24.07.2015

Старо Село-Попова Шапка/Љуботен Титов Врв 2015

По минатогодишниот половичен успех на оваа трансверзала решивме да направиме уште еден обид кој за среќа беше успешен. Стартувавме тројца, Јовица Јованчев, Александар Симјаноски и јас, од Старо Село утрото околу 4:30. Љуботен го искачивме за околу 2 часа и 10 минути. До Пирибег си ја фативме патеката која по изохипса води под гребенот и кога веќе се губеше патеката тргнавме во искачување на седлото под Пирибег.

Најголема пречка на оваа мини шарпланинска трансверзала се местата кои што не дозволуваат брз премин како камените блокови во околината на Езерски Врв и местата каде што нема патека па мора да се оди странично. Крајот на овие пречки им доаѓа некаде после Црн Врв од каде што има сингл трек патека речиси до Караниколичко Езеро и целата оваа делница дозволува да се трча со исклучок на искачувањата. За среќа бевме повеќе мотивирани отколку одморени па истрчавме добар дел. Температура на воздухот иако беше пријатна преку цел ден бевме изложени на јако сонце па резервите од вода се трошеа многу брзо. Налетувавме на повеќе поточиња и кладенци, па дури полневме и снег во недостиг од вода. На Караниколичко Езеро направивме една подолга пауза  за разладување на нозете.

SAM_7845

Од седлото на Шереметица се пружа на еден од најубавите погледи кон Горна Лешница, Среден Камен и Плат. Од таму се спуштивме до бачилото кое се наоѓа на широкиот земјен пат кој води до Долна Лешница и изворите на Пена. Овде се разделивме со Александар кој тргна по широкиот земјен пат до Шапка а Јоцо и јас тргнавме во потрага по патеката која води до Горна Лешница. Баравме лево-десно од реката да ја најдеме патеката и следејќи го ГПС записот навлеговме во многу густа шума најпрво лево од реката а потоа и десно од неа. Отакако изгубивме многу енергија и време конечно излеговме на чистина и видовме дека патеката е лево од реката. Тоа беше цената која ја плативме за непознавањето на овој дел. Остатокот пак ни беше добро познат повеќе по тежината отколку по убаината. Следејќи ги маркациите од вертикалот Среден Камен стигнавме на седлото и најмногу поради умора мислејќи дека ќе заштедиме енергија фативме по изохипса наместо по сртот што не чинеше дополнителна енергија и време.

SAM_7848

На Титов Врв бевме точно на стемнување. Претходно договаравме опција доколку се биде во ред до Шапка да одиме преку Бакардан и Антени но поради уморот тоа го направивме преку Вакуф. Речиси целата патека до Шапка ја испешачивме и пристигнавме нешто пред полноќ. Александар беше пристигнал на Шапка во пристојно време, пред стемнување, и заедно со Сандра не пречекаа.

Титов Врв

Прекрасна авантура која се надевам дека од година во година ќе привлече се поголемем број тркачи/планинари. Шара е вистинска мека за вакви авантури. По оваа мини шарпланиска трансверзала се надевам дека за некоја година би биле во можност да ја поминеме целата западната трансверзала.

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram