07.08.2015

Мала Западна Трансверзала

17.07.2015 година,

Мала Западна Трансверзала

(старт с.Старо Село-врв Љуботен – финиш Попова Шапка без Тито Врв, приближно 66-67 км со 4200-4300 Д+)

Се јави Јовица Јованчев (Jоцо) неколку дена пред 17.07.2015 година, доаѓал службено за Тетово, сакал да се видим. Се ослободувам набрзина од обврските, идеме на кафе, доручек, муабет ти реков ми рече. У еден дел од муабетот лудакот ми вика: „А бе лани не успеавме што не успеавме, годинава со Жико (Жикица Иваноски) за една две недели планираме пак да пробаме да ја поминеме Трансверзалата. Ти како си расположен, ќе дојдеш ли?“ Тој лудак, ја уште полудак му викам па ајде бе супер. Само датумот, тајмингот да ми се поклопи, овој месец имам една свадба и плус планирам на одмор да идам. Ми пишува два три дена пред Рамазан Бајрам, вторник ли среда беше, ми вели, а бе петок е Рамазан Бајрам неработен ден, ти си у сабота на свадба, да го напраемо за петок. Оф, маки мој. Како да се организирам толку брзо. Жена - мора да се добие писмена согласност, не знаеш утре што бива ќе ти рече: Кј си бил, ја не сум те пуштила нигде J. Деца - малите човечиња, не се доволно големи, не можат сами, две се и сам човек со нив цел ден не може, мора да се организира некој да помогне во чување. Работа - има време секако е пред одмор ќе се заврши се. Неизвесноста за одење траеше се до 21 часот во четвртокот. Тогаш некако се наместија коцките. Работата беше завршена негде до кај 19 часот. Жената се смилува негде кај 19:30, се нафати и организираше чуда за да има кој да и помогне во чување на децата. Дури делумно се нафати да дојде со кола до Шапка за да не земе, ако дај Боже успееме во подвигот. Делумно зошто се плаши да вози по темница сама. Бидна. Последен повик до Јовица, „Ало Јоцо идам“. Уф среќа, адреналин, Јоцо ми вика. сабајле во 03 те земам и одиме, правец с.Старо Село.

Мина еден месец по Истра некако лабаво тренирав, што би се рекло појќе не тренирав, отколку што тренирав. Во Прилеп на Momata Rock, поминав убаво. Ама сепак од после Истра немав километри во нозе. Имав многу обврски, малку време, па трчањето доаѓаше на крај. Се решив дека ќе трчам на Персенк Ултра, Асеновград, Бугарија, па заради тоа последните две недели бев поактивен, трансверзалата ќе се погодеше како убав тренинг. Се се поклопуваше како треба, арно ама: Дали бев спремен? Должина, висина, недопрена природа, постојано над 2000 мнв, најблиску цивилизација на 10 км остро спуштање, а некаде и на 15-20 км,  без поддршка со она што ти е во ранец, без освежителни станици, тим позади, без сигнал на моб. или радио станица. Но со желба, волја, сила од внатре, и со мислите на најблиските, на тимските другари и поддржувачите дека се ќе биде како треба.

Рано утро 04:30 с.Старо Село, старт битката, агонијата почна.

 

66-67 км со 4200-4300 Д+ , приближно од причина што не носев ГПС уред, се одвоив од Жико и Јоцо, не одевме по истата патека од Долна Лешница до Шапка, па по некои наши калкулации е земена таа вредност како таква.

Во врска со теренот, и патеката подетално има во извештајот на Жикица Иваноски http://astrajon.blogspot.com/2015/07/17072015.html?spref=fb . Па нема да се повторувам. Како ултра заедница функционираме и учиме преку споделување на искуствата, со цел да не се повторуваме во мојов извештај одбрав да пишувам повеќе за тоа што ми се случува во главата, а поради заинтересираност ќе пишувам малку и околу храната, облеката и опремата.

 

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ: не сум доктор, нутриционист, експерт за преживување, горски спасител, немам лиценца за водич во планини, алпинизам итн. Јас сум самоук, се едуцирам со читање книги и извештаи од други ултраши, планинари, со споделување искуства со нив, со експериментирање врз себе и со себе. Од таа причина би замолил сето што е напишано во врска со храната, облеката и опремата, да се земе како мое лично искажано мислење, искуство или став, ама не и како СОВЕТ. И би предупредил ништо од напишаното да не се применува без резерва. Затоа што секој потег, одлука и подвиг носи можни последици по здравјето или во најмала рака некои опасности кои секогаш зависат од ситуација до ситуација, а не сакам и нема да сносам одговорност за нив.

 

Екипата во 04:30 на старт во с.Старо Село.

1

 

Во правилата на сите Планинските Ултра трки кои се организираат секогаш има предвидено неколку ствари кои се задолжителна опрема. Задолжителната опрема на секоја трка е различна, но во принцип најчесто како задолжителна опрема се предвидени: челна лампа со резервен пар батерии, астро фолија, шушкавец, резервоар на вода мин. 1 литар, некои трки предвидуваат медицински материјал (завои, фластери, гази, средство за дезинфекција итн.), ракавици, капа, опрема со долги ногавици и ракави, храна околу 1000 калории, итн. Анализа на овие правила на игра те упатува на тоа дека без некои работи едноставно не смееш да си дозволиш да појдеш на долга дистанца по планина. Ако се пропишани како услов на трка, тоа не е за бадијала пропишано така, мора да има зошто. А посебно ова важи за некои работи кои како задолжителни се пропишани во 80-90 % од трките. Мојата опрема, облека и храна, ја скоцкав водејќи се од искуство, и желбата да се има од се по малку при рака. На наредниве слики ќе биде прикажана комплет храната, опремата и облеката со образложение за се. Ниту еден од прикажаните производи на сликите, не го рекламирам, ниту пак сакам да го препорачам, едноставно тоа сум го имал дома, тоа ми се нашло во моментот при рака, тоа сум го зел со мене. Некои работи се земени затоа што сум сметал дека би ми биле најпогодни за потфатот, а некои затоа што се покажале на трки како корисни и потребни.

2

Слика бр. 1

 

Слика бр.1 – опремата на мене. Стандард клупска маичка од синтетика, синтетика гачи, синтетика шорц, чорапи со некоја стандард висина до под колено (синтетика со памук), ранец 10 л, две шишиња вода од по 0,6 л, челна ламба и ракави за на раце.

Лично повеќе сакам памук, затоа што е попријатен за носење, не мириса лошо како синтетиката, но за жал тешко се суши. Поради тоа со тешко срце се навикнав на синтетика и сега ја користам, особено високо на планина и на трки каде некогаш е поважно побрзо да се исушиш и да бидеш сув, отколку облеката да ти е пријатна за носење. На тренинг е сосема поинаку, за време на тренинзите најчесто носам памук.

Ранецот од 10 л, до сега се покажал како многу практичен и корисен, има доволно место за се. Лесен е и немаш простор да претераш. Овој има комбинација на два џеба напред, што овозможува во нив да се стави гелови, барови, бомбони, пилули итн. Кои ќе може да се јадат, користат, земаат без застанување, без вадење на ранецот, во од што се вика. Проблем е што само еден џеб е со патент, а другиот не. Па можно е дел од стварите ставени во џебот без патент да испаднат, поради што побитните работи ги ставам во џебот со патент. Иако морам да напоменам дека една година активно го користам ранецот и до сега не се случило нешто да падне од џебот без патент.

Може делуваат смотано, но откако сум почнал да трчам користам само вакви чорапи. Меки ми се на нога, не ми прават жулеви ниту кога се суви, ниту кога се мокри. Ако ми е топло, ги спуштам ниско долу до патика, ако ми е ладно може да ги издолжам нагоре и ми е се потаман. Никогаш не сум пробал, бар не во битни моменти да трчам со друга чорапа, едноставно немало потреба од тоа.

Ранецот има опција за носење меур со вода или шишиња. Откако го зедов овој ранец, користам само шишиња за вода. Порано користев меур, но се покажа како не практичен. Кога носиш меур секако мораш да носиш и шише, ти треба за електролити. Некои трки бараат како задолжителна опрема да имаш шише. На среде трка кога јуриш по некого, по сам себе или по времето, мора да го симнеш ранецот од грб, да го отвориш меурот, па да полниш вода. Често се случуваше на брзање да не го затворам добро, и цела вода да ми се  истури во ранец или низ грб. Исто така понекогаш едноставно ми предизвикуваше мачнина во стомак да пијам вода од цревото, посебно кога ќе станеше многу топло, водата замирисуваше на пластика, на мувла имаше гаден вкус од кој стомакот ми вриеше како пред повраќање. И башка самиот меурот е тежок за одржување после употреба, многу тешко се пере, мие, брзо пожолтува и позеленува. Според мое искуство во шишињата водата никогаш не го сменила, ниту го менува вкусот. Лесно и многу брзо се полнат и празнат, и тоа без многу застанување и губење време. Снег не може или многу тешко е да се стави во меур, многу полесно е да се стави во шише.

Во текот на овој потфат, во делови каде немаше вода, а имаше снег, наместо вода стававме снег во шишињата, го топевме па пиевме. Како искуство од потфатот можам да кажам дека пластиката на шишињата беше од полза за гребење на стегнатиот снег, кој без многу мака како што го гребеш влегуваше во шише. Исто така интересно беше што иако беше многу топло снегот во шишињата тешко се топеше, посебно во тоа шише во кое немав ни капка вода. Снегот многу полесно стануваше вода кога беше измешан со малку вода која ја имав во другото шише. Што би не навело на заклучок дека колку и да си жеден иако имаш снег за да можеш да отпиеш некоја голтка вода, дури и во лето ќе мора да си почекаш. Снегот не дава моментален ефект во заситување на жедта како што тоа го прави протечната вода во ладните изворчиња и потоци.

Ракави до сега сум користел два пати. Прв пат ги користев во Мариово, но повеќе за да бришам пот со нив, отколку за загревање. Овој пат размислував дека ако биде ладно во комбинација со маица и шушкавецот добро ќе дојдат како замена за блуза со долги ракави. Наместо заштита од ладно, се покажаа како добри во заштита да не ми изгорат рацете од сонцето, а при редовно нивно квасење со ладна вода и како добри за разладување на жешкото сонце.

Шорцот и маицата се стандард и за нив нема многу што да се зборува. Челната ламба е 90 лумени, никогаш до сега, а ја користам веќе две години не ме изневерила и се покажала како супер. На долга дистанца, не знаеш колку ќе заглавиш, кое време ќе те фати, колку денови и ноќи. А по ноќ кога си уморен и истрошен тешко се оди со челна ламба, а не без неа па затоа редовно носам една и резервен пар батерии. Ако батериите во ламбата се нови не користени, заедно со резервниот пар, мислам, моја проценка е дека имаш во себе осветлување барем за 2-3 ноќи, што е повеќе од доволно да се снајдеш за да дојдеш до цивилизација, контролна точка итн. Всушност токму затоа во 100 % од трките како задолжителна опрема е предвидена челната ламба и резервниот пар батерии.

3 4

Слика бр.2

Слика бр.2 – патики. Единствениот погрешен избор на опрема. Стапалата ми го видоа пеколот. Не дека оваа патика не е добра, добра е, ама за 5-10 км тренинг на траил, а не за трансферзала од 70 км, по суров терен. Ги имав трчано и на Истра цели 50 км, и таму се покажаа како пекол за моите стапала. Оваа патика е за тренинг, не е за сериозни работи и не може да е замена за она вистинското. Арно ама друга опција немаше. Заклучок, скапи или евтини, дома или во странство за трка и за вакви сериозни потфати како Трансверзалата мора да се земе профи патика, колку и да кошта. Не му препорачувам никому да експериментира и импровизира со изборот на ова парче опрема. Искуството ми покажа и не само од Трансферзалата, туку и од трките претходно, дека без сериозно квалитетна патика едноставно не може, таа е најважниот дел од опремата, без се, се може, ама без добра патика не.

5

Слика бр.3

Слика бр.3 – резервна опрема. Нараквици, резервна маица, резервен пар чорапи, шушкавец и марама. Оваа опрема освен шушкавецот и нараквиците не би ги носел со мене на трка, вообичаено таа е дел од дроп-бег и ти овозможува да се најдеш во суви и чисти алишта на среде трка. Вообичаено по изминати 50-60 км, и по помината ноќ во осаменост низ планините. При што барем кај мене промената на алиштата, заедно со топлата храна и утринското сонце давало ефект и чувство на свежина, на ревитализација на сите функции. И многу често било  пресудно за да ги надминам сите кризи што ме удирале, и да се повратам во трката појак од претходно.

Нараквиците и шушкавецот се земени за заштита ако залади или заврне за колку толку бар одреден период да се остане сув и топол. Ниеден шушкавец не овозможува сто посто заштита и заштита толку долго колку би сакале ние, на крајот секако ќе си накиснат, ама што подолго те штити толку подобро. Ова што е прикажано е подобро од ич. J

Маицата исто така за во случај ако залади за да може да ја извадам од мене испотената и мокра, и да ја заменам со сува при што колку толку барем определен период да се биде сув и да е топло.

Марамата во случај на заладување, би ја користел како капа. Полесна е, и полесно се пакува од капите, при што зафаќа и помалку простор. Дополнително освен како капа остава простор и за други начин за употреба, па затоа се решив за марама наместо за капа. Иако морам да признам дека до сега не сум ја користел во ладно и не знам каков би и бил ефектот. Сум користел марама само кога пука сонце, па можам да кажам дека натопена во вода се покажала како многу добра за освежување и разладување, и за заштита од силината на сонцето врз главата. Тоа е поради тоа што подолго останува мокра и подолго ја држи влагата на глава, при што го намалува ефектот на сонцето. Многу често поради топлината на сонцето ме боли главата или за време на трката или по трката. Најдобро решение до кое сум дошол е токму топењето на капата со вода, ако капата со вода ја замениш со марама добиваш многу пати подобра заштита.

6

Слика бр.4

 

Слика бр.4 – медицина. Парацетамол, аналгин, активен јаглен, линекс, магнезиум, електолити, Ц-витамин, Газа, завој, влажни марамчиња со алкохол, фластери.

Парцетамол и аналгин - за снижување на температурата, при треска и намалување на болката. Аналгин мислам, ако добро се сеќавам дека еднаш имам пиено на некоја од првите трки, и од него толку ми се смачи, толку ми беше тешко во стомакот, што оттогаш никад не сум ги употребил, секогаш ги носам со себе. За не дај боже, ама не ги употребувам, едноставно се препуштам на болката и пробивам низ неа.

Линекс и активен јаглен – сум читал дека многу често им се дешавало на тркачите на ултра трките да добијат пролив. Мене често ми се случува пред настан или на почеток на настанот стомакот да им игра, да ме врти како кога доаѓа пролив. Често пола ден пред трка лапам јаглен една, две дози, чисто префентивно, и до сега не се случило на трка да ми се појави пролив. Бидејќи за време на трки и вакви настани пием вода од сегде од вир, извор, поток, река, снег, без оглед на нејзиниот квалитет и бактериолошка исправност од каде и да е, само вода да е, имам навика и по настаните да лапнам една две дози чисто поради чистење на организмот. Што би не довело до заклучок дека за стомачни тегоби линекс употребувам ретко, а јагленот редовно, иако не сум до крај запознаен со неговите ефекти, убеден сум дека е магичен лек за чистење на стомакот.

Електролити -  имам пробувано најразлични варијанти, најразлични производители, имам пиено се и сешто. И сите ми биле или блуткави, или ми правеле таква мачнина што мислам дека нивниот ефект против дехидрација бил помал од негативниот фактор на мачнината. Фала му на Јовица Јованчев што ми кажа за оваа варијанта за Мулти Комплекс, мислам дека овие ми се барем на мене најпогодени. Не ми создаваат мачнина, и според мене што е уште поважно, ми предизвикуваат ждрекање, ефект како кисела вода, кое ме олеснува, ми го ослободува стомакот кога е во грч од храната која е набрзина изедена, од грч поради недостиг на тврда храна, или мачнина од благите (шеќери) кои ги јадам. Во текот на подвигот испив само едно кесе Мулти Комлекс.

Магнезиум – за да не дојде до грч во мускулите. Иако не сум сигурен дека баш има некој посебен ефект, како и да е, ако се препорачува, едно до две пакување, не е проблем да се лапне.

Пилула Магнезиум, Цинк, Калциум и Д-витамин – Ја нема на сликата за време на подвигот ја лапнав последната од шишенцето. Ефектот треба да и е ист или сличен како на кесенцињата со магнезиум, да оневозможи грчеви во мускулите. Стварно не можам да споредам и да дадам прецизна проценка кога е подобро со или без нив. Но со оглед на тоа дека немам слушнато или прочитано за постоење на некое позначително негативно дејство, користам една до две пред и за време на трка. Но никогаш повеќе од две.

Ц-витамин – неговиот кисел вкус знаел да ме рассони, да ме освежи. Кризите кои ги доживувам во текот на ноќта, најчесто се поврзани со потребата за сон. Поради што за време на трките го користам особено во текот на ноќта, со цел да ме рассони, да ми го растера сонот од очи. Нема бог знае колку јак ефект, ама до сега не сум нашол нешто што би можело да биде попогодно и посоодветно. Знам дека можеби кафе е решение, ама не на секоја трка и на секоја освежителна станица го има, па поради тоа не можеш да се потпреш на кафето. Башка на голем замор, оптоварување на организмот, мислам дека кафето само би предизвикало контра ефект. Кога е многу топло, жешко преку ден, лижењето на еден Ц-витамин во комбинација со ладна изворска вода знае да биде еликсир против изнемоштеноста која се јавува поради топлото време. На подвигов очекував жештина затоа и зедов Ц-витамин, но не употребив ниту една таблета.

Влажни марамици – на база на алкохол, антибактериски за дезинфекција и за по голема нужда.

Завои, гази, фластери – заради бандажирање и привремено санирање на некоја повреда. Посебно фластери се добри при појава на жул на некој од прстите на нозете, со цел колку толку да се овозможи некое полесно движење. За време на трка никогаш не сум користел ништо од ова, и не дај боже да користам. Да бидам искрен 80 % од ова не ни знам да го употребувам, но сепак секогаш, ама баш секогаш ги имам со мене. За не дај боже.

Алуминиумска фолија – секогаш имам со себе, никогаш не сум ја употребил, исто така не знам кој е, или кој би бил нејзиниот ефект. Искрено не ни сакам да дознам. Иако по тоа што сум го слушнал или читал, треба да го заштити телото од губење на топлината при стоење во место подолго време, како на пример во случај на повреда поради која не може да се движи.

7

Слика бр.5

 

Слика бр.5 – Храната. Јоцо требаше да ме земе во 03, бев станат во 02:30 додека дојде Јовица испиев шолја нескафе (две лажици кафе, три и пол или четири лажици шеќер), изедов малку помалку од 1/8 бурек (го оставија децата од вечерта) и две од овие крукчиња (не им го знам вистинскиот назив па ќе ги крстам крукчиња) со ориз, прикажани на сликата. Спакував три вакви крукчиња, едно смоки кои ги ставив внатре во ранец, два бара како овој на сликата, едниот го ставив во џебовите на ранецот, а другиот внатре во ранец. Две пакувања на гроздов шеќер, и мислам дека беа 5 вакви блок еуро крем чоколатца, беа ставени исто така во џебовите.

Имав три пакувања на мулти комплекс, но само еден од нив беше во џебовите и само него го испив, и тоа од после Пирибег натаму. Ова беше така од проста причина што до Пирибег немаше јако сонце и насекаде околу нас имаше вода. По Пирибег, до негде пред Кобилица, вода немаше ниту за лек. Едвај да имаше за да се раствори и овој мултикомплекс, се снаоѓавме со топење снег и мраз, а сонцето убиваше, што би се рекло ја трошеше секоја капка вода која ја имавме испиено претходно. Затоа сметам дека токму во овој момент беше време за мултикомплексот, колку толку да овозможи течност да поминува низ сувата уста, да овозможи замена на солта која се губи и да спречи понатамошно губење на соли и течности кои би довеле до дехидрација и губење на сила подоцна во текот на денот. Се покажа како правилна одлука, затоа што не почуствував губење на силата поради недостиг на течност. Кога повторно имавме вода во изобилство, се беше полесно, едноставно се топиш во ладните планински извори и потоци, пиеше, се миеш, се разладуваш уживаш. Не можам да дадам ни приближна проценка за количината на испиена вода, бидејќи не секогаш пијам од шише, некогаш пијам од раце, некогаш директно се наведнува со уста на изворот, се зависи од пристапот до изворот и расположението.

Смокито и крукчињата беа поделени на три дела (доручек, ручек и вечера). Хахаха. Смоки, Зошто смоки? Зошто се солени, мрсни и ваљда поради тоа што имаат и некоја калорична вредност. Идејата за смоки ми дојде кога вечерта пред тргање видов како децата ги јадат. Во тој момент не можев ништо да купам, ништо да спремам, се што можев е да се снаоѓам со тоа што го имав на располагање, а имав смоки, и тоа е тоа. Дополнително што за време на ваков подвиг не можеш цело време да си на слатка храна, мора да пресечеш и со нешто солено. Сметав дека тоа ќе биде и еден интересен начин да се врати малку сол во организмот. Хахаха. Се покажа како добра одлука. Доручек 1/3 смоки и кругче нешто малку пред Пирибег. Негде околу пладне ручек втора 1/3 смоки и кругче. На Долна Лешница, откако се одвои од Жико и Јоцо, трета 1/3 смоки и кругче. Јако нели? Последната третина и кругчето на Долна Лешница мислам дека ме препороди, ме оживеја и ми овозможи патот од Лешница до Попова Шапка (13 км со 720 Д+) да го минам за нешто помалку од 2 часа.

Со цел да ми даде сила и да ми замени нешто од изгубеното негде после Пирибег мислам беше на качување кон Езерски лапнав еден од баровите тој што го имав во џеб. Попатно си лапнував од време на време чоколатца и гроздов шеќер. Гроздов шеќер имав по дома во два различни вкуса, ваков како на сликава и од вишна, затоа што се по малку кисели, а киселото на топло време знае да освежи. Гроздов шеќер ми е откритие со кое ме запозна Жико, лесно се пакува, не мора да се џвака и гризе, лапни голтни, а веројатно има и некоја калорична вредност штом и на него се може. Чоколатца изедов 4, петтото си го чував за добредојде на Шапка. Вистинска посластица беа дивите јагоди кои ги најдовме над Долна Лешница, изедов околу една шака.

Искрено многу појќе ќе сакав со мене место смоки и кругчиња да имав, лепиње, ќебапи и ладно пиво. А место мултикомплекс, телешка или пилешка супа, шопска салата и Пелинковац со една коцка лед. Место крем блок чоколатцата и гроздовиот шеќер, трилече со топка сладолед од лешници. Ама тоа едноставно ниту можеш да го носиш, ниту да го пакуваш, ниту го бива на топлото време. Дополнително што таква храна ќе ти овозможи комфор поради кој нема ни да сакаш да стигнеш на целта. Тоа може да ти остане сон и награда за успешно стигнување на целта. Ајде да речеме мотив, побрзо да завршиш работа, побрзо да си дојдеш на целта и да уживаш во хедонистичко заситување на твоите апетити. Нека не се лутата Јоцо и Жика, ама ја дечки додека вие патевте, се потевте, се губевте, се кршевте, ве мислев, ве чекав, и имав време и за Слика бр.6 – Хедонизам.

8

Слика бр.6

 

После подвигот најмногу прашања беа поставени за храната. И сега околу ова ќе напишам ред два мој став. Не сакам да бидам сфатен погрешно ги почитувам сите, така што нека не ми се лути никој ако се најде повреден од пишаното. Не сум вегетаријанец, ниту веган, не знам дали некогаш ќе станам тоа. Мислам дека нема, но никогаш не се знае. Според некои статистики 70 % од ултра заедницата се вегани или вегетаријанци. Лично не подржувам такво нешто. Мислам дека еднаш во извештајот од Истра, 2015 година, ова го имам кажано, ама сметам дека е соодветно да се повтори и овде. Според мене за добар настап на ултра, за добар резултат, освен што треба со нозете да тренираш трчање, психички да се спремаш дека дистанцата ќе ја поминеш, треба да го спремаш и стомакот. Да го спремиш стомакот значи да го научиш да се засити со малку. Анализирајќи по некој извештај, или по некој ултраш околу храната и исхраната за време на трка, но не од стручен, туку од мој лаички аспект. Сум заклучил дека успешните го можат токму тоа. Со малку да се заситат и да бидат долго време во функција. Како луѓе ние не сме ништо друго туку лакоми. Имаме навика да претеруваме во се, па и во исхраната. Не сметаме дека сме се најале, ако стомакот не ти прска, не ти е подуен. Ако земеш да читаш верски книги за постот, ќе видиш дека постот е спротивно на тоа. Постот покрај другото е и дисциплина во исхраната, нема и не смее да има прејадување, нема и не смее да се јаде лакомо и превише. Умерено, малку, толку колку да не си гладен. Е токму тоа е и ултрата. Да ти треба храна, ама умерено, малку, толку колку да не си гладен. Со подуен стомак, прејаден не се трча ултра. За да трчаш ултра не ти треба многу храна. Зошто ти е? Многу храна е само наша лоша навика, наша завист, наша болест. Се сеќавам на моите први ултри, во ранецот носев цел леб, сечен на кришки споени во сендвичи со сланина и кашкавал. Се плашев да не останам гладен. Носев лименки кока кола, ред бул, по две цели чоколада, на трка идев како на пикник, на прослава за Нова Година. Ранецот ми беше потежок од торба на прво одделенец. Цело време мислев само на храната, кога ќе се јаде. Господе Боже како да сум дошол на трка кој појќе ќе се најаде. Почнав со моите сендвичи да сум смешен, а почнав да забележувам и дека на трките во просек на секој 10 км имаше по нешто да се јаде. Се откажав од носење на толку храна.

Место храна, реков ќе носам гелови, почнав со по 8-9 гела. Арно ама сега нов проблем. Немам храна, на гелови не оди, не ми е доволно тоа на освежителна станица, стомакот празен, цревата кркораат, од концентрацијата на шеќер во гелови добивав само мачнина. Се откажав од геловите. Извинете на израз, живо срање, на мене едноставно од нив ми се повраќа и мојот организам не ги поднесува. Само благо не оди, само банани не оди, само леб и нутела не оди. Ќе седнев на контролна точка со топла храна. Лапај до врв полна чинија грав и кубасици, сланина, лапај полна чинија со месо и гулаш, лапај ориз и месо, лапај макарони и месо, лапај тупани се. Најади се, прејади се. После тоа 2-3 часа место подобро тебе полошо. Ти се спие, место да добиеш, нагло губиш енергија. Мачнината место да ти помине, тебе бетер. Доживував по 2-3 кризи на секоја трка од кои една сигурно од храната.

Решение мора да има, ама кое. Ќе читаш, ќе прашаш, ќе пробаш. Кај мене дома пред Велигден сите постат барем една недела. Сум постел и ја, една, две, неколку недели. Годинава пред Истра, решив тоа да биде цел пост 6 недели. Е токму во тие шест недели се научи стомакот. Канонски пост, нема прејадување, нема тешка храна само лесно сварлива, нема многу, нема обилно, два дена во тие шест недели ги поминав само на вода. Да само на вода, без храна. Тешко е работиш, тренираш, се движиш, стомак празен ти се јаде, те жежи и стега желудникот, ама ако си решен тераш. После извесно време ќе се навикнеш, уште поважно ќе сфатиш дека и со помалку се може. Е кога ќе сфатиш тогаш веќе знаеш дека се може. Тогаш веќе ќе го победиш, дисциплинираш и истренираш стомакот. Тогаш ќе може ултра со две-три алви, една две банани, кришка леб и крем, чинија супа.

Точно лесната храна, лесно сварлива, одзема најмалку енергија при варење, тоа значи повеќе енергија за трчање. Ако храната е лесно сварлива, тоа значи дека брзо се вари и брзо ја добиваш енергијата од неа, а ако таквата храна е и со високо калорична вредност имаш полн погодок. Според мене не е до видот на храната туку до количината која се зема, начинот на кој се консумира. Кога јадеш многу и обилно, место да дадеш енергија на нозете ти им одземаш, зошто енергијата оди на варење на храната.

Ако храната е лесна и лесно сварлива не мора да е веганска или вегетаријанска, без оглед каква храна е, нека е и месо ако е во мали и умерени количини е во ред. Иако Месо мислам дека не е баш добар избор за на трка, можеби еден залак два, колку да се вкуси, ама не повеќе. После 60-70 км, исцрпен, понекогаш ненаспан, да изедам пет или десет ќебапи или соодветно на тоа парче, две месо ќе имам најмалку два проблеми, мачнина во стомак и повраќање, или ќе ми се спие наредни два-три саати. Според мене она што се дава на освежителни станици е сосем доволно, на секоја да се земе по нешто по малку, негде пола кришка леб и нутела, негде пола банана, на наредна шака чипс или кикирики, ете ги 3 освежителни во просек по една на 10 км, поминале 30 км. Уште еден таков круг 60 км, пола трка. Таму обично има супа или чорба, ќе сркнеш малку, ќе лапнеш малку леб, после тоа уште еден круг, два круга си дошол на цел. Вкупно си изел една две банани, една две кришки нутела, две-три шаки кикирики или чипс, пола чинија чорба, еве да си имал и некоја бомбона гроздов шеќер, една две алви или еден два бара. Колку си изел? Си поминал ли 100-120 км? Се може ли? Па нормално дека се може.

Заклучокот би бил да се сфати дека и со помалку се може. Но потребно е да се истренира стомакот, за и со помалку да се може.

 

Психа за време на подвигот

 

Да се навратам на подвигот, и тоа што ми се случуваше во главата  за време на истиот. Тргнавме накај 4:30 од с.Старо Село, ведро расположени тројцата. Теренот до Пирибег ми беше познат, неколку пати го имав минато во изминативе година дена, токму со Јоцо и Жико. Нагоре до домот под Љуботен трчавме, разговаравме, уживавме. На почеток малку ти тежат нозете, после се опушташ, доаѓа организмот на оптимална работна температура и шибаш. Почна да не разденува. На домот селфи. Од домот до врв Љуботен патеката е потешка, ама нели сме на почеток од авантурата, се е како треба. Јоцо и Жика напред ја по нив, нели е успон, ја си ги гледам демоните против мене. Ама рано е ништо страшно, се мачиш али на почеток е уште си свеж јак, демоните се мали, слаби, лесно ги добиваш. Лесно нагоре после некое време негде кај 6:30 оп врв Љуботен, уште едно селфи. Можда и не е селфи, Жико го става апаратот на тајмер и се сликаме. Инсистирам на сликање, селфи-мелфи, некако ми е филм интересно ми е, се забављам.

9

Слика бр.7 – селфи-мелфи на Љуботен

Награда за качувањето на Љуботен, спуст по сипарот на другата страна од Љуботен, се качуваш саат време го спушташ за 4-5 мин., лизгаш, леташ, како на скијање. Скок лево десно, еднаш два пати долу на газ. Пу штета што немамстапови, ќе беше уживањето, како на вистински ски слалом. Хахаха. Се симнав прв, ги собув патиките ги истресов од ситните камчиња. Дојде Жико, ги истресе и тој патиките, Јоцо беше далеку, беше внимателен на спустот. Го почекавме малку, кога видовме дека е поблиску продолживме за да не стоиме многу да не се ладиме. Трк, по сингл траил, по исохипса, под Ливадица, кон Пирибег. Овој дел од патеката е преполн со извори, ладна изворска вода насекаде, трчаш, се освежуваш уживаш. Јас го знаев овој дел од претходно, па шибав напред одвреме, на време ќе се завртев да проверам кај се другите, ако беа многу оддалечени ќе подзастанев на некој извор ќе се разладев, па продолжував. Мислам дека бев токму под Пирибег, пред да почнеме да го качуваме, се собравме сите тројца, доручкавме. Почна качување кон Пирибег. Повторно редот се знае, Жико, Јоцо, или Јоцо, Жико, па на опашката ја. Не заостанував многу, неколку секунди, можеби 20-30 сек. не повеќе. Не чуствував напор, не чуствував тежина, нозете сеуште беа лесни, Жико знае да влече умерено, лесно, темпо како за сите. Се качивме на Пирибег, повторно селфи, или на Жико апаратот наместен на тајмер. Мое инсистирање, за разонода, уште ми е филм. Додека ја и Жико се сликавме и сликавме. Јоцо си замина, рече дечки мене ќе ми треба појќе време надолу, да не се ладам заминав, па вие ќе ме стигнете. Останав последен да поуживам, во погледот, наградата за качувањето на успонот. Брзо ги стигнав. Сеуште не чувствував замор се уште траеше возбудата.

10

Слика бр.8 селфи-мелфи на Пирибег

 

Имињата на врвовите не им ги знам, па може ќе направам и некоја грешка, ама мислам дека следеше уште еден врв, кој беше со тревна вегетација, а потоа врвот каде што минатата година се откажав. Врвот кој беше карпа и огромни камења по кои тешко и да се оди, а не да се трча. Го качивме првиот врв почнавме да спуштаме, а потоа ново качување, карпите, камењата. Како што се доближувавме до местото каде лани се откажав нозете стануваа потешки, почнаа првите знаци на криза, не голема, и можеби како потсетување на минато годишниот неуспех. Си повторував дека тоа е само флеш од минатата година и дека брзо ќе помине, на успонот заостанав малку повеќе, на спустот беше тешко да се прати и да се стигне групата пред мене, така што нивната разлика во однос на мене се зголемуваше. Мислам дека сега веќе ми бегаа за 2-3 мин. Го поминавме седлото каде лани се одвоив, и долот по кој спуштав се до с.Пршовце. Повторно качување по карпест и каменест дел. Мислам дека на ова качување под забележаа дека малку заостанувам па почнаа да подзапираат. Се пробивме низ карпите, дојде убав спуст не многу технички, негде камен негде карпа, патека и пред тебе ливада зеленило. Само што излеговме на отворено, на сртот од позади нас од десната страна забележав стадо кози, му ги покажав на Јоцо застанавме да ги гледаме да уживаме. И тие трчаа, тренираа, по карпите. Оваа глетка ме расположи, ме наполни, а мислам дека и Јоцо го чуствуваше истото. Жико беше заостанал, а кога дојде доцна беше за апаратот, па не успеавме да ги фатиме козите на слика.

Откако почнавме да симнуваме од Пирибег, нигде не наидовме на вода на изворче, поток, езерце, што и да е. Се само карпи, камења и голина. Се наближуваше пладне, сонцето печеше, а водата почна да недостига. Токму во овој дел се крепев со мулти комплексот. Видов долу две мали езера предложив да се симнеме по вода. Не ни беа во правец на движење, ќе требаше да се направи мал маневар, спуштање па малку качување, ама подобро е со вода, подолго и потешко, отколку без неа. Во далечина, токму во наш правец што се вика на нашиот пат се гледаа остатоци од снег, па мојата идеја не се прифати, договор падна да се застане на некое од местата каде што имаше снег, и да се топи снегот. Оваа одлука се покажа како исправна, да се симневме надолу ќе налетавме на две стада овци, и еденчопор кучиња околу нив, кои можеше да не направат парче. Веќе се отвори патот пред нас, цело време сингл траил, така што сега се движевме побрзо трчавме во поголемиот дел од патеката. На едно место сосема блиску до патеката забележавме снег, ги наполнивме шишињата до врв со него и продолживме. Имаше уште едно искачување, а потоа цело време по тесна патека, по изохипса се до пред Караниколичко езеро. Овој дел од патеката беше создаден како за трчање. На моменти ме нервираше што поради тесното патче, си ги удирав нозете една од друга, направив едно чудо ранички, гребаници и модринки со џоновите од патиките на внатрешниот дел од ногата над глуждот. Овој дел исто така изобилуваше со вода така што ми се чинеше дека најтешкото го поминавме. Некое време Јоцо почна да подзаостанува, да се губи назад позади, неколку пати го под зачекавме кажа дека му било лошо од чоколадцата, се ми се чинеше дека имаше и нагони на повраќање. Го прашав неколку пати дали е во ред, рече нема гајле, па му верував. Ова беше живописен дел во кој на моменти се гледаше рамнината под нас, под Шарпланинските села над Тетово, како и самото Тетово. Прв пат дента почуствував дека сме блиску до цивилизација, се до тогаш се ми се чинеше дека сме залутале на некоја друга планета километри далеку од дома. Далечината на населбите некако како да ми влеваше страв за време на целиот подвиг, кога сега видов населби се беше некако поинаку, полесно. Првпат успеавме да добиеме мрежа на мобилен и да се јавиме по дома. Мораше да признаам дека ја бев најголемиот плачко, најмногу инсистирав на јавување дома. Тука некаде ми стана јасно дека патеката не е 50 км, туку 70 км. Тука некаде сфатив дека нема да завршиме до 17, туку можда некаде околу 21 часот. Мораше да се најави дека ќе доцниме, мораше да се бара помош, од кого ако не од жената, требаше да и кажам да се подготви за да не пречека на Шапка.

Наеднаш дојде височинка ја преминавме се спуштивме надолу и повторно нема, ниту пак гледаш цивилизација во близина. Пак се искачивме на височинка и повторно нема ни траг ни глас од населбите. Некаде пред Караниколичко, се отвори пеколот, моите стопала ме убиваа од болка. Не знам што беше, веројатно до изборот на патиките, но стопалата ме болеа на моменти мислам дека губев и свест. Дополнително левиот табан од внатрешна страна ми беше набиен до мерка што не можев да згазнам на него, тоа беше од причина што цело време одевме по една иста страна на планината, тежината цело време беше само на таа нога. Почна да ми се руши светот. Нозете болеа, должината на патеката повеќе од тоа што јас сум го планирал, ќе се задржиме подолго од што треба. Едноставно криза, го замолив Жико да ми ги даде стапчињата токму на успонот пред Караниколичко, бидејќи без потпора мислев дека повеќе нема да можам. Ми ги даде стапчињата, но и со нив и без нив исто си беше, нозете беа тешки, болеа, и мислам дека вриеја од температура. Тие двајца беа весели се забавуваа лево десно, бараа патека, го бараа Караниколичко. Ми ветија разладување на некој водопади на Лешница, сонував ладна вода на нозете, знаев дека само тоа е лек. Почнаа околу нас да се отвораат извори и потоци, со очи ги гледаш, знаеш дека се ладни, дека тие се лекот, но далеку се и не ни се на пат, па не можеш да појдеш до нив.

Едно време почнав да пцуем во себе, да го барам и претпоставувам позади кој рид ќе биде водопадот што ми го ветија, како ќе изгледа, колку ќе уживам, и колку полесно ќе ми биде после тоа. Но сето тоа не ми помагаше, ако замислев дека е позади тој рид, позади таа кривина, а не беше таму се разочарував уште повеќе. Почнав по врвовите да претпоставувам кој би бил патот до Тито Врв, ама и таа претпоставка ми беше утка. Мислев дека сме блиску, но кога се отвори во далечина мислев дека ми се плачеше.

Си повторував у себе, каква ли будала сум, каква ли будалаштина е ова. Без поддршка без никој нигде, а бе дури и бес сигнал на мобилен, и да сакаш и да треба да се јавиш некому не можеш. Место дома со децата да уживам у нивно друштво, да уживам да ме тормозат, ја по планини да изгинам негде, да останам по планиневе како татко ми. Си јадеш бурек у себе, се бориш со демоните, ти иде се напамет. Си викам арно вика жена ми, седи дома бре, децана не те виделе, не знаа кој им е татко, ќе останеш негде по планинете ќе ги остаеш сираци. Све ти иде у таков момент низ глава имаш доволно време и за себе и за свите, за све имаш време да мислиш, и поарно на такви работе да мислиш отколку на болката. Колку толку да се тргнеш за момент од болката.

Цапа, цупа со штаките како некоја баба, Јоцо и Жико веќе одамна ги немаше на видик па идев само у насока каде последен пат сум ги видел и по интуиција. Преминување преку еден брег малку се спуштам што да видим, ветената земја. Еден поток, рика пред мене имаше негде околу 30-40 см ширина и требаше да го преминам, во далечинана едно 600 м видов во кој правец заминаа Јоцо и Жико, претпоставува во која насока ќе идат. Се изнервирав, се лутеле или не, ме чекале или не, останал овде или не, морав, не можев да одолеам, едноставно посилно од мене. Вадам патики, вадам чорапи, жбрц нозете у најладното кај што течението му е најјако на потокот. Ги потопувам до под колена, и мислам дека почнаа да шиштат како вжештено железо кога ковачот го става во ладна вода да се олади. Многу брзо почна да ме штипе ладната вода, да ме штипе, уживав, благословував. Не ми треба ветениот водопад си најдов ја мој си викав у себе. Мислам дека седев едно 5-6-7 мин. Таман се облеков чорапи, патики, слушнав викање, свирење, ме бараа Јоцо и Жика. Се уплашиле да не сум се изгубил или да не сум останал негде во немоќ. Се качив до кај нив, кј си бе ми викаа не уплаши, кењав им реков и се изнасмеав, а и тие. Ми рекоја качи се побргу да видиш. Кога ќе видиш што ќе видиш, езеро се распослале на езерото, еве ти разлади се ми вика Јоцо. А фала ти му викам, се разладив, ама нема и ова да го пропуштим и правец у вода. Влезе и Жико, Јоцо не слика. Кратко-слатко пакувај куферите Идемо.

11

Слика бр.9 – Ладна терапија за тешките нозе

 

Се качуваме на ридче над езерото се отвора, Титов Врв, Горна и Долна Лешница глетка како од филм, сега ќе мора надолу, а после пак нагоре најмалку 1000 мнв нагоре, остар успон се мислам дали ќе го издржам. Веќе бев доволно здробен, ако продолжев ќе бев уништен, не дека немаше да успеам ќе успеев. Можеби ќе ги успорев малку во првите пола саат, саат, после ќе се соберев и ќе завршев со нив. Правев проценка на силите на теренот.

12

Слика бр.10 – Треба да се спуштиме доле

 

Се спуштавме, а спуштањето не одеше, табанот на левата нога болеше, се обидував да го штедим, ама не одеше. Пред многу години у средно, прв пат бев на планинарење, тоа беше и мој единствен пат кога сум бил на Долна Лешница. Турата идеше преку Горна Лешница, слагаше на Долна Лешница, а оттаму по макадам на кој добро се сеќавам до Шапка. Еден дел од тој пат со Јоцо го трчавме кога идевме на Middle Rock Vertical. Дали ќе може сам да се снајдам, должина може имам колку и они, ама успонот е поблаг, помек со тој успон ќе може да се носам. Се симнуваме кон Лешница, Жико најде јагоди, јадеме по малку. 17 часот и 10 мин. се јавувам на логистика, на Сандра (жена ми). Ќе дојдеш ли на Шапка да не земеш? У колку? Па што знам 15-20 мин. до 20 часот. Не баш на добра волја, треба да вози или да не чека вечерта сама, на Шапка, ми вика ќе дојдем, ама немој многу да ве чекам ќе се стемни. Не и викам таму сум 15-20 мин. до 20 часот. Земи кисела, вода, кока кола, кило банани и еден сендвич со плескавица. Ок, ќе земам. Затварам телефон. Јоцо ми вика, а бе пред 21 тешко, ќе се изначека. Е па и ти ме уби сега, почнав и на неа да мислам како ќе чека сама на Шапка ќе умре од страв. Болката во нозете не се намали. Се, се собра уште една проценка на силите, ако не идам на Титов Врв, полесно ќе поминам, ако идем со нив 23 нема да не опрае. У тој случај заглавив скроз, ќе се скршим скроз, ни на свадба, ни на одмор ќе неможем да идем. Утредента на свадба, а за два дена на одмор. Една тура два правци, потешкиот на име на нив двајца, полесниот на мое име. Ќе има поставено време и на тој правец и на овој правец. Ќе стигнем на Шапка тоа е целта. Уште 1000 мнв, и плус полноќ, ќе биде превише мачно, чист мазохизам. Нема веќе ништо убаво у потфатот. Па има и догодина време.

13

Слика бр.11 - Размислување

14

Слика бр.12 – Кога не оди, не оди.

Се тргам од мислите им викам, мене ми е доста ја нема да можeм на Титов Врв, се надевам не се лутите. На Долна Лешница се делиме, вие нагоре по еден правец ја лево по друг. Имав план да ja дојадам последната третина од смокито и последното кругче, додека се качувам полека нагоре, а после со сета сила до Шапка без застанување. Во ред ми рекоа двајцата, нема лутиш, битно е да се биде искрен, ако проценката на силата тие таа подобро немој. Ќе те насочиме во кој правец треба да одиш, ама патот и ние не го знаеме. Сум бил еднаш одамна веројатно ќе се снајдам. Стигнавме на Долна Лешница, имаше табла со мапа, ја погледнавме. Ми понудија ГПС, ми понудија мобилен, мојот беше на 5 % батерија и беше исклучен. Им се заблагодарив, ги уверив дека ќе бидем ок, се поздравивме и секој во свој правец. Одев нагоре и јадев, од првин одев побавно, потешко, потоа како малку да се загреав и тргнав пооштро и побрзо. Малку болката како да исчезна, малку како да се опуштив, како кризата да помина. Тргнав и размислував колку км пат имам, сметав анализирав, претпоставува негде помеѓу 15-17 км. Анализирав колку од тоа би бил успонот, а колку км, оној рамен терен што го трчавмо со Јоцо пред 9-10 месеци. Си правев математики со времето со успонот, го компарирав со патеката на Јоцо и Жика, знаев дека нивното е потешко, чуствував дека ќе ги фати полноќ, ама си викав мора да запнем срамота ако тие по потешката патека стигнат пред мене. Срамота.

15

Слика бр.13 – Долна Лешница, преминување преку Пена

 

Се мотивирав, успонот траеше, и траеше, и траеше, а рамниот дел го нема. Почна да ме фаќа нервоза, со мисли во главата кај Сандра, се плаши да е сама во темница, особено во место каде има малку или ич луѓе, полно со кучиња и во планина. Форсирав, веќе почнав и да трчам по успонот нагоре и тоа не само некои делници туку се, цело време. Знаев дека успонот завршува каде што завршува шумата и дека оттаму патот ќе се отвори, ќе биде порамен, ќе биде полесно. Го чекав тој момент, теренот да ми пружи рака, да ми помогне.

Наеднаш се отвори, шумата заврши, излегов од долот, патот се искачува но успонот е сосем благ, тукуречи рамно е. Поглед одозгора, кон долот, поглед на другата страна на планината преку долот. Таму бевме само пред еден час. Му се радувам на моментот, му се радувам на патот, Шапка не е далеку, уште само малку. Му се радувам на успехот. Се замислувам како се сликам пред хотелот Инекс.

Уште сега бачилото, крстопатот помеѓу Долна и Горна Лешница. Опа, ете го и Бачилото на видик. Таму внимателно, овчарските кучиња знаат да бидат незгодни вака приквечер. Гледам дека овците не се тука, извадени се на пасење, ако е така, нема да има кучиња. Можеби едно две помали, но не цел чопор. Со едно две полесно се излегува на крај. За секој случај земам два камена во раце. Тежат, ама морам, немам друга опција. Внимателно со лесно трчање поминувам. Видов едно куче, не реагираше на мене, слушнав и лаење во далечина, но видов и еден човек околу бачилото, па сега веќе се опуштив. Ги фрлив камењета. Непотребна тежина, на и така измореното тело. Се брзам, мора да стигнам што порано. Мора да стигнам по ден, Сандра не ќе може сама во мракот и ветив најдоцна 15 мин. до 20 часот. Нозете пуштија, се чувствува вкусот на успехот, се трча со сите сили кон Шапка. Знаев дека по патот треба да идам се до една антена, а потоа спуштање од 5-10 мин. до Шапка. Ја очекував на видик антената. Ја немаше. Ја здогледав. Проценував уште колку километри до таму. Немаше повеќе од 1-2 километри. Конечно антената, излегувам од патот кон десно, мал брег, потоа спуштање. Почнувам да ја гледам Шапка, викендици, хотели, населба. Седнувам на тревата, го овековечувам погледот во моите мисли во мојата глава. Го уклучувам мобилниот, што ќе видам, 19:20. И се јавувам на Сандра, „До кј си?“. На шапка сум пред Тетекс. И не бе толку доле, качи се погоре, чекај ме пред Инекс, биди подготвена да ме сликаш. Аха, ок. „За колку време си доле?“ За 5 мин.

Спуштам, исполнет сум. Успех, авантурата заврши. Се пишуваат страниците на историјата на еден спорт. Во точно 19:25, излагам на платото пред хотелот. Сандра ме слика. Следеше, хотел, освежување, салата, чорба, кафе, трилече, се со сите салтанати. Види слика бр.6. Ги чекавме Јоцо и Жика, ги немаше. Се стемни. Почнав да се загрижувам. Гледав кон Церипашина, гледав во ридовите над Шапка, немаше ништо, само темнина, не гледав лампи. Очекував да видам челни лампи, немаше. Сите чекаа, чекаше дури и персоналот на хотелот и тие погледнуваа одвреме, на време во правец на нивното доаѓање и ме информираа. Едно време ги видовме челните лампи се израдувавме, сите комплетно, Ја, Сандра, персоналот. Одеа во добар правец, па го изгубија правецот и почнаа да се враќаат назад. Се обидов да ги добијам на мобилен да им кажам дека беа добри, но без успех. Нешто пред 23 ч, се слушнавме прв пат, ми рекоа дека ќе се спуштеле на ски лифт Тетекс, кај што е старт на Церипашина Вертикал. Се спуштив со кола на платото пред хотелот Тетекс, здогледав челни лампи, ја извадив и ја мојата и почнав да им мавтам за да им дадам правец. Стигнаа. Конечно. Среќа кај сите. Таму не сакаа да се сликаат. Ги сликав во с.Старо Село.

16

Слика бр.14 – На цел, платото пред Хотелот

17

Слика бр.15 – Жико и Јоцо, по  завршување во с.Старо Село

Автор: Александар Симјаноски

Copyright © Soflyy

Copyright © 2019 TREX

linkedin facebook pinterest youtube rss twitter instagram facebook-blank rss-blank linkedin-blank pinterest youtube twitter instagram