23.01.2015

Јурук trail 2015

Почна новата година, со тоа и новата сезона групни трчања / тренинзи - како подготовка за новите предизвици зацртани во плановите за оваа 2015 година.

Желбата да се посети овој регион си тлееше од порано и најавата за слободен ден со релативно добра временска прогноза намами една група од 10 трчачи и 2 планинари да појдеме во раните утрински часови во недела (18.01.2015) на периферијата на градот Штип  и да се впуштиме во нова авантура.

Рано утро, некои од градските улички подмрзнати. Наскоро излегуваме на асфалтниот пат кој води кон с. Шашаварлија - минуваме покрај манастирот Св. Недела.

IMG_9489

Се искачуваме уште малку погоре па скршнуваме во лево - off road. Во правец на долината на Благова река. Оваа област - пониските делови на Плачковица - е карактеристичен со повеќе ридови и длабоки долини или кањони, од кои некои се многу живописни, со повеќе мали и поголеми водопади и слапови. Рано е и патеката е супер стврдната - односно нема кал, а на некои места трчаме по снег и по мраз.

Долот на Благова река го минуваме бргу дека за денес имаме подалекусежен план. Се упатуваме по прекрасен терен за трчање кон селото Радање. На моменти сме убаво осветлени од сонцето.

IMG_9495

Пред Радање прескокнуваме мала рекичка и имаме средба со група кучиња, но без некој проблем. Минуваме низ селото, се поздравуваме со некој од домаќините и продолжуваме со трчање во правец на археолошкиот локалитет Баргала. Пред Баргала не чека преминување на неколку ракавци на Козјачка река по принцип - од камче на камче, па малку шлап во вода... генерално добро минавме.

IMG_9506

Локалитетот Баргала е многу убав а и добро е уреден - приод, табла. Подоцна ни се приклучи чуварот кој ни даде добри објаснувања за она што гледавме. Главните остатоци се од антички град од 4-5 век од нашата ера. Бил доцноримски воен логор (каструм). Подоцна станува епископски град и остатокот од големата епископска црква е навистина импозантен Има остатоци од бањи (голема и мала), резервоар за вода, делови каде се правело вино, се правело стакло и се топел метал, складишта за жито во големи ќупови... Да беше потопло ќе заглавевме, но моравме да продолжиме со нашиот пат.

IMG_9513

Се враќаме во правец на Радање но над селото вртиме во лево и го фаќаме сртот на ридот - трчаме по трева - понекогаш паралелно со асфалтниот пат. По неколку километри се одвојуваме надолу - во десно и се упатуваме кон двете јуручки села - Курфалија и Оџалија. За јуруците - остатоци од турскиот народ кој се доселил тука во 14 век - можете да прочитате повеќе. Мирен и вреден народ кој живее изолирано во некој свој свет. Но - ете имавме контакти со некои од нив - се гледа дека дошла модернизацијата до веќе и до нив - помодерни автомобили, иако ги има и оние фамозни мотори MZ.  Поразговаравме - не прашаа од каде сме тргнале, каде ќе одиме. По патот кон овие две села времето се наоблачи многу, почна да роси, а и некое ветерче се појавуваше.

IMG_9521

IMG_9530

Се спуштаме под селото Оџалија до коритот на реката која сега е скоро без вода, но корито на места широко и по 50 метри и сосема рамно - што укажува дека има времиња кога од горе надоаѓаат силни порои и носат се пред себе. Трчаме по песоливата земја и камења надолу неколку километри. Дождот сега си врне поконстантно. Пак прескокнуваме она што е останато од реката и почнуваме со стрмно искачување по лизгав каллив терен кон село Горни Габер. Веќе врне посериозно и секаде газиме кал. Имаше и по некое лизгање и паѓање во калта.

Над селото решаваме по хитна постапка да се упатиме назад - пропадна идејата да одиме и до селото Никоман. Патешествието продолжи - сега правиме мала авантура - импровизираме сечење на патеката и се надеваме дека ќе најдеме пат. Со користење на GPS-от и веќе изграденото чувство за терен, успеваме да се качиме на главниот срт на овој дел од планината и потоа да се спуштаме надолу. Тука следеше еден убав кањон во кој на долниот дел наидовме на еден убав и полузамрзнат водопад. Мики се симна под него да го фотографира.

IMG_9541

Потоа заедно до делот на патот во близина на Благова река па уште некои 5 километри назад по веќе сосема каллива подлога до Штип.

Се подсредивме малку и потоа се среќаваме со нашите колеги планинари во еден ресторан за мерак - "За мерак" каде се загреваме малку и со задоволство разговараме за убавото искуство од изминатиот ден. Изминавме 38 или 39 km со околу 1300 метри висинска разлика. И посетивме убави и интересни места, што ни беше особено драго.

IMG_9544

 

 

 

 

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram