25.04.2014

Ултрамаратон „100 милји на Истра“(100 Miles of Istria Ultra trail)

Четврток 10.4.2014 година, ден по мојот 33. роденден, рано наутро, 7 часот, ѕвони мобилниот, ме бара Тако (Александар Таковски): „Спремен ли си? Тргаме ли?“ „Спремен сум, тргаме за 30 мин“. Арно ама тој нема извадено патничко осигурување, јас немам купено евра и немам ставено бензин, а заедно двајцата сè уште немаме појадувано и пиено кафе. Па поради сето погоре наместо да тргнеме во 7.30 часот, ние тргнавме некаде околу 9.20 часот. Нормално бевме добро расположени, најадени, пиени кафе, во опуштена атмосфера, без навигација и навигациски системи, тргнавме на пат од 1.200 км, Скопје-Белград-Загреб-Умаг.

По неколку промашувања на патот, но сè уште добро расположени, стигнавме во Умаг негде околу 23.30 часот, следуваше пронаоѓање на куќата во која сме сместени. Најдовме, се сместивме, сместувањето не беше нај нај, ама кому му пречи тоа кога си патувал 15 часа, во 00.20 часот мислиш само на кревет.

Петок 11.4.2014 година, утро 8 часот, опуштено ја подготвувавме опремата, се договоривме да одиме да подигнеме стартен број, да појадуваме, а после да го најдеме местото каде што ќе треба да престојуваме ноќта по трката. Ги завршивме формалностите, поделивме некој леток за нашата трка, појадувавме покрај море, фотографиравме по некоја слика во центарот и најдовме каде е сместувањето. Малку подалеку од центарот, но за разлика од претходното сместување ова беше делукс хотел со 5 ѕвезди и откако видовме каде ќе бидеме сместени ни се подобри малку расположението. Наближуваше 14 часот, Тако мораше да оди на АТП игралиштето каде што ќе ги чекаат автобусите кои требаше да ги однесат до Лабин, 80-100 км оддалечено од Умаг. Таму ги видовме сите наши стари познаници Тања Стојановски, Леонтиќ, Среќко Гомишлак со жена му Мариета, Александар од Фрушка Гора, Владимир (Русинот кој на Тара беше втор). Си разменивме по некој збор, летоци и чуда. Го испратив Тако, се поздравив со него, набрзо автобусите тргнаа и тоа е тоа.

Се вратив назад во Унгариа, село до Умаг не многу далеку од центарот на градот каде што бевме сместени, се обидов да дремнам, но едноставно адреналинот не ми даваше. Се спремив и заедно со нашите цимери Срѓан, Никола и Мира тргнавме на АТП игралиштето каде што во 18.30 часот требаше да нè чекаат автобусите кои ќе нè одведат до стартот во Ловран, оддалечен 80-100 км од Умаг. Се качивме во автобусите, и по час и половина, а можеби и два часа возење се најдовме на стартот во Ловран. Решив наместо ранец да носам бубрег од 8 л, кој има две шишиња вода од по 0,6 л, и во кој сместив неколку гела, 2-3 пакетчиња електролити, резервни батерии за челната ламба, задолжителна опрема (прва помош и алуминиумско ќебе), челната ламба и шушкавец.

На стартот имаше голем наплив на адреналин кај сите, беа претставени фаворитите, особено фаворитите помеѓу домашните тркачи. Се обидував да бидам што порелаксиран, да не ме понесе атмосферата, и не ме понесе. Не се ложев многу, иако бев спремен за добра трка, целта ми беше да постигнам време помеѓу 14 и 15 часа, со план да бидам умерен, да не се трошам во првите 52 км, делот кој требаше да е технички и полош, а да дадам сè од себе во вторите 53 км, дел повеќе за трчање, дел кој по сè повеќе ми лежи мене.

По стартот на трката кој беше во 21 часот следуваше искачување долго 8 км, со 1.400 D+, сè до највисоката точка на оваа трка Војак, на 1.403 м надморска височина., тукуречи две споени вертикали. Патеката водеше низ градот, а потоа по скали се качувавме и се качувавме, и се качувавме, и можеби пречекоривме илјада скали додека влеговме во шума, т.е. на патека која беше карпа и камен, суров терен, со голема угорнина сè до врвот. Долго време минавме низ град и поради градското осветлување, немаше потреба да ја запалам челната ламба, а кога конечно ја запалив сфатив дека осветлувањето е слабо и најверојатно батериите се пред крај, но сепак решив да продолжам со таква ламба и да не застанувам уште од почеток. Не се брзав, качувавме голема угорнина на тежок терен, а јас не бев ниту ни задишан, лесно одев нагоре, поминував луѓе еден по еден, иако тоа не ми беше целта. Уште на стартот осетив дека мојата одлука да трчам со бубрег, наместо со ранец е погрешна. Тежината на бубрегот дополнително ми ги оптоваруваше нозете, на квадрицепсите и на задниот бутен мускул (под газот и околу газот). Но тоа сега не ми пречеше многу, сè беше како што треба лесно, умерено без брзање и бркање. Од време на време пиев вода, по еден час активност лапнав еден гел и тоа е тоа. Искачувањето беше мачно, патеката беше прекрасно маркирана , а како награда за вложениот труд се протегаше прекрасен поглед од Војак, кон целото крајбрежје под него.

Се спуштав лесно како што се качував, набрзо дојдов до Поклон, втората контролна точка, набрзина лапнав една банана, дополнив вода во шишињата и пат под нозе. Таму беше Среќко Гомишлак од Словенија, ја чекаше Марјета, кога ме забележа, викна по мене, ме поздрави, ме бодреше. Кој трчал ултратрка знае колку значи да охрабриш некого во текот на трката. (Официјална статистика на организаторот: На Поклон сум бил за 1 час и 56 мин.)

Следуваше качување до Вели Планик, па спуштање до Корита, па повторно качување до Орјак, се мачев со теренот, карпа, камен, остри спуштања на кои не можев многу да компензирам за спорото качување, но сè уште лесно се движев како на угорнините, така и на спуштањата. Камењата и карпите беа лизгави, често се препнував, се лизгав по нив, а на неколку пати и се исеков, и се изгребав. Суров беше теренот, немаше што да се прави. Освен ова проблем ми беше и бубрегот кој го носев на половината, почнав да чувствувам како премногу ми ги заморува нозете, се решив шишињата со вода да ги носам во раце, па на тој начин некако да го олеснам товарот што го носев. Но морав да ги чувам до врв полни затоа што следуваа 20 км, во кои немаше освежителна станица. Тоа се покажа како исправно, но дали беше доцна? Го поминав Орјак, следуваше спуст, а потоа качување до Гомила.

Настана првата криза, беа поминати некаде околу 3 и пол часа од почетокот на трката, имав поминато околу 25-27 км, нозете почнаа да ми стануваат тешки, почна да ми се спие до таа мера што ми паѓаше мака, да не речам губев свест, но сè уште се држев. Ми беше ладно и ми стануваше уште поладно, здивот ми се гледаше кога издишував. Забавив малку, едноставно не можев побрзо. На Гомила ги заменив батериите на челната ламба, како да се препородив, конечно сè подобро се гледаше. На качување кон Гомила за првпат почувствував дека почнува да ме совладува заморот и да ми се спие. Се спуштив до Трстеник (39 км), запрев и за првпат на трката, решив да направам пауза, се освежив со супа, це-витамин, некоја банана, па продолжив понатаму.

Следуваше качувањето кон Жбевница. Ова качување ми беше тешко, на очи сон, на нозе олово, губев свест на моменти, мижев и не се сеќавам најдобро на случувањето во овој дел од патеката. Единствено што знам е дека на качување кон Жбевница, за првпат таа вечер почнаа да ме поминуваат други тркачи, првпат таа вечер не ми беше воопшто мило што гледам луѓе во моја близина. Сакав да забрзам но не можев. Се движев како во сон, како под дејство на халуциногени материи. Дополнително имав мачнина во стомакот. Си реков дека тоа мора да е од геловите, лапнав само два, ама тешки се бре човече не е прв пат да не ми ги поднесува стомакот. Се прашував, криза, зошто баш сега, толку рано во трката, почнав емотивно и душевно да пропаѓам со секој тркач кој ме поминуваше. Почнав да се нервирам, анализирав, но сè потешко ми беше, нозете ми стануваа сè потешки, очите сè повеќе ми се склопуваа, ми се спиеше како никогаш до сега. Се нишав, се тетеравев лево, десно. Мачно ми беше, помислував да се откажам, крив ми беше патот од 1.200 км, бубрегот кој ми ги оптовари нозете на угорнината на почетокот од трката, криви ми беа маратонот од пред три недели, и полумаратонот од пред само една недела, криви ми беа вреќите (шунд, песок, малтер) кои ги симнував и качував по скали дома во последниве три недели, принуден заради реновирањето. Барав вина во неколкуте претходни ноќи кои ги поминав со малку спиење, без одмор човек едноставно не може, истрошен сум, уморен сум, јас оваа трка нема да ја завршам. Но срамота, како човек да помине 1.200 км за трка и да не ја заврши, па не е многу само 105 км. Само уште 60 км, најтешкото помина. Уште колку? Уште 60 км, уф многу, во ваква состојба не можам да стигнам ни до 52 км. Треба да се откажам, за срамота сум, ама едноставно сите обврски и сите тие трки и сè друго едноставно оставија белег, замор е во прашање. Конечно Жбевница, се качив, но не знаев повеќе каде се наоѓам, секоја минута ме поминуваше по некој, следуваше спуштање, најпрво по трева и земја, а потоа пак по карпи и камења, налет нека е, во ваква состојба уште и ова. Во овој дел за првпат почувствував болка во десното колено, уф готово е со мене, ако до сега немав оправдание за да се откажам, еве ми го алибито, болка во колено, повреда. Веќе не одев се влечев, на места дури и легнував за да можам да ја спуштам карпата, правев разно, разни гимнастики, газев повеќе на левата нога, со секое превиткување на десното колено морав да викам од болка, ме поминуваа тркачи, никој не ни застана, никој не праша дали сум добар. Толку од тркачката солидарност, никој не помага, си помислив на некој да му побарам штека за да може да се потпирам на неа, но од кого да побарам кога никој не ме ни праша што ми е, и дали сум во ред, а јас повеќе не можев ниту да одам, секое газење со десната нога беше ужасно болно, викав и викав, но продолжив. Ми текна дека сум во шума и дека таму природата дала полно штеки, излегов малку од патеката во шумата, најдов едно дрво, си направив штека, и продолжив со колот, штеката во раце. Луѓето ме поминуваа и се чудеа, но никој не праша. Ни колот не помогна многу, ме болеше, замор, потреба за сон, конечно повреда, е у пичку матер зар мораше и ова сега, повреда. Ок, сега барем нема срам и ако се откажам, повреда била во прашање. Лупав со колот по чат-пат некое дрво кое ќе се појавеше по патот за да ми исчезне нервозата. Ајде полека до Бузет 52 км, половина трка, таму има топла храна, пресоблекување, замена на бубрегот со ранец, нови полесни патики, и се надевам фиксирање на коленото со завој или трака по што ќе можам да продолжам. Одев со часови, полека, лазев, легнував, се превиткував, сè со цел да не газам на десната нога, теренот беше никаков, најлошиот спуст на трката во отприлика 2 км се спушта 500 м D- , сè по карпа.

Конечно некој ми проговори: „Шта је, шта ти је?“ „Коленото, изгледа отиде курбан по карпине“ - му одговорив. „Не жури, само лагано, близу је Бузет“– ми одговара гласот. „Нема кај да идем не брза до Бузет и толку од трката за мене“ - му викам. Продолжив лека полека, цупкајќи на една нога и со колот во раце, конечно населено место, о не па тоа не било Бузет, проклето да е, па каде е овој Бузет. Стигнав, сите ме гледаа со чудење зошто со кол во рака.

Во кантината беше топло, полно со луѓе, имаше можеби 30-40 тркачи, побарав лекарска помош, дојде една повозрасна г-ѓа и ми рече дека има само маст. Проклетство си реков, јас очекував лекарска помош, а таа ми даде само маст. Се пресоблеков, се средив, облеков нови патики, полесни, нови чорапи, краток шорц, нова маица, лапнав малку ориз, леб и нутела, кока-кола, ми дојде подобро, бев свеж. Надвор зазори веќе беше ден, челната ламба повеќе не ми требаше. Одморив уште малку и тргнав. Тргнав охрабрен и без колот, но каде по ѓаволите, десното колено воопшто не ни можев да го превиткам, болеше како лудо, повеќе од претходно, ако претходно можев малку да одам, сега и тоа не можев. Поминав 500-600 м, се вратив назад во кантината, ја најдов г-ѓата, и ја замолив да најде завој или некаква лента да ми го фиксира коленото. Ме погледна чудно, потоа најде завој, ме преврза, ми го фиксира коленото и ми рече дека тоа нема да ми помогне, бидејќи залепено е со лепенки, и дека ќе се одлепат ако се испотам. Ѝ реков дека јас во последните 2-3 часа на оваа трка не сум се испотил воопшто, каде би брзал и би трчал со вакво колено, ќе одам полека. Се поздравив, ѝ кажав фала и си заминав. Излегов од Бузет и за првпат на трката го утнав патот, но не беше страшно, наместо да тргнам по патеката за 105 км, тргнав по патеката за 100 милји. Ха, се насмевнав и си помислив дека ова е некој знак дека сѐ уште можам и дека сѐ уште сум жив.

Пешачев малку и полека по полека силата ми се враќаше, не ми се спиеше, нозете ми станаа лесни, сега уште да не беше болката во коленото сѐ ќе беше супер, ќе зајакнев, па види го теренот каков е како дома, трева ливади, шума, лесни и средни угорнини, прекрасни за спуштање надолнини. Ми досади да кукам и викам, да барам изговори, се појави лесна угорнина, си реков одам јас, и му ја летнав. Болеше коленото, ама и јас го болев него, по некои 500 м, лека полека ја снема и болката во коленото, не ни забележав кога и почнав да форсирам колку што можам посилно. Веќе немаше каде, си ја спасував честа. Жив или мртов ќе стигнам на целта, доста ми беше да ме поминува секој, доста ми беше да се влечам, доста ми беше агонијата, нека заврши побрзо. Летав, брзо одење или лесно трчање по нагорнините, лесно не пребрзо спуштање на надолнините. Летав повторно, се осетив жив. Ха, почнав и да поминувам луѓе. Сите се чудеа, претходно ме гледаа како се влечам, како одам со кол, а сега сите ме прашуваа како ми е коленото. Им одговарав дека или јас ќе го однесам коленото во пеколот или тоа мене, како сака нека е, агонијата повеќе не се трпи. Секое поминување на некој тркач ме правеше уште посилен, уште појак, уште пожив.

До тој момент на трката немав пиено електролити, имав лапнато само два гела, и сѐ ми се чинеше дека од нив ми беше тешкото, решив да пијам само чиста вода и да јадам само леб со нутела, евентуално кока-кола и портокал како освежување. Така и беше сѐ до крајот, и се чувствував одлично, никогаш не осетив мака, мачнина во стомакот или болка, не почувствував потреба од нешто повеќе, редовно мочав и мочката беше сосема во ред, ни бела, ни кафеава.

Летав и се чувствував повторно жив, со секој чекор поминував по некој од оние што ме поминуваа во најтешките мигови, кога ги поминував се чувствував како да сум им се одмаздил за некој грев што ми го сториле.

Стигнав на Опртаљ, со поминати 71 км, остануваа уште 34 км. Во кантината имаше 5-10 тркачи, воопшто не се задржав, дополнив вода, каснав парче две лебче со нутела, кока-кола и портокал, и си заминав. Се сретнав со Владимир, беше зачуден што сум се вратил, што сум се опоравил и што толку бргу си заминувам, се поздравивме и заминав.

Теренот сѐ уште беше убав, се спуштав, и наеднаш некаде пред Завршје наредната контролна точка се појави река, а немаше ниту мост, ниту камен за да се помине преку неа па неколку тркачи од Австрија се чудеа како да ја поминат. Во наш стил, јас си седнав на земја, си ги соблеков патиките и чорапите и цапа, цупа, си прегазив со боси нозе преку реката, ладната вода за сите пари ми ги освежи нозете, неверојатно многу се радував. Сѐ беше исто како дома, како во Македонија. Неколку километри подолу веднаш по контролната точка имаше уште една река, имаше неколку наредени камења за да се прескокне преку нив. Ха, се насмевнав, си ги соблеков повторно чорапите и патиките и повторно газев бос преку реката, ладната вода е мелем за нозете на ултрамаратонецот, будала си ако пропуштиш ваква шанса за освежување за време на трка. Неколку тркачи во близина повторно ми се чудеа, но што е битно тоа, мене ми беше супер, почнав да уживам во трката, сѐ ми беше погодено, брзав напред за да поминам што повеќе тркачи, да го надоместам она што го изгубив додека болував, да си ја спасам честа. Но повторно следуваше заплет, непосредно пред Грожнјан (83 км) почна да ме боли другото колено, сега левото, осетив дека не е меко ткиво туку дека се работи за зглобот. Уф, каква сум ти јас среќа, таман се оправи работава. Газев, трчав, форсирав, ама болеше и тоа сѐ повеќе и повеќе.

Стигнав на Грожнјан (83 км), прекрасните волонтерки, додека јас полнев вода, ми донесоа еластична завој трака и ми помогнаа да ги бандажирам двете колена, сега фокусот беше ставен на левиот зглоб на коленото.

Од Грожнјан, до крајот следуваше рамен макадам пат, долг 6 км, а потоа следуваше контролна точка Трибан, па 5 км подолу доаѓаше градот Бује, претпоследната контролна точка која се наоѓаше на 91 км. На овој дел во должина од 11 км цело време трчав, патот беше рамен со ниски угорнини, така што тука веќе не се штедев туку газев, заборавив на левото колено, кое болеше сѐ повеќе и повеќе. На секоја освежителна станица земав по една две кришки леб со нутела, кока-кола и парче портокал, сето тоа ми даваше енергија и истовремено ме освежуваше, ниеднаш не се задржав повеќе од 2 до3 мин.

Од Бује патеката кон Витанија (100 км) следната контролна точка поминуваше низ полиња, и сѐ беше толку рамно, и таман си помислил дека полето ќе заврши и ќе се префрлиш на друг дел каде што има нешто друго, патеката повторно те враќаше кон полето. Толку беше досаден овој дел од патеката, што повремено си помислував дека некој намерно за да се зеза со нас ја правел патеката во змијовидна форма да се прекршува по должината на полето и никогаш да не заврши. На 2 км од Витанија, левата нога веќе очајно ме болеше, почнав повремено да пешачам за да ја одморам, но тоа не помагаше. Почнав да се нервирам што ја нема таа Витанија, трчав и одев ми се чинеше со часови, но Витанија ја немаше. Одвреме навреме ќе здогледав друг тркач пред мене ќе се мотивирав да го стигнам, но колку јас и да сакав ногата не даваше. Едвај стигнав до Витанија, остануваа само уште 5 км до целта, за да се мотивирам си поставив цел да стигнам под 17 часа, но левото колено не попушташе, ме фрлаше во очај. Комбинирав малку трчање, малку одење, па пак трчање, но сето тоа траеше до бескрај, Умаг се гледаше но сѐ уште беше далеку, видов двајца пред мене се обидов да се мотивирам да ги стигнам, но не одеше. Некаде на 1-2 км од целта, многу блиску до влезот во градот Умаг, ме поминаа двајца кои имаа баш добро темпо. Двајцата кои беа пред мене видов дека се во тешка криза едвај одеа не се ни обидуваа да трчаат, целата ситуација, двајца ме поминаа, ама можам и ја да поминам двајца, ме мотивираше, стиснав заби и почнав да трчам. Левото колено ме болеше, па се обидував да трчам превиткан и со пренесување на товарот на десната нога. Не ми одеше никако, но решив да трчам до целта без оглед на болката, сепак целта не беше далеку. Ги поминав двајцата пред мене и добив мотив, се приближував до целта и конечно успеав, ја поминав, им дојде крајот на сите мои маки, на сета агонија, на борбата сам, против себе. Завршив за 17 часа и 12 мин. Според официјалната статистика на трката и покрај болката, патеката од Опртаљ (71 км) до Бује (91 км), во должина од 20 км, сум ја поминал за 2 часа и 44 мин., патеката од Бује (91 км) до Умаг (цел-105 км) во должина од 14 км сум ја поминал за 1 час и 52 мин.

 

Воопшто не бев уморен или истрошен како на други трки, немав никаква болка, грч во мускулите, ниеден дел од моето тело не беше вкочанет, ми беше криво што поради повреда на колената, не успеав да се истрошам како што треба и да ја остварам зацртаната цел, да ја поминам патеката за 14-15 часа. Но тоа е тоа, да ми помине ‘рскавицата на левото колено па ќе има и догодина трка, ќе има и други трки.

Веднаш по пристигнување на целта се слушнав со Тако, ми кажа дека е некаде пред 110 км, дека го боли десната нога и дека ќе се откаже. Се обидов да го мотивирам, но можев да почувствувам дека му е навистина тешко, на крај му реков дека тоа е негова одлука. Додека се туширав, хидрирав и средував, Тако си дојде. Следуваше добра лапачка по забавата (after party) организирана од организаторите на трката, а потоа и ние со цимерите си направивме слична забава со паста и пиво.

Наредниот ден го чекавме доделувањето на наградите, а потоа го фативме патот под нозе, во Скопје стигнавме во 3.30 часот во понеделник.

Мојот впечаток е дека оваа трка беше најдобро и најпрофесионално организирана трка на која сум учествувал, особено поради маркацијата, која беше идеална за ноќни услови. Знаменцата беа ниско по земја поставени, на нив имаше флуоресцентни коцки и беа поставени на секои 50 м. Немаше шанса човек да ја промаши маркацијата. Освежителните станици имаа сѐ и сешто, можам слободно да кажам дека ништо не недостигаше, освен соодветна медицинска помош. Иако вредните волонтери и волонтерки се потрудија и тоа да го надоместат колку знаат и умеат. Бруталната патека во првиот дел ги уби моите колена и ме оддалечи од успех, но се гледаме и догодина. Знам дека сите сакаат слики од теренот, но за жал јас додека трчам не сликам, си имам други борби, поради што длабоко ви се извинувам на сите.

Автор: Александар Симјаноски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram