01.05.2017

Фрушка Гора, Поповица, Нови Сад, Војводина, Србија

22-23 Април, 2017 година, Ултра маратон 107,414 км, 4269 Д+

Неколку членки на ТРЕХ и припаднички на македонската ултра тркачка заедница се одлучиле и веќе некој период се подготвува за 80 км на Фрушка Гора, цел  им е да ја пробијат бариерата на досега истрчана должнина на вакви трки. Поддршка им дава како и секогаш Трајче Панковски, за него оваа е јубилејнa 10-та година од како првпат настапувал на Фрушка Гора. На него му се придружува Жикица Иваноски, и за него е јубилеј 10 години откако првпат настапил на Фрушка Гора. Двајцата се подготвуваат за ултра екстремни 130 км. Со Жика оди и неговата сопруга Светлана Стојановска Ивановска, таа одбрала ултра маратон 107 км. Да не го заборавиме Стефанов Мики на 60 км, кој заедно со Жико, Светле и Штипјанките од женската екипа ја прави Штипската екипа комплетна. Првпат на 80 км ќе иде Ивица Јовановиќ (Ивица), за целосна да е Кумановската екипа на него ќе му се приклучи искусниот Љубиша Андреиќ кој ќе оди на 107 км. Игор Пирковски и Игор Јованоски велат што да не тргнуваат и тие на 81 км. Првпат среќа и сила на 81 км ќе си пробува и Благоја Пецевски (Благоја). Тркава е како да речам легенда во ултра заедницата, мислам дека нема ниту еден ултраш што ја нема трчано, и не само тоа туку и на повеќето може да се каже дека ни е прва 100-ка. Но немам симпатии за неа, некако ми е превише self-sufficient за мој вкус.  Mи беше и на мене прва 100-ка, ама искуството воопшто не беше фино, туку болно, па се мислев дали пак да појдам таму. Немав друг план голема екипа беше насобрана, а се пријавуваа и уште луѓе, па си реков ајде да се вратам на местото на злосторството, таму каде вирусот влезе во крвта.

Тргнавме за Поповица на 21.04.2017 година, претпладне. Бев распореден во кола со Кумановското крило, и баш ми одговараше што Ивица, беше гурмански и хедонистички расположен за скара, плескавица со кајмак у Предејане, Србија. Во 2013 година цимер во шатор ми беше Бурим Бафтири, а овој пат новајлијата Благоја. Ноќта ладна, времето матно, насекаде кал, кал и само кал. Вечерта мала подготовка, хидрирање, многу ориз и тестенини и тоа би било тоа.

Слика бр.1 – Цела екипа на стартСлика бр.1 – Цела екипа на старт

Ноќта нервозно, немирно, не се спие, лупа адреналин или ладното време. Не знам и не можев да сфатам што ми беше и зошто беше тоа така, но вечерта станав најмалку 5 пати за да мочам. Утро рано 7:30 почнуваат подготовките за старт. Накај 8.30 веќе сите сме на старт. Цела екипа.

На старт ни дадоа предност на нас тркачите не одвоија од рекреативците планинари. Пред и околу стартот многу познати лица, се поздравуваме со Среќко и Маријета Гомилшак од Словенија, Младен Недиќ од Босна, итн. Некако не осетно како без најава, оп старт појде трката. Немаше 10,9,8,7 .... 1 Старт, немаше адреналин и еуфорија, само тргна масата луѓе. Идам полека лесно, околу мене Среќко, Жико, не очекувам многу од тркава, цела 2016 година не завршив ниту една 100-ка, сега целта беше да се заврши трката, да се дигне самодовербата. Конечно успеав да му се заблагодарам на Среќко што ме спаси на Црвени Чот, во 2013 година, неговите зборови, „Устај Македонац, движи се, или укочичеш се и остаќеш ту“ ме дигнаа во најтешката криза што сум ја доживеал на една Ултра.

Пишувајќи порака на Сандра дека трката почна и дека ќе ги барам кога ќе стигнам на цел, некаде по пат ги изгубив и Жико и Среќко. Го поминав сам асфалтот, а после него натаму го сретнав Цицоски Никола и толпа деца (средношколци и основци) кои тукушто беа истоварени од 10-тина автобуси. Тесната треил патека беше преполна од луѓе, а движењето отежнато. Некако се пробивавме со Цицоски, викајќи по децата „места“, „дајте ни места“, „простор, дај те ни простор“. Очигледно бев малку по вешт во пробивањето, па некаде низ децата го изгубив Цицоски. На прва контролна точка (КТ) како вообичаено контролната сеуште не е поставена. За среќа перфораторот беше тука па не мораше да го чекам, во лет ја перфорирав картичката и продолжив понатаму. Уште некое време се мачев на патеката во разминување со деца, а потоа патиштата ни се раздвоија, сепак тие пешачат само 10-20 км, по посебно маркирана за нив патека која што на места се поклопува со нашите рути. Се трудам да пијам по малку вода, да лапнам по некој лешник, брусница, не брзам никаде, уживам, иако не е за уживање бидејќи калот е до глужд на поголем дел од патеката. Се надевав дека ќе сретнам некој од нашите за да не идам сам, ама тоа не се случи. Некаде пред КТ 3 го сретнав Пиркоски, му викам ќе бидеш пред мене остај ми од пивото немој све да го испиеш. Спуштајќи од КТ 3 Астал надолу во шумичката кај тракторот ја промашив патеката, потрошив некој 15 мин. поминав можеби 1 км во погрешен правец.

Слика бр.2 – The тракторотСлика бр.2 – The тракторот

Не се нервирав многу, дури и ич не се нервирав за ваквата грешка, што е чудно за мене. Барајќи ги маркациите забележав неколку тркачи тргнав во нивни правец си се вратив назад на вистинската патека и продолжив во правецот по кој требаше да одам. Размислував како може да утнам на вака добро маркирана стаза по сред бел ден. Брзо сфатив дека кога почнав да спуштам си ја ставав картичката во страничниот џеб и така гледајќи во тоа да ја сместам на безбедно место сум ја промашил маркацијата. Во тој момент си ветив дека ќе бидат повнимателен да не си трошам енергија без потреба, сепак долг е патот, а ја треба цел да го поминам.

Таму негде штом излеговме од шумата повторно се појави Пиркоски, и уште 3-4 тркачи, продолживме малку заедно, а потоа повторно се одвоив од Пирко и си заминав со останатите 2-3 тркачи, им гледав на нив плави броеви и си мислев дека се од мојата трка. Не брзав, не бркав никого, повторно нешто не својствено за мене. Едноставно го фаќав најпогодниот ритам, трчав цело време во умерено и лагодно темпо, ни побрзо, ни поспоро, мое темпо, мој ритам, моја трка за да стигнам до цел. Бидејќи имаше голема група тркачи која уште од старт се одвои напред и тоа многу пред мене, очекував дека сум многу назад. Но тоа во моментот не ми беше битно и не размислував на тоа. Се редеа контролни без некои посебни занимливости. На контролните немаат никаква закуска, дури ниту вода. Единствената закуска што можеше да се најде од време на време на некоја контролна е топол чај. Го знаев тоа од претходно и очекував таква ситуација поради што во ранецот имаше: лешници, брусница, бадеми, барчиња, колку да се преживее до контролните со топла храна. Грицкав од време на време по нешто се обидував да пијам по малку вода, иако ладното време не ме тераше на тоа. Така на КТ 5 (манастир Гргетег) првпат дополнив вода. А испив и неколку чаши топол чај со многу шеќер кои ми дојдоа како мелем на рана на студеното време.

На КТ 6 (Тв Торањ) повторно голема гужва, многу ученици, народ, планинари прегледност никаква, тешко беше за снаоѓање, перфорирам, прашувам лево-десно за патеката го фаќам правецот. Пред да влезам во шумичката ме допираат прекрасни хостеси ми нудат лименка кока кола. Со задоволство прифаќам. Конечно нешто задолжително на секоја ултра, еден познат, на секоја контролна и на секоја трка, присутен енергенс. Ја земам лименка ја пијам на екс, еден момак ме прашува: дали сакам да се сликам со девојките? Ху па како не му викам. А, дали тие ќе се сликаат со мене вака испотен, смрдлив и каллив? Застануваат две од нив, по една од лево и десно од мене, а момакот слика. Се кочоперим како петел, како формула 1, тур де Франс тркач, по победена трка. Една слика, се поздравуваме и продолжувам.

Лизгава кал во продолжение измешана со вриеж од ученици се до наредната контролна. Наредната контролна требаше да биде Манастир Ново Хопово, Манастир има перфоратор нема. Го барам перфоратор ме информираат дека тој манастир бил старо Хопово, додека пак Ново Хопово било подолу. Мене и овој стариот ми изгледаше поприлично Ново. Како и да е, во едно лозје покрај патеката, прашувам маж и жена, тие ме просветлија дека Ново Хопово е подолу. Мажот беше Македонец од Скопско, се поздравивме и трчачим кораком заминав надолу. Таму на контролна повторно чај со шеќер и Мики, заедно фаќаме правец и трчаме некое време накај КТ 9. Разменивме некој збор колку да се охрабриме, го водев малку, му држев ритам, додека тој си јадеше успеав и да му се одлепам. На едно место се праев малку фраер се обидов да прескокнем еден поток без да ги почекам неколку девојки и младичи, и се плеснав во калта, за смешка на сите. Среќа поминав без повреди и без да се наводенам. Некаде по пат на една раскрсница гужва коли, луѓе, иако добро маркирано сепак не прегледно, се чудевме со Мики кој правец да го фатиме, ни помогна Младен од Босна. Се откажал од трката, чека превоз за Поповица. Потоа Мики се оддели и си замина, повторно се видовме во Врдник во етно селото, на ручек. Почнав да чуствувам глад, и почнав да сонувам супа и/или чорба на Врдник. Сонував чорбести и лесни јадења, не можев да дочекам да дојде Врдник. Таму прекрасен ресторан, ми беше непријатно да влезам внатре со калот, но што е тука е. По контролните нема никаква храна, едвај нешто да јадев од семките, зрнестата храна што ја имам во ранец, храната ќе ме освежи, мора да се јаде. Таму во ресторанот бистра супа, малку шпагети со болонезе сос, кока кола, уф уживање. Ја пред станување кога во ресторанот влегува Даниел Франција од Србија. Го нудам да седне на мојата маса. Седнува, се запознаваме и разговараме. Ми вика една третина од трката за нешто околу 5 часа, му викам да. Ме прашува: кое време планирам? Му викам: појма неам не планирам време само да стигнем до крај. За себе ми кажува дека цели на трка под 18 часа. Му викам, па добар тајминг имаш, можеш да идеш и за 15-16 часа. Одговара: тешко уште две третини со ова темпо. Ајде, ајде ќе се издржиш. Сега храната ќе не дигне малку и супер ќе биде. Ми вика веројатно сме меѓу првите, викам нема шанса затоа што имаше многу луѓе пред нас. Се поздравувам и заминувам, ја излегувам од врата, а задишан на врата влегува Зоран Прекогачиќ. Тогаш сеуште не го познавав и не знаев ниту кој е, ниту на која трка е. Како што излегов од ресторанот се сретнав и со Тања Пенева Здравева (дел од нашата женска екипа), се поздравуваме и ме прашува дали има нешто вкусно за јадење, а и викам има, има, само повели влези си.

Симнувам кон КТ 12 (Манастир Јазак). По пат надолу еден повозрасен натпреварувач малку ме врати, ме шеташе по патеката за да провериме дали ги пратиме маркациите и дали сме на вистинската патека. Наидуваат двајца помлади велат: да, тоа е патеката. Продолжувам со двајцата помлади некое време, ми одговара нивниот ритам. Ми кажаа дека се на 81 км, малку се одвоив од нив, но сепак на КТ 12 стигнуваме тукуречи заедно. Кога ете го пак Зоран задишан. Друже многу брзо го пројде овој дел по асфалтот му викам. Ми вика имам зацртано која делница за колку време треба да ја поминам, башка те гањам тебе. Зошто БЕ мене му викам? Па ти си прв, сад смо обоје први. Ја си викам овој мора нешто да се мајтапи со мене. Сакав да му речем дај не ме заебавај, пола трка веќе ја имамо пројдено, а таква работа да не знаем. Додуша и немаше како да дознаем на ниедна контролна немаше таква евиденција, само перфорирање и толку. Ок, му викам како и да е, ајде идеме. Се запознавме и тргнавме заедно. Моето трчкарање како да не му одговараше во моментот па заостана. Не беше свесно и намерно, свесно и намерно не му побегнав, едноставно се случи да немаме ист ритам.

Следи КТ 14 (Летенка) и познатите крофни. Таму од официјалните лица на трката кои водеа евиденција, добив потврда на информацијата дека сум прв. Како прв, нормално ме угостија со се што им се најде при рака. Ме седнаа, ме сликаа. Ми дадоа крофна и чај. Ми следеа некои чоколатца и ресана, и тоа следовање ми го дадоа. Им ја оставив ресаната во знак на благодарност и како частење за првото место. Се пошегував дека непотребно многу ме задржуваат за да можат нивните тркачи од Србија да ме стигнат и да ми го земат првото место. Се смееја. Се смеев и јас, но сега веќе почнав да чуствувам симптоми што не беа баш за смеење. Стомакот почна да не прима храна, со потешкотија едвај да изедов пола крофна. Пиев чај, но и тој не слегуваше надолу со иста леснотија и задоволство како претходно. Поминав неколку минути на контролната, станав се поздравив, ја на излегување од контролна, а во далечина долу под контролна на едно 500-600 м, го гледам Зоран. Им довикнувам на волонтерите, за да не биде не фер трката, ист третман и на ист начин да го нагостат и нивниот тркач, се смееме во глас сите и заминувам.

Слика бр.3 - Крофна Парти на ЛетенкаСлика бр.3 - Крофна Парти на Летенка

Следи кружен дел од патеката кој горе долу ми е познат, и кој може да се трча. Сега веќе се е познато прв сум, позади мене амбициозно гази Зоран. Се мислам што да правам да појачам или да продолжам како до сега. Мислите навираат во глава, ако е за одлепување, за да се направи разлика овде се прави тоа. Или треба да му дозволам да ме стигне, овде заедно, а потоа да пробам да му побегнам на некој дел пред крај. Се решив да не идам на се или ништо, само малку забрзав колку вториот пат да стигнам по ден на Летенка. Џабе си решил кога е посилно од тебе, и газење. Ете го КТ 15 (Андревље), па малку нагоре, па најдосадниот дел од патеката. Се сеќавам во 2013 година, туку се јавував на жена ми Сандра, за да и кажам дека не ми ич добро. Се присетив дека и реков: „Е ова не е работа, толку ми е тешко и мачно што мислим дека никад више нема да идем на ваква трка. Ми се чини дека ќе умрем ќе останем овде“. Сега се тоа ми беше смешно. На две деца кои ги поминав на угорнината од Андревље нагоре, им дојде интересно моето трчање. Ги слушнав кога ги разменија следните зборови: „А бе овој многу спор, ние можеме побрзо“ и тргнаа да трчаат. Ми дојдоа интересни, ме насмеаја, ме поминаа на угорнината, па горе на порамното ги поминав. Па засилија пак, и пак ме поминаа, а на рамниот тревен дел ја нив ги поминав, повторно се заинатија, засилија и ме поминаа. Ме расположија, се кикотев, ама не ми беше лесно нозете стануваа потешки, а мачнината во стомакот се зголемуваше. Битно е дека ми го направија моментот, и ми направија тие 10 км да ми минат без да почуствувам. На КТ 16 (Шуљамска Главица) ги сретнав, им префрлив добри бевте дечки, само на овие неколку километри да додадевте уште 60-тина, за да бидеме на исто, за да биде се фер, се насмеавме. Во 2013 година на ова место го јадев најубавиот гулаш што го имам јадено некогаш во мојот живот. Овој пат не видов гулаш, а и не ми беше до тоа, стомакот беше блокиран.

Се спуштам накај КТ 17 (Летенка 2), сонувам храна, се надевав дека во ресторанот ќе има некоја супа или тенка лесна чорба, за да го отворам стомакот. Но таму, само гулаш со многу месо и макарони. Ок, тоа е што е. Земам порција гулаш и макарони, сркам само од чорбата и малку месо, но не оди, ми се гади, ми се повраќа, стомакот е отиден, не прима повеќе ништо. Ми нудат кока кола не сакам, барам кисела вода, неколку чаши ми помагаат да се изждрегам, ми олеснува и ми дава можност да лапнам уште малку плус, но не оди. Знам дека ова не е добро до крај има уште 28-9 км, без енергијата од храната ништо нема да оди како треба. Неколку сркнувања не се доволно, но тоа е што е, на сила не оди. Ја менувам маицата, со сува на долги ракави, додека го правам тоа телото се лади и ме фаќа треска. Знам дека треба да побрзам, да не стојам повеќе за да постигнам температура на телото, а и да избегнам јачината на треската да се зголеми. Заминувам што поскоро со едвај неколку лажици храна, луѓето во ресторанот се обидуваат да помогнат, да ми удоволат, но во исто времено се и загрижени што не ми се јаде и од треската. Не обрнувам многу внимание на тоа, знам дека ова е минлива фаза. Заминувам од ресторанот. Таму горе кај шаторот на контролната собран народ, разменуваат неколку зборови, „Македонац, еве го Македонац први је“, а потоа почнаа со навивање и бодрење. Ми го направија филмот, од возбуда и мака, заборавив да ја извадам челната. Влегувам во шумичката ми текна на челната, повторно застанувам ја вадам и местам челната. Додека јас се местам еден господин ми вика почекај да снимам. Ок, си викам и онака сум застанат додека се местам имаш можност за тоа. Тргнувам, како што почнувам да трчам, тој прави неколку кадри со камерата. Се збогуваме.

Со секој чекор телото се загрева, температурата му се зголемува, сувата, облека, позитивно делува, сега веќе ми е топло, фино и пријатно. Проблем е само стомакот. Се спуштам на КТ 18 (Андревље 2), поминувам некколку тркачи од 80-ката, а потоа се среќавам со нив на контролната. Таму ме нудат со кекс и чај. Чајот го пијам, а од колачите не можам ниту еден залак. Станувам да тргнам, а госпоѓата загрижена ми вика: многу си блед, не изгледаш добро, седни си малку одмори. И викам ако застанам полошо, ќе падне температурата на телото и не ќе можам после тоа да мрднам. Ја прашувам за правецот заминувам. Некако подолу кај ресторанот на другиот пукт на Андревље 1, подзастанувам препрашувам за правецот и користам можност да ги истресам патиките од некои камчиња кои ми влегле внатре. Повторно луѓето инсистираат да застанам подолго да одморам, но одбивам и продолжувам во правецот што ми го покажаа. Одам споро, но постојано, некако патеката ми е чудна и се плашам дека нешто пропуштам, дека не сум на вистинскиот пат. Психа. Се плашам да не сум фатил правец за КТ 15 А, контролна која ја имаше за 130-та, но не и за мојата трка. Горе-долу, лево-десно со забавено трчање ги следам маркациите, но несигурноста се зголемува. Конечно излегувам на широк рамен пат, маркации ми се чини дека нема или дека ги има недоволно. Може едноставно не можам да ги забележам, да ги најдам. Ги барам се вртам лево-десно, излегувам од патот во трева за да барам маркации, запирам во агонија. Знам дека следи највисокиот и најостар успон на денот накај КТ 19 (Црвени Чот) највисоката точка на Фрушка Гора, ме чуди од каде сега овој рамен дел. Нели требаше да има успон, од каде сега ова рамно, не треба да има рамно, се чудам. Си викам сигурно сум погрешил, сигурно сум отишол накај КТ 15 А, ако е така, така нека биде. Ќе продолжам споро до контролната, треба да има негде околу 5-6 км, ако не е затворена, а не би требало да е, ќе анализирам таму. Ако има малку километри, за да се вратам назад на мојата патека ќе се вратам и ќе пробам да ја завршам трката. Ако има многу ќе барам превоз до Поповица. Решив и почнав да ја штедам енергијата, не брзав, се одмарав, стомакот се подобри, ама сеуште не примаше храна. Иако овој дел беше перфектен за трчање со убаво темпо, нешто не ми се брзаше. Си викав бре што беља, преска гужвата ми сметаше а сега ми недостига друштво. Да имаше барем еден човек, да ми каже, само да ми каже каде сум. Иако не знаев каде сум не ми текнува да погледнам во картичката и профилот на патеката за да видам колку е долга делницата. Да го направев тоа ќе сфатев дека има рамен дел од мин.4-5 км, пред успонот од околу 3 км. Но во моментот тоа не ми текна.

Поминува време, поминуваат метрите, се менува теренот навлегувам во некаква шумичка. Некаде далеку назад на 300 м, гледам како привид некакво светло, си викам добро е, еве некој ќе прашам. Што како, ако знае ваљда ќе каже. Светлото се приближува, а конституцијата позната. Дури кога дојде на неколку метри од мене ми текна. Тоа е Зоран. Си викам у себе: Бре колкава предност изгубив, а сум бил на правата патека. Зоран ми вика: многу забави, како си? Да не ти е нешто? Си викам у себе, а бе како да ти кажем, нешто ми е. Ама гласно не се давам, му викам: Не, супер сум! Само што мислев дека сум промашил патека, па забавив. Мислев дека сум тргнат накај КТ 15 А. Очекував успон накај Црвени Чот, а успонот го немаше, се саде ова рамното, па се посомневав. Ми одговара имамо уште до успонот. Ме поминува и граби чекор по чекор напред. Гледам дека ги нема штеките, шушкавецот и ранецот, зел само две мали шишиња, едно со кисела вода, друго со кока кола. Што се вика тргнал во потера и тоа ALL IN. Ми се чини дека сакаше да се оддели, очекуваше дека сум здробен и дека нема да пружам отпор. Но очигледно не знаеше со кого си има работа. Тој форсира, ја му се лепам. Сега више ни стомак е битен, ни мачнината, сега е битно оваа наша мала војна да се добие. Првпат на трката ми проработи, оној мој натпреварувачки инает. Трча напред, трчам по него и не се давам, така негде околу 1-1,5 км. Дојде успонот, ми вика овде за нагоре ја сум слаб, и ми отвара пат. Си викам у себе и ја сум слаб на успон, ама штом ми даваш шанса, ќе ја користам. Башка на толку форсирање до сега, штом овде ме пушта, изгледа толку е, готов е, му падна силата. Сега на успонот како никогаш до сега ќе ја добием оваа војна. Запнав мушки, заостана, но не многу, најмногу 1-2 мин., запнувам за повеќе не се дава. Стомакот повторно ми се отвара, повторно стега и ме тера на повраќање. Нова анализа на состојбата, форсирањето ми ја влошува состојбата, а никаков ефект не постигнувам. Намалувам, го причекувам Зоран, му давам да се залепи и одиме заедно еден до друг. Даваме 100 % од тоа што останало и чекаме другиот да попушти, што се вика да рикне. Калот и гранките по патеката ја прават оваа војна да има епски димензии. Кај мене стомакот барем прима вода, кај него не прима ни вода. Тој се гуши, се дави, подзастанува како за повраќање не само од кока колата, туку и од киселата вода која ја пие. Неколку пати го прашувам дали е добро ми вика дека е ок, не јадел цел ден па сега му е тешко. Си викам у себе: аха да, знам, и кај мене е исто, само што ја можам да пијам барем вода. Почнува да ме загрижува оваа состојба, но продолжувам, сега веќе и ја сум ALL IN.

Се бркаме по ридот, не се дава ни едниот ни другиот, кал, гранки, студ, немоќ, болка, но желбата, волјата е поголема од се. Нова неволја за мене, нова криза, почна да ми се спие очите ми паѓаат. Не попуштам со темпото, но некои делови веќе ги минувам со замижани очи. Како во магла гледам една падната гранка која треба да се прескочи, со замижани очи правам проценка колку треба да се крене уморената нога. Лоша проценка, бам треснав на земја со одрана лева нога. Ми се врти Зоран ми вика, што е да не заспа. Ха, не, му викам, лоша проценка на висината колку треба да ја дигнам ногата. Пуста гордост не ти дава да си признаеш. Ударот ме освести. Зоран пие нешто и почнува да се гуши, да се мести за повраќање. Нема толку е, си викам мора да проработи разумот или некој нема да ја заврши трката, не дај боже еден или двајцата ќе останемо на патекава. Слушај му викам, назад позади нас нема никој со километри. Да така е ми вика. Не вреди оваа борба, двајцата смо у многу лоша состојба, која ако продолжимо вака уште појќе ќе се влоши. Сакаш ли да идемо до крај заедно. Што би значело тоа ми вика? Дали тоа би значело заедно да влеземо на цел и да делимо прво место? Да му викам тоа е тоа. Овде си пружамо рука, наоѓамо заеднички подносливо темпо и идемо до цел заедно. Прифаќам ми вика. Рака пружена, тоа е тоа, бркотницата заврши, примирје, разумот надвладеа. Сложно продолжуваме понатаму, има многу кал, но сега е поподнослив, и понатаму стомакот врти, но и тоа е поподносливо. За темпото да не зборуваме и тоа сега е поподносливо. Тој ја знае патеката, сега веќе нема потреба за навигациската функција, па ја исклучувам. Се ставам во Light Mode и тоа е тоа. КТ 19 (Црвени Чот), уште 18-19 км до крај. Перфорираме и заминуваме без задржување. Некое време подоцна, без значајни случувања, низ разговор ја минуваме и КТ 20 (Манастир Беочин), и се упатуваме кон КТ 21 (Бранковац). Падна договор дека таму ќе пробаме да јадеме од овошјето, но на овошјето му претходи уште еден успон сличен на оној пред Црвени Чот. Во двајца е полесно па успонот го јадеме лека полека, не неколку пати ми стана здодевно тоа качување, па подзастанував да земам душа и да ги истегнам нозете. Цело време му досаѓам на Зоран, аман бе човек има ли крај овај ваш Бранковац. А тој још мало друже, још мало. А бе какво мало ми се чини дека овој успон ви е, не три, туку сто километра долг. По некое време ги забележав светлата на Бранковац, олеснување, викам шуќур, од сега па до цел имаме само уште кратко качување на 2-3 км пред цел, се друго е лесно и трчливо.

На влез од Бранковац кај цистерната мојот цимер Благоја, се поздравивме. И тој си нашол некој ортак на патеката, и лека полека се приближува кон целта, кон крајот на неговите први 80 км. Пријатните домаќини не нудат со вода, чај, овошје по една банана и портокал. Седнуваме со Зоран, го лупиме портокалот, тој како што јаде парче по праче, така и повраќа. Кај мене е подобро, јадам, ми се мати тешко ми е, ама не повраќам. Сокот од портокалот ме освежува, а лушпите кога ги јадам, кога ги плукам. Бананата ја лапнав 2/3, останатиот дел го оставам. Тргнуваме, Зоки се одлесни сега му е подобро, води напред, ја по него. Не поминуваме 2-3 км, стомакот се грчи, се грчи и плас, прв пат на некоја ултра и тоа ми се случи, повратив. Ми олесни, сега само вода до крај, ништо друго не е потребно, Зоки ми нуди кисела, но одбивам, само вода, најобична вода. Околу нас 2-3 други тркачи се загрижија кога ме видоа како повраќам, прашаа како сум, им кажав сега после ова супер. Се чувствував како тинејџер на матурска вечер. 16 часа забава до изнемоштеност и на крај повраќање.
По ова темпото ни се појача. Се менувавме напред, Зоран, па ја, повеќе Зоран ја знае патеката на негов терен сме, па полесно е така. Се спуштаме кон КТ 24 (Извор Звечан), мислам дека тоа беше најлошиот кал што го газевме дента, таму некаде на надолнината поминуваме двајца машко и женско. Викаат по мене: Eј Војводо како е? Ги погледнувам подобро Мартина Милева и Ивица. Ги отпоздравувам, еј дечки како е? Кај мене сега за сега со Зоран сме на прво место, Вие како сте? Се ли е во ред со вас? Не успеав ни да слушнам што одговорија, продолжуваме по лизгавата кал. Последна КТ 23 (Извор Звечан). На контролна точка само еден човек, една госпоѓа. Ја поздравуваме, не отпоздравува. Додека ние перфорираме доаѓаат Ивица и Мартина, и почнуваат тројцата да не провоцираат, да не бодрат, се разбира секој си го бодри својот тркач. Бараат од нас двајца до цел да се дадеме колку што може појако, да се бориме за прво место. Не прифаќаме, договор си е договор, се друго би било не фер. Иако си останавме на договорот последниот успон го изедовме како од шала, се иташе како да водиме мртва трка меѓу нас. На порамното и на спустот пред цел Зоран ми вика да не брзаме, да не шпринтаме, му викам друже нозете сега сами идат према цел сега џабе да се воздржуваш, опушти се нека те понесе моментот. Така и беше, близината на целта кај двајцата даде сила, еуфорија, не дигна. Влегуваме во цел, а таму на самата линија чека Игор Јовановски, а во планинарскиот дом на домаќинот останиот дел од екипа од Македонија. Го викам Зоран на заедничко пиво и на прекрасна чорба. Прифати, па и победата ја славевме заеднички, така како што ја извојувавме. И пишувам на Сандра, дека сум ја завршил трката и сум стигнал на делба на прво место. Таа ми враќа со недоверба, не разбрав си завршил или уште се тркаш за прво место. И викам завршив прв сум го делим првото место со еден Србин. Стигнав на цел за 16 часа 38 минути и 5 секунди. Следеше пречек на останатите кои финишираа, барем на оние за кои имав сила.

Иако имаше и неколку откажување целата екипа беше расположена и на ниво, имаше и зошто, четири први места:

1. Александар Симјаноски – Ултра маратон 107 км
2. Игор Јовановски – Велики Источни Маратон 81 км
3. Мартина Милева – Велики Источни Маратон 81 км
4. Тања Пенева Здравева – Средни Источни 59 км

Две втори места, за:

1. Катерина Николовска на Велики Источни Маратон 81 км
2. Сања Најдовска на Средни Јужни Маратоно 59 км

Три трети места, за:

1. Александра Ѓорѓиевска на Велики Источни Маратон 81 км
2. Светлана Стојановска Иваноска на Ултра Маратон 107 км
3. Љубиша Андреиќ на Ултра Маратон 107 км

Слика Бр.4 – На цел вака некако згужван бев и Ја
Слика Бр.4 – На цел вака некако згужван бев и Ја

Благодарност на медиумите за вниманието! На некој од нив можеби им досадив или малку по нешто им замерив, али у секој случај Фала на сите што му давате простор и внимание на овој спорт.

Karas4training
http://karas4training.com/mk/news/frushka-gora-2017-odlichno-pretstavuvanje-na-nashite-planinski-trkachi

Нова Македонија
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetail?title=Тетовски-ултрамаратонец-прв-на-107-километарска-трка-во-Србија&id=5a16b942-f593-477c-9f5d-33fcb922e71e

TV KISS – Тетово и Гостивар

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram