14.02.2014

Фани го сивото зајче – 2.2.2014

Датумот на кој се одржа овој настан го донесе и ова име но и варијантата да се појде во бања по трчањето... Како и многупати досега на името кумуваше Трајче, а негов предлог беа и двете варијанти за овој ден, една пократка и една подолга. На моја огромна радост по толку време поминато трчајќи на овие патеки овојпат се појавија десетина луѓе (пет дена во неделата трчам по овие предели и најчесто сум сам). Уште од стартот се поделивме во две групи, во првата беа Трајче, Софија и Тања, а во втората Александар, Јовица, Здравко и штипската екипа Мики, Ристе, Влатко, Миле и јас.


На стартот од кај средното медицинско

Во прв план беше да истрчаме некоја солидна должина, нешто над 30 километри. Воден од таа цел решив малку да се „прошетаме“ по ридовите па од медицинското школо тргнавме кон чешмата Курт Бунар (444 m). Следуваше искачувањето на Калисибар (577 m) и потоа краток стрмен спуст по што се упативме во правец на село Долани (373 m). Една убава козја патека (singletrack) води до чешмата пред самото село. На одредени места патеката е обрасната со трње поради што паднаа и неколку шеги дека тоа е така бидејќи ретко трчам. Во селото Долани се сретнавме со првата група и ја искористивме можноста да направиме една заедничка фотографија. Морам да напоменам дека во текот на целото трчање бевме во постојана комуникација со новите „воки-токи“ станици.


Прекрасни патеки за трчање


Селото Долани под нас


Целата група во селото Долани

По Долани следуваше селото Љуботен (544 m). Тргнавме по еден широк земјен пат кој нѐ одведе до самиот асфалтен пат Штип-Радовиш. Поради тоа моравме да се искачиме на Љуботен користејќи го асфалтниот пат што води до селото. Таму си дополнивме вода и со поминати 18 км решивме да тргнеме во правец на Штип.


По асфалтниот пат кон с. Љуботен


Црквата „Св. Јован“ во село Љуботен

За да биде поинтересно се спуштивме кон Липов Дол (472 m) и следејќи една од притоките на Отиња излеговме кај Љупчова Чешма. Овде ја изгубивме комуникацијата со првата група која и онака веќе се враќаше. Откако излеговме кај Суитлакот по поминати 30 км, Јовица, Ристе, Влатко и Миле решија да стигнат што побрзо до возилата, а Александар, Здравко и јас се одлучивме за дополнителни 6 км. Па така се искачивме до Струмина Чешма (553 m) каде што повторно се сретнавме со првата група. Од таму повторно тргнавме по една козја патека (singletrack) речиси до самото школо каде што правејќи неколку дополнителни круга за да заокружиме точно 36 км ја дочекавме првата група која имаше 25 км зад нив. За жал ентузијазмот за бањање пропадна, па како опција остана да се појде некаде на јадење.


Поглед кон Липов Дол и над него село Шашаварлија


Штипската тркачка елита


Низ селото Липов Дол

Технички податоци за патеката (за првата група):
Должина: 25 km
Поз. висинска разлика: 880 m
Просечно искачување: 6.2 %
Максимално искачување: 19.5 %



Изминатата патека од првата група (25 km)


Профил на патеката

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram