја, Сандра и децата (логистика пријавени за шетање и краток годишен одмор), тргнавме во петок 28 Јули, 2017 година сабајле околу 09 ч. Трета екипа Игор Јованоски (пријавен на Макси – 70 км), Мартина Милева (на Миди 35 Км), Катерина Тери Николовска и Васе Ачковска (логистика пријавени за шетање), тргнаа во петокот попладнето накај 14-15 часот.

Патот не толку долг (650-700 км), но одзема многу време. Задолжително по пат плескавиците со кајмак на Предејане, кафе во Чачак, и пица во Вишеград (на мостот на Дрина, оној на Иво Андриќ), калории се потребни за утре, па кркај што ти се најде на пат. Вечерта околу 22 часот стигнавме на платото пред хотелот Бистрица, подигаме стартен пакет и одиме во потрага по сместувањето. Околу 23 веќе е завршена таа работа. Ја најдовме викендицата, па по мала подготовка за утрешниот ден некаде, нешто малку по полноќ се легнува за да се одмори од патот и да се подготви телото за трката.

Tvrdina

Слика бр.1 – Македонската тврдина на Јахорина – фото на Љубиша Андреиќ

05:00 денот на трката, малку варен ориз како доручек, подготовка на опремата и вреќата за резерва. Се чуствувам не среден, и го кажувам тоа на Сандра. Не ми фали сон, незнам како, но сум наспан. Неможев да најдам шеќер за кафето, па тоа ме направи нервозен, лошо е кога првото кафе сабајле нема да ти се погоди по ќејф, кратко речено: „ти се еба денот“. Итав да се спремам нешто да не заборавам, тешка конфузија, вака не организиран на старт на трка не сум бил никогаш. Напикав во ранецот се и сешто, мислиш се спремам за едно неделна екскурзија по Југославија (4-5 бонжитки, протеински бар, 3-4 алви, 2 кеси енергетски напиток, 2-3 пакувања електролити, 2 пакувања кикирики, лешници и брусница), осеќам дека е тежок дека претерав, ама си мислам подобро да има, да не заборавам нешто.

Ekipata

Слика бр.2 – Екипата на старт – повторно Љубиша е одговорен за сликата.

На платото пред хотел Бистрица, се собираат тркачите, кој помалку кој повеќе возбуден, поздравувам неколку познаници, наоѓам една клупа и смирено си седнувам на неа и уживам во самотијата сред таа гужва. Со задоцнување од околу 10-15 мин., но во рамките на академски дозволените 15 мин. според Балкански стандарди се означува стартот на трката. На почетокот имавме еден успон од 3,7 км, а потоа следуваше претежно рамен дел и спуштање се до некаде 19 км. Патеката ја имав добро проучено и знаев дека првиот дел до 60 км, ќе биде по трчлив, рамен и со спустови, а дека потоа најголемиот дел од висинската денивелација ќе следи или ќе биде набиена во последните 44 км. Планот беше на Пале на 60 км, да бидам помеѓу 14-15 часот, на Сандра така и порачав тоа време да ме чека со децата. Стартот беше лесен, се излактав некако помеѓу првите 10 тркачи. На почеток тргнав сам, подоцна на успонот нагоре се најдов со Игор, па продолживме заедно. Искачувањето одеше по скијачка патека, маркациите беа одлични, а и организаторот се имаше погрижено во почетните неколку километри групата да ја води мотор. Уште на самиот почеток се виде грижата на организаторот за патеката, деловите кои се наоѓа по ливади беа фино покосени, и маркациите беа често и правилно поставени. Исто така гужва беше уште од стартот па и немаше зошто да се погреши. На самиот старт по успонот почувствував дека нозете ми се тешки, но си реков тоа е само од успонот. Кога заврши успонот, следуваа долги спустови и порамни делови каде исто така тешки ми беа нозете. Беше само почеток па ми влезе еден с’клет, и од мака на Огорелјица горе неколку пати си ја фатив, ама гласно „што си ме мајко родила“. Игор не коментираше само ме загледа почувствував дека со поглед ме кара да не се глупирам, мене тежина на душа, ама не му кажувам, па си продолжувам.

Marija Jankovic

Слика бр.3 – нешто околу стартот ме има таму негде ѕиркам позади Љубиша – Photo by Marija Jankovic

 

Малку си помуабетивме за патеката, заеднички констатиравме како е добра, рамни делови и спустови како што си сакам ја. Следеше заветот „Ј’зк нека ми биде ако не земам добро место“ само рано е треба да се отворим. А потоа му викам не е цела патека ваква главното, денивелацијата следи во последните 44 км. Како да сакав да си најдам оправдување ако не го остварам заветеното. Пејзажот се менуваше, од тревнести ливади, во макадам, па пак во ливади, но спустот и рамното не завршуваа. Си фуравме со Игор заедно се додека тој на мене ми рече, „еј добри сме за 58-59 мин. имаме поминато 10 км, вака ми вика ја за 7 саати, а ти за 11 си на цел“. Подголтнав малку, па викам ајде што да не.  А после тоа тој ми вика мораш да се чуваш, да успориш малку, ќе ти треба за на крај, напред пред нас нема многу луѓе, и мислам дека повеќето само се засилија на старт, продолжи умно, чувај се, чекај ги, ќе ги добиеш. На неколку места се приближивме до Владимир Паниќ и до уште еден тркач кој тогаш сеуште не го познавав. Но не фативме чекор со нив двајца. Не чуствував дека идеме премногу брзо но, саатот не греши. После разговорот Игор побрза, јас малку успорив и повеќе не се видов со него се до целта. Продолжив сам и во овој дел немаше што да ме загрижува се си беше како треба, малку подоцна и тежината во нозете ја снема што се вика пушти, се отвори.

Novak Elcic

Слика бр.4 – Тандемот ја зеде трката под свои нозе - Photo by Novak Elcic

Прва окрепа Мајнекс на 19,2 км, Зоран Прекогачич (го делевме прво место на Фрушка Гора), ајде друже ми вика, како е. Па сега за сега добро е. Се дополнувам вода малку кикирики нешто за колку да не е без ич, се полевам со вода, прашувам за правец и одам. Таму некаде околу контролната ме пристигна поголема група 3-4 тркачи од трката на Игор, групата брзо се движеше. Се понадевав дека Игор доволно се оддалечил и дека ќе има сила за да задржи 2-3 место до крај на трката и дека ќе го видам на подиум (по моја проценка на таа позиција се наоѓаше во тој момент).

Сега веќе сонцето почна да жежи, се обидувам да пијам вода колку се може повеќе, но кога си залетан затрчан некако на се, се заборава па и на водата. Знаев дека следат три-четири последователни долги и рамни делови без никаква окрепа (14,6 км, па 10,1 км, па 16,2 км, па заслужен ручек на Пале) во сред пладне, и знаев дека таму ќе мора и да се трча и да се движи брзо и да не се изгори за да се издржи до крај. Уште додека се коваше стратегијата за трката таму го гледав пеколот, таму знаев дека ако се преживее ќе биде се како треба. Топлото почна да пречи, па почнав и да ја чуствувам тежината на сите непотребни ствари кои ги натускав во ранецот. Ранецот почна да тежи, па почнав да размислувам како да се олеснам и каде да оставам се што сметам дека не ми е потребно. Си викам на себе каква будала сум на вака добро снабдени окрепи не ти треба сето ова, џабе носиш на себе толку тежина. Тежината на ранецот ме потсетуваше дека треба од време на време да го олеснам па посегнував по шишињата со вода, сега веќе почнав и со енергетските напитоци и со електролитите. Се обидов да јадам алва, едвај пола изедов, па малку лешници и брусница, се спремав енергетски и со течности да се издржат не само овие 14, туку и нарендите 16 км, без окрепа. Тука некаде во овие 14 км, за првпат се сретнав со чудо, тунели. На среде трка патеката поминуваше низ тунели. Влегуваш во тунел, црна темница, ладно како во комора. Мрачно и помалку морбидно, ама не ти се излегува, затоа што надвор пече. Ми се чини пред првиот тунел, се сретнав и го поминав тркачот кој идеше со Паниќ. Не се запознавме само се разминавме. Мештанин беше, го прашав, па ми кажа дека на оваа делница следат уште неколку вакви тунели 2 или 3. Ја го прашав чисто да знам како да се организирам со челната лампа. Да со челната лампа, во сред бел ден, црна темница и мораш да вадиш челна лампа. Вади, стави, се зема време. Се организирав, па откако првиот пат ја извадив од внатрешноста на ранецот, сега веќе ја поттурив во страничните џебови за да се најде и за побрзо да оди тоа вади, стави. Кога возевме од Вишеград накај Јахорина, патот минуваше низ многу тунели. Мојот помал син Кирил, тогаш констатираше: каква е оваа земја, тато? колку многу тунели? Нели може да ја викаме земја на тунелите.  Тогаш и таму се присетив на неговите зборови, па благо се насмевнав. Брзо минува времето, на Подграб на освежителна на 34 км, бев некаде околу 10:45, што ќе рече првите 34 км, сум ги поминал за некаде околу 3 часа и 10/20 мин. Брзо се изненадив сам од себе. Се поттурам со вода, малку портокал, прашувам дали се уште има тунели по пат, ми кажуваат по сеќавање иако не знаат за сигурно дека нема. Но се решавам челната да остане на дофат на рака. Претпоставував дека тркачот кој го поминав е 3-4, па така чувствував дека добро се движам и дека фаќам добра позиција. Наредните неколку километри трката се претвори во постојано разминување и менување на позицијата помеѓу мене и него. Се трудев да не запнувам, но рамните делови и спустовите сами влечеа, бараа да се пружи нога, едноставно на такви делови не сум учен полека и тактички. Госпоѓите на освежителна ми кажаа дека ќе се качуваме накај Мајдан или нешто си мислев можеби за промена еден успон ќе не одмори. Таму некаде по пат околу таа контролна го отворив проетенското барче, но неможев да џвакам тешко беше и да се џвака и да се качуваш нагоре, особено што барчето беше многу суво. Покрај патеката здогледав малини, па барчето го заменив со малините, туку мислам дека повторно ме престигна Мештанинот. Си помислив, нели трките се и за уживање, а не само за да се мачиме, нека си иде тој јас ќе си каснам некоја малина ќе поуживам малку. Секако, веќе сонцето почна да си го зема данокот и да ми ја зема силата. Следуваше контролна Мајдани, таму повторно Зоран, ми вика „јуј како ово сунце пече, врати нам оне калове из Фрушкој„ хахаха се насмевнав и повторив врати нам оне калове из Фрушке Горе. На контролната дојдов поприлично изнемоштен и за малку ќе ја промашев. Таму си зедов лубеница и банана која едвај да ми пропадна, а Зоран ми кажа дека на 3 км, од освежителна има прекрасен извор со ладна вода. Потоа ми кажа дека сега ќе следи ладовината на Романија, и качувањето по карпата и фератите. Ми рече: изворот и ладовината малку ќе ве дигнат, ќе дишете по свежо, а после лесно ќе протрчаш и дотрчаш до Пале, затоа што последниот дел бил трчлив. Таму додека се освежував на контролната ме поминаа неколку тркачи, не знам дали беа од нашата трка, сега повеќе не обрнував внимание на другите. Одамна размислував вишокот на храна од ранец, заради самата тежина на ранецот да го оставам некаде, сега кога го видов Зоран ми текна, па му го оставив на него. Што ќе ми ја и така ништо од тоа што го носам не сум ни пробал, се си има на освежителните. Оставам поголем дел од стварите и оп препород, мислам дека тежината на ранецот се намали за пола, можеби и повеќе. Излегов од контролна и навистина следеа длабоки сенки од иглолисни дрва, борови или нешто што и да беа, битно на таа горештина служеа подобро од клима уред. Уф и да таму беше и изворот, се пикнав цел под него и мислам дека почнав да слушам шиштење од ладењето на прегреаното тело. Хахаха. Се изнапив вода за сите пари, се освежив, се вратив. На контролните навистина имаше вода и сите сакаа да помогнат и прво со вода те служеа, ама таа секогаш беше топла, ретко ја пиев и не ме освежуваше, а и не можеше да освежи како оваа изворската. Леле човек, се радував за прв пат на оваа трка и благослов пратив за Зоран што ми го предјави ова. Овој рај. Нагоре качувајќи видов тркач зафиткан во фолија, го прашав како е, да не му е потребна помош, да се јавувам му викам на СОС телефонот на организаторот. Ми вика не уживај пријателе само ми се спие, ќе си легнам да поспијам. А, како не би си викам, колку е само ова место убаво да си дремнеш на оваа горештина. Но не паднав на искушение си заминав. Следуваше, ново изненадување, качување на карпи и одење по ферати.

Karpa-ferata

Слика бр.5 – е да таму горе по карпите одеше патеката, скроз до горе, алпинизам,
болдеринг како сакате хахаха- Љубиша е одговорен и за оваа слика

Се намали малку темпото на движење, се активираа други групи на мускули, изворот со грч ладна вода, и сенката на боровите, помалата тежина на грбот, сето тоа добро ми дојде, ме поврати што се вика. Оваа требаше да биде најдолгата делница без окрепа, најдолгата делница на трката воопшто, во најтоплиот период од денот. Делницата која што ме заплашуваше. Набрзо поминав уште еден тркач мислам дека го видов на освежителната кај Зоран, таму тој мене ме помина. Го видов како повраќа, го прашав дали е добро, и дали му треба помош. Ми одговори со НЕ. Му реков да не се секира после повраќањето ќе му олесни па ќе може да продолжи.

Иако видно освежен и подигнат, сепак тешко се справив со оваа делницата. Ме уби психички, ме доведе до работ, до растројство. Трчаш, трчаш и трчаш, планински патеки, макадам, асфалт, а Пале нигде го нема. Водата се потроши и беше топла, наместо да ме освежи почна да ми пречи, сонцето ги цедеше и последните атоми на сила. Нозете почнаа да ми се тресат и да ме молат да застанам, но го сонував Пале и ладната спортска дворана, и супа, супа и само супа, а да и децата и Сандра. Појма немав колку е саат зошто немав ни саат ни ГПС, немав ништо со мене. Така беше уште од старт, дента пред трката ми се скина ременчето на саат па останав и без него, немаше како да ги мерам ни минутите, ни часовите. Стомакот сега веќе почна да работи беше празен, ставив некој лешник и брусница, но не оди, сака храна, вистинска храна. И целата агонија траеше под пеколното сонце на топлиот, асфалт, да асфалт. Влегов во населено место, но не беше Пале. Покрај мене на асфалтот надолу се спушта еден Голф 3, човекот од внатре отвора пенџер и ми вика, „Хеј, Болан зашто да трчиш уџи у ауто“. Ми се чинеше дека слушам виц со Мујо и Хасо. Ама не беше виц, да не паднам во искушение, луто му одговорив, Фала, не треба, ја волим да трчим. Како волиш, Вол ни еден си викам на себе, сам во себе. На оваа жега, кој воли да трча. Човекот си замина, се појави населба, немам вода. Гледам лево десно по дворовите, барам луѓе, чешма да видам, но нема. На едно место отворена гаража, се работи нешто, некој фарба профили, човек нема, ама чешма има. Уф, какво искушение. Ја поминав, па се вратив, се мислам дали да влезам или да викам да излезе некој, па да прашам дали може да влезам и да полнам вода. Викам. Домаќине, Газда, Господине, а, у, нешто што и да е. Излага постар господин ми вика „Изволи Болан“ или што и да е, не е битно. Го прашав. Ми дозволи, ми се чудеше како успеав на толку тесна чешма да се искупем целиот, се напив вода и дополнив колку требаше. Ладна е освежува, сега е подобро. Се заблагодарувам и прашувам уште колку има до Пале. Ми одговара уште 2-3 км, спуштање по асфалтот. Фала и си заминувам. Нозете не работеа, беа тешки, сонував тушеви и храна на Пале, се надевав дека тоа ќе ме освежи и врати. Мислам дека негде прочитав дека на Пале треба да има и ладен туш. Може и да не сум прочитал, и може само сум го замислувал ама не е битно. Трчам по асфалтот надолу, ете нова населба, ова мора да е Пале, трчам и од мојата десна страна гледам голем објект личи на Спортска сала, се ориентирам по неа и по маркациите, прашувам во еден дуќан, тоа е тоа, Спортска дворана Пале. Ја влегувам излегува Мештанинот. На контролна по договор Сандра и децата. Во договорено време помеѓу 14-15 часот, сум во Спортската сала. Ама не вредим многу пари, слабо пиев вода, дали до сега на целата трка едвај имам 2-3 л испиено, а времето беше топло, а на тоа плус минус 0,5-1 л, електролити и енергетски пијалок. Требаше повеќе. Имав изедено пола алфа и пола барче, малку лешници и брусница, парче две лубеница кога ќе се пресметам премалку.

Влегувам, седнувам, децата се весели рипкаат околу мене едниот ми ја дава вреќата, другиот ми дополнува вода, ме полева со вода да ме разладел. И кажувам на Сандра дека, веќе сум на црвено. Знае да процени, не и е прв пат, ме видела и друг пат во ваква состојба. Да не сакаш да се откажеш ми вика. Не, категорично, иако размислувам и за таа опција. И тоа сериозно. Барам супа, нема. Има само гулаш. Гулаш, гулаш дај појќе течност и со гулаш ќе се помине. Барам и ориз, мешам, гулаш течност и ориз за енергија, но не оди, не прима стомакот. Додуша не е како на Фрушка Гора подобар сум сега, ама не прима. Барам кисела вода. Нема. Ја пратив Сандра да оди да купи. На влез од салата има дуќанче, таму каде што прашав дали тоа е салата. Оди кутрата купува. Ладната кисела помага да се касне нешто. Дојдоа уште неколку тркачи, тројца. Ми се чини беа од Хрватска, бараат и тие кисела, но нема. Им ја нудам мојата, ја делам со нив. Ултрашка солидарност, кој не пател на ултра не знае и нема ни да дознае. Со тешко срце после не знам колку време можда пола саат станувам. Сменив маица и излегувам. Нозете не одат, пешачам малку да се загрее телото, да се размрда крвта. Пешачам, па почнувам да трчам полека и тешко. Таман да излезам од Пале, од колата излезени на прозори и Кирил и Филип, викаат „Тато, тато, напред тато“. Навиват. Моментот ме погоди. Ајде иди сега па откажи се, разочарај ги. Направи исто како лани, исто како на Крали Марко. Ете ги вторпат сите заедно на трка со тебе. Ајде откажи се, Иди дај им пример како татко. Дај им пример како не треба. Научи ги да се откажуваат у животот, наместо да се борат. Е, Не, Нема, за нив Нема. Нема да ги разочаран по втор пат. Последен да ја преминам целната линија, на четири нозе да ја преминам, ама ќе ја преминам. Зошто тие ќе бидат таму, а нив не смеам да ги разочарам, не по втор пат, на нив не смеам да им дадам лош пример. Сандра праша у колку на цел. И одговорив околу 22 часот.

Патеката повторно беше рамна трчлива, и одеше низ тунели, сега веќе беше посвежо, тешки беа нозете, но се трчаше. На наредна контролна имаше ладна вода ја имаа вадено од изворот веднаш до нив, си подзастанав и таму одмарав 5-10 мин. На рамните делови повторно го поминав Мештанинот, но сега веќе имаше еден или двајца Хрвати пред мене и него. Потоа патеката водеше низ едно село, ми се чини муслиманско. Таму прв пат ја промашив патека не заради маркација, туку заради сам себе, се занесов. Патеката одеше по асфалт, ама само нагоре и тоа шпиц, каков рид човече, овде да живиш да ти е мака да излезеш од дома зошто враќањето бара кардио напор. Заврши селото и асфалтот, се префрливме на боб патеката, таму малку се збунив со маркациите. Прашував луѓе ми дадоа правец, но некако немав доверба. Успонот низ селото и рамните делови, пак си го зедоа данокот. Додека се шуњав лево десно ме стигна Хрватот со кого ја делев киселата вода. Ми вика ајде наваму, ми покажа токму во истиот правец како и луѓето што ги прашав. Интересно нагоре по Боб патеката, ама нагорнина е, а тешко се оди, се обидувам да го следам чекорот на Хрватот, но него му е полесно, осеќам дека е посвеж, има штеки, па успонот полесно му оди. Ми спомнува некое пиво што го пиел, долу, па дека и во домот ќе имало ладно пиво. Ми направи филм почнав и ја да сонувам ладно пиво. Некое време му викам, а не на дом. Мене пиво ќе ме чека на цел. Стигнавме заедно на домот, таму нема пиво, човекот беше разочаран. Нема пиво, ама имаше лубеница, и се дадовме како никогаш да не сме виделе лубеница, се такмичевме кој повеќе парчиња ќе изеде.

Во меѓу време дојде и Мештанинот и уште еден-двајца Хрвати. Сите заминаа ја останав, почнав многу да одмарам на освежителните. Кога сите заминаа, останавме само ја и Мештанинот. Ми пружи рака се запознавме, ми кажа дека се вика Кристијан. Тргнувам, побара да го зачекам за да идеме заедно, ми вика ајде заедно до крај. Му викам ако, ајде. Почекав уште некоја минута, минутите не ми значеа сега ништо, кое место ќе бидам немаше значење, битно беше да се дојде до цел. Тргнавме. Следеше уште успон, врв Требевиќ. Кристијан водеше, на моменти подзастануваше да почека, му викав  да не чека ако има сила да оди. Викаше не е проблем дека ќе идеме до цел заедно. Некаде по малку ја преземав, но тој диктираше темпо, а ја се трудев да пратам. И пратeв и тоа се чудев колку добро и колку брзо одеше сето тоа нагоре, иако на моменти се одеше и на четири нозе. Некаде на спуштање од врвот накај наредната контролна Кристијан без да се поздрави, забрза, се одлепи и побегна, не остана што се вика на договорот. Не дека го барав тоа од него дури и го охрабрував ако има сила да продолжи побрзо напред, ама сметам дека ќе беше по фер од негова страна да кажеш дека тоа ќе го направи да се поздравеше и да заминеше. Вака некако се ми делуваше како не фер. Иако ова е индивидуален спорт и овде има некој fair play, и се знае како се прават работите.

Marija Jankovic br.2

Marija Jankovic br.3

Слика бр.6 и 7 – Требевиќ на четири - photo by Marija Jankovic

Jadran Cilic br.1

Слика бр. 8 – зајдисонце на четири на Требевиќ - Photo by Jadran Cilic

Ноќта ме фати на Ступањ, на оваа контролна тука околу мене беа тројцата Хрвати, а не пристигнаа и двајца Словенци, се на се 5-6  луѓе на 5 -10 мин. разлика. Не бркав никого, не беше важен пласманот важно беше децата да ме видат како ќе ја поминам целта. Сила повеќе немав, повторно направив долг одмор на Ступањ, јадев лубеници, па продолжив. Сега сам, никој ни пред мене ни зад мене. 6 км, поблаг успон. Челната светеше, ама ја веќе не гледав ништо, почна да ми се темни, мижев, шантрав лево десно, се движев со замижани очи, заморот ме надвладеа, дремев и одев. Одев и одев, овие 6 км, ми се видоа, како 60-сет км. Една мисла ме држеше буден, околу 22 ќе сум на цел, таму чекајте ме. Помина и тоа. Едвај стигнав на последната контролна пред целта (Дворишта). Таму барав љубеница нема, тивко по селски ги опцув во себе. Ми понудија портокал зедов, киселото малку ме освежи, а во глава ми се вртеше уште само 7 км, уште само 7 до цел. Не седев многу, бев нестрплив ја сакав целта. И полека тргнав, одев, па трчав. Спуст од некој 1-2 км, па успон по асфалт. Претходната ноќ кога доаѓавме за Јахорина децата ги забележаа маркациите по патот и баш прокоментиравме дека тие маркации се последните километри од трката, по што ја добро опцув. И да беа. Последните км од трката успон, по асфалт нагоре. Но сега не беше битно, трчав нагоре како да е почеток на трката и трчав и сметав за колку минути може да бидам на цел, 7 км, со 400 м Д+, за 50-60 мин. Погрешив ми беа потребни 1 час и 14 мин. Асфалтот го истрчав, ама патеката заврте во шумичка, а таму само нагоре и тоа шпиц. Заврши шпиц угорнината, сега патеката оди лево и десно по некој мостиња и некој потоци, и некој калови. Си викам у себе, а бе Зоран, зарем мораше сега на крај и кал да ми дадеш, ако ти реков дека недостига тоа беше за преска на топлото, а не за сега на крај. И почна да ме фаќа сафра,  патот по шумичката одеше лево и десно, и неможеше да се трча, мораше да се оди, се саде гранки и мостови и мостиња и потоци и калови. Одењето пак значеше повеќе време подолг пат. Конечно слушам музика, и џагор на луѓе. Излегувам од шумичката, поминувам преку пат, пак шумичка, го снема џагорот и пак нагоре, па рамно, па мал спуст, трчам, па пак шумичка, пак џагорот. Ова мора да е тоа, ова е целта, нема друго, доста е, ова е за крај. Излагам од шумичката, гледам игралиште, но не и маркација, сакам низ игралиштето нема како да се симнам, гледам челна како свети, како ме наведува. Група млади на среде патека прават некоја забава, како што трчам поред нив ме поздравуваат, ми аплаудираат ми даваат раце да се поздрават (петка). Некој вика татко ти е (тоа беше Бонев), го гледам Филип како трча со Македонско знаме накај мене. Му пружам рака. Го земам и заедно со развиорено знаме влегуваме на целта. Таму се сите Сандра и Филип (Кирил не издржал заспал во кола), потоа Бонев и Мартина (двајцата победиле на нивните трки), па Игор – завршил како – петти или шести му се слошило, повраќал. Тука е Тери и другарка и Васе, како и Мики. Сите се горди, секој кој ја поминал целта е победник и сите му се радуваат. Ете тоа е ултра, ете затоа е убав крајот, затоа треба да се издржи.

Novak Elcic br.1

Novak Elcic br.2

Novak Elcic br.3

Слика бр.9,10 и 11 – Целта - Photo by Novak Elcic

Автор: Александар Симјановски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram