25.04.2014

Ултрамаратон „Изник“ (Iznik Ultra)

Изник или во античките времиња познат како Никеја е мало гратче во Мала Азија во близина на градот Бурса, на брегот на истоименото езеро. Тоа е местото кое го посетивме во втората половина на април и во кое поминавме неколку прекрасни денови. Повод за оваа посета беа неколкуте планински трки организирани на различни должини. Набројани од најдолгата кон најкратката изгледаат вака: 130 km, 80 km, 42 km, 10 km. Од Скопје замина екипа од 9 членови. Осуммина, меѓу кои и јас тргнавме со две коли, а Иле од Прилеп дојде таму со татко му и со еден пријател. Накратко раскажана приказната звучи вака: супер си поминавме, убаво се истрчавме, малку поткривнувавме првиот ден по трките, собравме многу награди, запознавме многу фини луѓе од различни делови на светот и си дојдовме назад.

Местото за трката не го избравме случајно – секогаш кога одам некаде сакам тоа место да има некоја приказна зад себе, некоја историја. А Изник го има тоа во изобилство. Како населба постои многу одамна кога било населено од Боетијци, а потоа било уништено од Мизијци. Еден од генералите на Александар Македонски (по смртта на Александар) – Антигон го обновува градот и го нарекува Антигонеа – но тоа кратко трае бидејќи е симнат од власт од некои свои пријатели / непријатели. На власт доаѓа Лисимах кој на градот му го дава името Никеја – во чест на својата жена – која пак е ќерка на еден од најпознатите генерали на Александар Македонски – Антипатер.

Си врвеле вековите, се одгледувале маслинки и се паселе овци и кози на овој простор. Едни освојувачи доаѓале, а други си оделе. Со појавата на христијанството, целиот овој дел од Мала Азија е средиште на случувањата по распнувањето на Исус – голем дел од неговите следбеници заедно со Богородица доаѓаат на овие простори и Црквата е многу силна. Во IV век – 325 година во Никеја се одржал I Вселенски црковен собор под покровителство на императорот Константин. Тогаш се поставуваат многу значајни работи за понатамошното устројство и на верата – тука е донесен и текстот на познатото „Вјерују…“ – Символот на Верата. Меѓу потпишаните на тој Символ меѓу другите е и свети Никола .

Во Никеја се одржува и VII Вселенски црковен собор во 787 година и тоа во црквата во самиот центар на градот – „Света Софија“ (Agia Sofia) која и денес постои – меѓутоа функционира како џамија и музеј.

Во римско време, а потоа и во периодот на Византија се прават ѕидини околу целиот град, повеќе цркви и други објекти и патишта. Некои од нив по своите архитектонски и ликовни решенија спаѓаат меѓу најдобрите примери на византиската уметност во Мала Азија, како на пример црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Потоа доаѓаат турските освојувачи и Орхан Бег (Orhan Gazi) кој во 1331година ја зазема Никеја и многу други предели, на тој начин се шири Отоманската Империја. Орхан е познат по тоа што на совет од еден од своите советници ги создава јаничарите – војска чии војници биле земени од поробените народи уште кога биле мали деца.. Братот на Орхан, Аладин е првиот велики везир кој се грижел за логистиката и организацијата на многу аспекти од функционирањето на Отоманската Империја.

Во подоцнежниот период гратчето, кое денес брои околу 20.000 жители, е познато по изработката на прекрасна рачно обоена керамика и по производството на многу убави маслинки и други земјоделски култури.


Еден од амамите во Изник

И така ние спремни со сознанија за важноста и светоста на ова место појдовме преку Грција и преку познатото Галиполе стапнавме на територијата на Азија. Минувајќи низ Бурса, загледани во Олимп на Мала Азија (планината Улу Даг), се најдовме на другата страна на езерото Изник, во гратчето Орхангази, наречено по нивниот владетел. Езерото по големина е слично, можеби нешто помало од Охридското, петто по големина езеро во Турција и познато е по чистата вода.

Стигнавме во Изник во четврток попладне, времето беше мирно, ништо од најавените дождови. Тоа ни одговараше бидејќи можевме мирно да ги наместиме шаторите. Покрај езерото имаше две згради од спортските клубови и простор каде што можеше да се постават шатори. Исто така имаше и добар санитарен јазол со можност за туширање – проточен бојлер. Тука, во една од зградите беше и штабот на организацијата на трката. Веднаш појдовме да се видиме со Џанер Одабасоглу (Caner Odabasoglu) – директорот на трката со кого сум во контакт преку интернет веќе три години, во исто време тој ја стартуваше оваа трка, а ние трката „По стапките на Крали Марко“.

Вечерта прошетавме по кејот, а се вративме по централната улица. Заклучивме дека станува збор за мало гратче – со шетање се минува за 20 минути. Легнавме да одмориме од долгиот пат. Во текот на ноќта дуваше ветар, на моменти и засилен, а сабајлето почна да врне дожд. Тоа нормално не ни се допадна баш многу. Полежавме уште еден саат, дождот малку намали па ние појадувавме и полека – со кабаници и чадори тргнавме да го разгледуваме градот. А има што да се види – стари ѕидини, амами, џамии, потоа продавници за украсна керамика, слаткарници со баклави, локуми, ѓевречиња и сите познати турски работи… Времето се подоправи па дури и огреа сонце. Уште вечерта забележавме едно СЕИР кафе и моравме да седнеме таму на кафе со локум, турски чај.


Аја Софија – црквата – сега џамија во која е одржан VII Вселенски црковен собор

Кога се вративме, во кампот се сретнавме со екипата од Бугарија,од трката Персенк заедно со директорот на трката Николај со кого си правевме шеги, сè директори сме се собрале, а боси и во шатори.


Нашата екипа и екипата од Бугарија

Попладнето појдовме во центарот за да ја покажеме задолжителната опрема и да земеме стартни броеви за трката. Таму се сретнавме со тимот од Велика Британија во кој имаше и неколку ѕвезди, а беа предводени од Иан Корлес – човек кој и самиот е тркач, а последните години фотографира и прави репортажи за разни трки и прави интервјуа со познати ѕвезди. Тука беше дојден на покана од организаторот на трката, а со себе повел и екипа тркачи за уште подобро да се претстават. И ние имавме слични планови и амбиции. Интересна средба, особено кога веднаш спортски се ‘рчнаа Марјан Бонев и нивната ѕвезда Роби Бритон – и двајцата утре ќе трчаат иста трка и си ги меркаа можностите.


Нашата екипа, заедно со британската екипа плус една Французинка и директорот на Ултрамаратонот „Изник“ – Џанер

Се вративме назад во „хотелот“ како што си го викавме – мораше да се јаде и оние што ноќеска на полноќ стартуваат на 130 km да дремнат малку. Ние останатите заминавме на паста парти (Pasta Party) во еден хотел во близината. Летоци од нашата трка оставивме кај Џанер уште првиот ден и секој од тркачите во својот пакет доби по еден леток за „По стапките на Крали Марко“ (Krali Мarko Тrails). Времето пак се менуваше, малку дуваше, малку врнеше, па многу врнеше, па пак престана.


Сонцето заоѓа позади езерото

Во 22.30 часот тргнавме кон центарот – таму се загреваше атмосферата пред трката. Бидејќи е ноќен стартот натпреварувачите мораа да носат флуоресцентни елеци и челни ламби. Нашите тројца претставници: Светлана Стојаноска, Жикица Ивановски и Јовица Јованчев изгледаа добро и решено да го издржат овој голем предизвик. Директорот на трката и градоначалникот или гувернерот на областа одржаа мал говор – не разбравме баш на турски што кажаа. и потоа беше означен стартот на трката. За кратко време ни избегаа луѓето во темницата. Ние се вративме назад до кампот и легнавме да спиеме бидејќи рано наутро нас ни претстоеја километри за трчање.


Жико, Светле и Јоцо пред стартот на 130 km

Во текот на ноќта нашите пријатели се бореле со километрите, Жико како и секогаш од почеток тргнува резервирано, но постојан е така што со текот на времето секогаш преминува во првите редови. И Светле и Јоцо добро напредуваа во првиот дел. Ние добивавме информации преку Фејсбук каде што има тракер (tracker) за да се види кога некој поминал на одредена контролна точка.

Утрото е убаво, сончево, по малку свежо. Станавме порано за да се подготвиме со сè што ни е потребно, а и да имаме време да јадеме па да ни спадне храната, за да не ни претставува проблем при трчањето. Има финеси кои полека секој си ги учи и си ги применува во трките за да помине сè – ако може – во најдобар ред. Отидовме на стартот и таму имаше веќе доста тркачи и тркачки, најмногу од Турција, но и од други земји – млади, стари, слаби, дебелки, убави… но сите со желба да се проба нешто ново, да се обидат да се надминат себеси овој ден. Имаше дури една девојка која со апостолки си ја истрча трката, мислам дека беше од Британија, приврзаничка на беарфут ранинг движењето (bearfoot running) , се движеше со многу лесен чекор. Заеднички е стартот на трките на 42 km и 80 km – во 7.30 часот. Тргнавме, времето беше пријатно, ние весели, за мерак.


Пред стартот на трките на 42 km и 80 km


Првите километри од трката – помеѓу стебла од маслинки

Минуваа километрите, првата контролна точка требаше да се мине за три часа, ние ја минавме за помалку од два, па почнуваа математики како би ја завршиле трката ако продолжевме со истото темпо. Па следуваше втората контролна во второ село. Застанавме колку да се напиеме нешто, да каснеме, да си ги истресеме патиките од камчиња и продолживме понатаму. На некои места, особено по сртот на планината, дуваше умерен ветар па почна дури и да заладува. Потоа огреваше сонцето и стануваше топло. Кон крајот на трката почна да роси… и така интересни работи се случуваат кога си многу часови на отворено. Но убаво е во секој случај. А особено нè трогнаа жителите на селцето Мускуле (Muskule) кога најмногу мали дечиња и баби ни аплаудираа и врискаа од радост, нè поздравуваа, а една баба дури лупаше на барабан, попријатен дочек не сум имал никогаш. Најмногу од сè ме израдува тоа што во нивните очи се гледаше искреноста во она што го прават. И така – со малку болки во нозете кон крајот на трката – што е исто така сосем нормално – инаку не би било предизвик – стигнаваме јас и Софија на целта во Нарлиџа (Narlica) каде што нè дочека Марјан кој веќе ја имаше завршено својата трка.


На целта на трката од 42 km

Со Марјан поразговаравме како помина трката и каков резултат постигнал. Имено, Марјан до пред самиот крај го држел второто место кога го фатил силен грч во ногата. Следувала борба со ногата за да го пушти при што изгубил многу драгоцено време. На крајот го освоил 11. место. По трката тој се сретнал со двајца Французи, едниот од нив Бенуа Лавал, кој го освои второто место, бил долгогодишен искусен тркач и сопственик на фирма за спортска опрема редлајт (Raidlight). Двајцата му кажале на Марјан како се спремаат пред трка, што јадат и што пијат (главно обична храна) за време на натпреварите и дека е особено битна хидрацијата – каде што веројатно нашиот колега потфрлил па го фатиле грчеви. Во секој случај нешто губиш (позиција), но нешто добиваш – контакти со многу интересни и искусни луѓе.

Кога се качивме во комбето за да се вратиме во Изник почна да роси. Марјан видно возбуден раскажуваше гласно за сите детали од својата борба со километрите. Во Изник веднаш прашавме кој се наоѓа на првите три позиции во трката на 130 km. Ни кажаа дека прв е Маркус од Велика Британија, втор е домашниот тркач Махмут, а трет е број 42. Си мислев дека тоа беше бројот на Жико, а исто така и знаев дека има капацитет за таков успех. Кога отидовме во кампот, го најдовме Жико во шаторот, а тоа значеше дека третото место е негово. За време од 13 часа и 53 минути Жико ги поминал 130-те километри и направил цел круг околу езерото.

Каснавме малку и повторно се вративме на целта за да ги пречекаме и останатите натпреварувачи. Наскоро пристигна и Јоцо кој патеката ја помина за 16 часа и 55 минути со што го освои 13. место. И што е уште поважно на целта пристигна најсвеж и највесел од сите. Да не беше таа силна сол по маицата и хеланките – човек ќе си помислеше дека воопшто не учествувал на трка. Браво за Јоцо.


Јованчев на цела по истрчани 130 km

Во меѓувреме пристигнаа и двете Тањи – Манчева и Пенева кои многу успешно ги истрчале 80-те километри, за 11 часа и една / две минути освојувајќи ги 29. и 31. место во вкупен пласман, а 4. и 6. место во женска конкуренција, додека во својата категорија Тања Пенева беше втора, а Тања Манчева беше трета. И двете беа пресреќни бидејќи пред стартот беа малку загрижени дали ќе успеат да го фатат лимитот од 13 часа за завршување на трката. Но, „луѓе како нас“ секогаш прават такви работи од кои и самите се изненадуваат.

Веќе беше темница додека ја чекавме Светле. Имавме информација дека го минала 120-тиот километар. Знаевме дека нешто се случува, имаше некој проблем, но бевме сигурни дека таа со својата упорност сигурно ќе ја заврши трката. И така некаде по 22 часот Светлана пристигна на целта. Таа беше втората жена што ја заврши трката. Во последните 20-30 километри имала проблеми со болка во коленото, беше преврзана и коленото ѝ беше некако отечено, но издржа до крајот.

Малку каснавме, поразговаравме за денешните случувања и си легнавме.


Светле пристигнува на целта

Наредното утро, станавме, појадувавме, се спакувавме и ги растуривме шаторите. Номадски живот кој веќе станува наша втора, ако не и прва природа. Полека станувавме свесни дека имаме одлични пласмани во сите дисциплини. Отидовме во центарот каде што се одржуваше последната трка, на 10 km, каде што учествуваше Илија Пајмакоски од Прилеп. Тој пристигна претходниот ден со татко му и со пријателот Сашо–Цапе. И нормално Иле не потфрли, го освои третото место и беше веднаш по одличниот Роби Бритон од Велика Британија и едно момче од Турција. Илија донесе и маички за промоција на нашата трка „По стапките на Крали Марко“ (Krali Marko Trails) со ознаки на Општината Прилеп, ПСД Макпетрол и Здружението ТРЕКС. Изгледавме многу убаво како екипа, а кога почна доделувањето на наградите сè повеќе нè забележуваа присутните. Речиси на секое доделување излегуваше по една сива маичка на пиедесталот. Беше прекрасно.


Ние со новите маички


Победниците на 130 km


Победничките на 130 km


Победниците на 10 km

Се поздравивме со домаќините. Тие беа заинтересирани да дојдат на нашата трка „По стапките на Крали Марко“ (Krali Marko Trails) и верувам дека ќе дојдат во поголем број. Интерес имаше и од Французите и од Бугарите. На најдобар, спортски начин, достојно ја презентиравме и нашата држава и нашата трка. Потоа се качивме во кола и под итно тргнавме назад кон Скопје. Во ситните ноќни саати стигнавме дома, преполни со импресии од изминатите неколку денови.


Целата патека околу езерото

Повеќе фотографии можете да видите на следниот линк:

https://picasaweb.google.com/117320863135421357287/IZNIKUltraTurkiye

Автор: Трајче Панковски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram